По повод 65 години постоење, Факултетот за електротехника и информациски технологии вчера 18 јуни 2024, во просториите на Македонска Филхармонија, организираше Свечена академија под мотото „65 години наставна и научна извонредност“, по што уследи промоцијата на најновата генерација дипломирани инженери и магистри од овој факултет.
На свечената академија беше претставен академскиот стремеж за постојан напредок, развој на науката, поддршка на иновативноста, трансферот на технологии, соработката со стопанството и гордоста дека Факултетот е дом на генерации млади и инспиративни студенти кои докажано прераснуваат во носители на битни општествени процеси во земјата и пошироко.
Факултетот, во овие 65 години, може да се пофали со речиси 11 000 дипломирани инженери, 1300 магистри и 170 доктори на науки. Во моментов ФЕИТ брои 1500 активни студенти кои работат под менторство на 100-тина наставници и истражувачи, во 20 современо опремени и модерни лаборатории. Факултетот соработува со повеќе од 50 меѓународни универзитети и учествува во бројни европски и национални проекти. Во изминатите 65 години, ФЕИТ беше домаќин на бројни научни конференции и симпозиуми и е единствен факултет со меѓународно акредитирани студиски програми на прв циклус, согласно германското акредитациско тело за инженерски програми ASIIN. ФЕИТ со години го имплементира ISO системот за управување со квалитет. Во 2018 година е воспоставен Центарот за трансфер натехнологии и иновации – ИНОФЕИТ кој соработува со голем број домашни и меѓународни компании. Овој Центар има ексклузивен статус на целосно оперативен дигитален иновациски хаб во Македонија.
Настанот започна во 20 часот со интонирање на македонската химна, по што свое обраќање до присутните во полната сала имаа најнапред деканот на ФЕИТ проф. д-р Владимир Атанасовски, а потоа и ректорот на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова.
„Во текот на овие шест и пол децении, нашиот факултет се етаблираше во водечка образовна и научно-истражувачка институција кај нас и во регионот. Денес го славиме не само нашиот јубилеј, туку и нашето патување исполнето со бројни достигнувања, труд и справувања со предизвици. Од основањето пред 65 години, Факултетот овозможува новите технологии да продрат во нашето општество и да го подобрат квалитетот на живот во земјава. Од 1959 година до денес, ФЕИТ се разви во стожер на образование, знаење, иновации и проекти, центар на извонредност, докажан и сигурен партнер на локалната и интернационалната индустрија, институција која создава генерации инженери и научници“, рече професор д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ. „ФЕИТ ќе продолжи да чекори на патот на извонредност во развојот на електротехниката и информациските технологии. Нашата визија за иднината е јасна: да останеме лидер во образованието и истражувањето, да го прошириме нашето влијание и да продолжиме да придонесуваме кон технолошкиот и општествениот напредок. Погледнувајќи кон иднината, уверен сум дека ќе продолжиме да го градиме патот на успехот со заеднички напори, посветеност и страст“, порача тој.
„Од самото негово основање, визијата била јасна: да се култивира (артикулира) простор каде љубопитноста се среќава со експертизата, каде што студентите се трансформираат во лидери и каде идеите еволуираат во технологијата за основање“, истакана професор д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Свое обраќање имаше и претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова.
“ФЕИТ со севкупната работа, проекти, истражувања, иновации и следењето на глобалните образовни и научни текови, неспорно е дека е успешен и релевантен пример на добри образовни и научни практики. За мене ФЕИТ е пионер во создавањето профили на кадри соодветни на новите потреби на третиот милениум. ФЕИТ е конкурентен на меѓународниот образовен и научен пазар со намјногу објавени трудови со импакт фактор. ФЕИТ е родно место на информатиката, на техничките системи, на фотоволтаиците”, рече проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, која во својот говор ја истакна лидерската позиција на ФЕИТ во поглед на квалитетот на образованието и условите за негово стекнување.
Организаторот подготви и пригодна уметничка програма, со дела од Дебиси, Шчердин, Бизе, Глишиќ, во изведба на Дино Имери на пијано.
За крај претставена беше најновата генерација дипломци и магистранти од ФЕИТ – 124 инженери и 56 магистри. Со особено одличен успех оваа година се издвојуваат 21 дипломец, чијшто вкупен просек на студиски оценки изнесува преку 9: Ангела Мешкова (10,00), Матеа Ташковска (10,00), Анастасија Стефановска, Симона Тошеска, Стефан Крстески, Матеа Маринова, Антонио Николоски, Сандра Петрушевска, Сандра Павлеска, Борјан Саздов, Климентина Паункоска, Ангела Андоновски, Христијан Славкоски, Калина Дуковска, Петар Попоски, Емилија Чона, Бисера Рунчева, Тиана Пауноска, Матеј Кутиров, Михаела Ѓорѓиевска и Ана Велковска. Најдобрите дипломци за нивната посветеност и труд добија посебни награди.
Промоцијата се одржа пред широка публика која го вклучуваше ректорот на УКИМ, како и проректори, декани, продекани, професори, претставници од компаниите, претставници на ФЕИТ Алумни, родители, студенти, и пријатели на магистрите и дипломците.