Речиси една година по несреќата на подморницата Титан, американскиот милијардер Лери Конор започна нов предизвик со цел приватно истражување на потонатите остатоци од Титаник, познатиот прекуокеански брод што потона во близина на канадскиот брег по судир со санта мраз во ноќта на 14 април 1912 година.
Конор, познат по своите подводни авантури, ќе соработува со Патрик Лејхи, соосновач на Тритон подморници (Triton Submarines), со цел да се досегне длабочината од околу 3800 метри на која се наоѓа потонатиот британски брод. Ова треба да биде постигнато со користење на луксузно и модерно амфибиско возило, наменето за богатите гости кои сакаат одблиску да видат дел од историјата на дваесеттиот век.
Новата подморница ќе се вика Triton 4000/2 Abyssal Explorer и ќе биде изградена според највисоките технолошки и безбедносни стандарди. Лејхи, од своја страна, беше голем критичар на пристапот на OceanGate, нагласувајќи ја важноста на дизајнот и на соодветните сертификати. Поради оваа причина, инженерите на Triton Submarines темелно ја проучувале несреќата на Титан, во која животот го загубија сите пет патници, учејќи од грешките што довеле до трагедијата.
Структурата на двете амфибиски возила е различна во многу аспекти. Најочигледна разлика е футуристичката сфера направена од акрилен материјал, добиена од едно парче, техничка иновација која треба да им овозможи на гостите на Triton да уживаат во панорамски поглед без оптички нарушувања, истовремено гарантирајќи поголема робусност во споредба со повеќе традиционални решенија. Самото име претставува уште еден показател за истражувачките граници на новиот брод – 4000 метри длабочина, нешто повеќе од 3800-те метри потребни за да се стигне до олупината на Титаник.
Но, бројките не го загрижуваат Лејхи, кој веќе има постигнато значајни рекорди достигнувајќи го дното на Маријанскиот Ров (речиси 11 километри длабоко во Тихиот Океан), редефинирајќи го истовремено подморничкиот инженеринг. Triton 4000/2 Abyssal Explorer го претставува врвот на технолошката еволуција, комбинирајќи батерија од 40 kWh, која обезбедува автономија до 12 часа, опремен со четири главни и четири помошни електрични потисни мотори, секој со моќност од 5,5 kW.
Овие карактеристики, заедно со транспарентноста и отпорноста на акрилната сфера, треба да им понудат на патниците уникатно и безбедно искуство, имајќи предвид дека новото возило – чија производна цена се проценува на околу 20 милиони долари по примерок – нема да се користи за чести комерцијални патувања како оние предложени од OceanGate, но за специфични мисии.
Проектот на Конор и Лејхи има за цел да го оживее интересот за приватно подводно истражување, сектор кој остана тешко погоден од минатогодишните настани. Двајцата партнери се надеваат дека преку демонстрирање на доверливоста на Triton, тие ќе можат да ја повратат довербата на ентузијастите во овој сектор. Иднината на приватното подводно истражување може да зависи од успехот на оваа мисија.