Рубрика: Астрономија и астронаутика
Кинеската сонда Chang'e-6 ги врати првите примероци од далечната страна на Месечината
Објавено на 28.06.2024 - 13:45

Како што беше и планирано, капсулата се врати на Земјата на 25 јуни и со себе ги донесе првите примероци од далечната страна на Месечината.

Подвигот на кинеската лунарна мисија Chang'e-6 е историски – за прв пат вештачка сонда слета на површината на Месечината скриена од нас, зеде примероци од карпи и прашина, се врати во лунарната орбита каде што ја чекаше поголема сонда која ја “презеде одговорноста” за собраниот материјал и се упати кон Земјата. На 25 јуни капсулата слета во Внатрешна Монголија и на научниците им донесе уникатен материјал од нашиот сателит. Во очекување на ова враќање, научниците од Институтот за геологија и геофизика на Кинеската академија на науките ги објавија во списанието The Innovation своите хипотези за што може да најдат во примероците од Chang'e-6.

Меѓу лунарните геолози има многу очекувања, бидејќи местото на слетување е од голем научен интерес. Досега, лунарните мисии собираа примероци од видливата страна на Месечината, која е значително различна од далечната страна во однос на дебелината на кората на Месечината, активноста на магмата и составот. Затоа, овие нови примероци се клучни за целосно разбирање на историјата на нашиот природен сателит.

На Месечината, местото на слетување на Chang'e-6 се наоѓа во рамките на кратерот Аполо, кој пак се наоѓа во рамките на најголемиот ударен кратер, т.е. громниот басен на Јужниот Пол – Ајткен (SPA). Според компјутерските симулации што го реконструирале раѓањето на кратерот, кинеската сонда слетала во близина на материјал за кој се претпоставува дека потекнува од фузијата на лунарната обвивка што се случила на површина поради џиновскиот удар. Астероидот што го создал кратерот Аполо ископал уште подлабоко.

Кратерот Аполо, во близина на кој сондата Chang'e-6 зеде примероци од лунарната почва © The Innovation

Ударот истовремено предизвикал базалтната лава да се појави од длабочините, што потоа ќе ги покрие карпите од основата. Кинеската сонда требаше да земе примерок од овие базалтни карпи. Според статистичките студии за бројот на удари што го погодиле кратерот Аполо и околината, овие базалтни наслаги би требало да се стари околу 2,5 милијарди години. Ова значи дека тие се релативно млади, ако се земе предвид дека примероците од карпи вратени на Земјата досега се стари не помалку од 3,5 милијарди години. Сепак, не може да се исклучи можноста дека сондата успеала да земе примерок од материјал што потекнува од длабочините, што би можело да обезбеди важни информации за историјата на нашиот сателит и неговиот внатрешен состав.

Сево ова би ни овозможило подобро да разбереме зошто Месечината има две лица (нам видливото и невидливото) кои се толку различни. Зонгју Јуе, геолог на Кинеската академија на науките објаснува: „Постојат значителни разлики помеѓу видливата и невидливата страна на Месечината, особено во однос на дебелината на кората на Месечината, вулканската активност, составот на карпите и многу повеќе. Новите примероци треба да одговорат на едно од најфундаменталните научни прашања во геолошките истражувања на Месечината: која активност е одговорна повеќе од другите за разликите помеѓу двете страни?“.

Со текот на времето формулирани биле многу хипотези, но во моментов ниту една не го објаснува сеопфатно феноменот. Според една од нив, раѓањето на кратерот Ајткен произвело толку многу магма што таа била турната под кората свртена кон Земјата. Со тоа таа станала потенка, по што се формираале голем број фрактури: лунарни „мориња“, речиси целосно отсутни на лицето свртено кон длабоката вселена.

Осознавањето на тајните на длабочините на Месечината е од големо значење бидејќи тоа помага не само да се реконструира историјата и карактеристиките на нашиот природен сателит, туку и оние на Земјата. Имено, според една од теориите Месечината можеби настанала пред околу 4,5 милијарди години, од материјалот исфрлен од нашата планета кога таа била погодена од планета со приближна големина на Марс.

Клучни зборови: