Рубрика: Аудио и видеотехника
Нова, досега нечуена и невидена верзија на албумот „Битанга и принцеза“
Објавено на 01.07.2024 - 19:00

По изминати цели четириесет и пет години, четвртиот, најамбициозен и, според многумина, најдобар албум на иконите на ју-рок звукот Бијело Дугме доаѓа во ново звучно руво, измиксан одново од оригиналните 24-канални ленти што внимателно зачувани лежеле во архивата на Кроација рекордс. Во студиото на Кроација Рекордс, новиот микс го изработил Горан Мартинац, а режењето на новото винилно издание на албумот „Битанга и принцеза“ беше направено во легендарното студио Abbey Road од страна на Шон Меги, тон-мајстор добитник на Греми наградата.

Следејќи го примерот на [албумот] Битлси на Џајлс Мартин, но и светскиот тренд на ремиксирање на големи, легендарни албуми, се одлучивме за опасен потфат, исполнет со предизвици. „Битанга и принцеза“ е секако еден од најдобро отсвирените, најдобро снимените, најдобро миксираните и на крајот на краиштата и најдобрите албуми на просторот на поранешната држава, но новите технологии носат нови можности, така што „Битанга и принцеза 2024“ звучи почисто и поприсутно. Се обидовме да се држиме до оригиналниот звук, оригиналната просторност и оригиналниот баланс на инструментите. На новата верзија на албумот, вратен е и некогаш цензурираниот стих од „Ала је глупо заборавити њен број“ – „...а који ми је мој?“ Во оригиналот, поради техниките на снимање и микрофоните од тоа време, постои многу т.н. 'блидинг', односно мешање на звуците од одделните елементи на тапаните во микрофоните за нивно озвучување, па поради ова оригиналите тон-мајстори, Ник Глени Смит и Раде Ерцеговац, сигурно имале проблеми со присуството и цврстината на самата ритам-секција. Денешната технологија на миксирање во голем дел ни го олеснува справувањето со овие проблеми“, објаснува Горан Мартинац. Ова би значело дека звукот на ритам секцијата на новото издание ќе биде значително подобрен.

180 грамскиот винил “Битанга и принцеза” доаѓа со картичка за преземање на албумот во MP3 формат на сите песни. Покрај стерео верзиите на миксовите, за дигиталните сервиси се подготвени Dolby Atmos верзија, како и хибридно Super Audio CD со HiRes Stereo верзија и 5.1 сараунд микс мастериран од Сајмон Гибсон во легендарното студио Abbey Road.

Но, не е само звукот она што ќе ги воодушеви дискофилите. Јубилејниот албум „Битанга и принцеза“ доаѓа и во оригиналното руво – некогаш цензурираниот омот дизајниран од Драган С. Стефановиќ!

Насловната страна од „ Битанга и принцеза“ беше малку „дрска“ во својата порака, но покриена со убава и елегантна слика. Идејата беше едноставно низок удар од девојката (Принцезата) упатен кон некој нејзин близок (Битанга), со кој е во некоја врска. Но, самата релација е изменета: принцезата е облечена како улична девојка и така реагира, додека мажот е убаво облечен, речиси џентлменски во однесувањето и како младоженец во бел костум, кој наместо да напаѓа, се заштитува. Кога слушнав дека омотот е цензуриран и забранет за објава, се почувствував повреден. На самата слика немаше ништо визуелно непристојно или вулгарно, само идејата беше провокативна. Бев пријатно изненаден од љубезната понуда на Кроација рекордс повторно да учествувам во проектот со „забранетата слика“ на речиси заборавениот омот! Нивната отвореност и подготвеност да исполнат сѐ што е потребно ме обврза да се обидам да направам нешто на работ од возможното. Со помош на Дарко Кујунџиќ, успеавме сликата да ја направиме повторно автентична и оригинална. „Забранетата слика“ сега се врати пред публиката и јас сум многу среќен!“, објаснува Драган С. Стефановиќ.

Албумот „Битанга и принцеза“ содржи седум одлични песни – „На задњем седишту мога аута“, „Ала је глупо заборавит њен број“, „Битанга и принцеза“, „А колико си их имала до сад“, како и емотивните балади „Кад заборавиш јули“, „Све ќе то мила моја прекрити рузмарин, сњегови и шаш“ и „Ипак пожелим неко писмо“, во коишто во изведбата на Бијело дугме им се приклучува симфониски оркестар и хор.

И од денешна перспектива, албумот „Битанга и принцеза“ е едно од најинтересните достигнувања во целокупната продукција на Бијело Дугме. Јас лично тоа го гледам како мое ултимативно достигнување во седумдесеттите“, вели за изданието Жељко Бебек, првиот фронтмен и, според мислењето на многумина фанови на групата, еден од најдобрите вокали на Бијело Дугме.

Феноменот на Бијело дугме и по 50 години од нивното појавување веројатно е невозможно да се повтори, во ниту еден сегмент. Од нивното основање тие се институција која ја промени дискографијата на овие простори на подобро, а времето во кое тие се создаваат и творат креативно е неповторливо. Затоа, ова издание е уште еден придонес кон нивната уникатност, како и нов начин на гледање на албумот „Битанга и принцеза“ за дискофилите желни за понатамошно проучување на феноменот Бијело дугме“, заклучува Желимир Бабогредац, директор на Кроација рекордс.

Како сево ова звучи ќе дознаеме на 15 јули, кога ремиксот од легендарниот албум официјално се пушта во продажба. До тогаш Кроација рекорд ја отвори претпродажбата на јубилејното издание од овој легендарен албум

Извор Croatia Records

Клучни зборови: