Астрономите пронајдоа докази за присуство на протоци од вулканска лава на површината на Венера, што укажува на тоа дека планетата можеби е сè уште вулкански активна. Откритието на проток од вулканска лава во два различни региона на Венера беше објавено деновиве во Nature Astronomy. Наодот оди во прилог на претходните докази дека Венера е сè уште геолошки активна, а истовремено укажува и дека вулканската активност можби е и пообемна и пораспространета од она што досега се претпоставуваше.
Големи потешкотии за потврдување на вулканизмот на Венера создава густата атмосфера на планетата, која прикрива голем дел од она што се случува на површината. Но, научниците успеале да добијат подобра претстава за активноста со споредување на сликите од времето кога вселенското летало Магелан спроведе глобално радарско мапирање во 1990 и 1992 година, со нови слики од 2023 година.
Она што било откриено се штитести вулкани и широко распространетите текови на лава. Мапирањето откри и необични структури наречени палачинкести куполи и структури „налик на крлежи“, какви што не се наоѓаат на Земјата.
Астрономите од италијанскиот Универзитет Д’Анунцио во Кјети велат: „Неодамнешните докази за промени во морфологијата на површината на вулканскиот отвор се толкуваат како потенцијален показател за тековната вулканска активност“. Ова се заснова на новите податоци преземени од Магелан, кои се чини дека покажуваат активност што потекнува од еден вулкански отвор.
„Пронајдовме варијации во радарското повратно расејување од различни карактеристики на протокот од вулканско потекло на западното крило на Сиф Монс и во западната Ниобе Планиција“, пишуваат авторите. „Предлагаме дека овие промени најразумно се објаснуваат како доказ за нови текови на лава поврзани со вулканските активности што се случиле за време на мисијата за мапирање на вселенското летало Магелан“.
„Оваа студија обезбедува дополнителни докази што одат во прилог на моментално геолошки активна Венера“, додаваат тие.