Изминатиов викенд и цела оваа недела на уживаме во неверојатни фотографии на поларна светлина, видени на многу пониски географски широчини од вообичаеното. За научниците кои се занимаваат со вселенска метео прогноза, аурорите создадени од големата соларната бура, претставуваа долгоочекуван драматичен доказ дека Сонцето се приближува кон врвот на својот 11-годишен циклус на активност. Што може да очекуваме во наредните месеци и потоа откако Сонцето ќе го достигне “максимумот”
Сателитските оператори, менаџерите на електродистрибутивните мрежи, како и многу други вклучени во одржувањето на клучната технолошка инфраструктура сè уште ги проценуваат влијанијата од овој историски настан – најголемата геомагнетна бура од 2003 година. Но, се чини дека повеќето големи системи “машки” издржаа. И ова се добри вести, затоа што според очекувањата, помоќните соларни бури допрва би можеле да уследат, по „сончевиот максимум“ кој се очекува подоцна оваа година.
Аурора австралис, позната и како јужна поларна светлина, свети над езерото Елесмер во близина на Крајстчрч, Нов Зеланд, по најмоќната соларна бура во последниве повеќе од две децении
Непосредна причина за минатонеделното коронално исфрлање на маса е еден кластер од сончеви дамки, познат како активен регион 3664, кој се појавил под екваторот на Сонцето на страната што моментално е свртена кон Земјата. Јатото дамки е околу 17 пати пошироко од Земјата и е веројатно најголемиот и најкомплексен регион на сончеви дамки забележани за време на тековниот соларен циклус, кој започна во 2019 година, вели Шон Дал, вработен во НОАА.
Од некаде околу 8 мај, активниот регион 3664 имал најмалку седум коронални исфрлања на магнетизирана плазма, кои се упатиле во правец кон Земјата со брзина до 1800 километри во секунда. Заедно со другите бранови од наелектризирана плазма и соларни отпадоци, исфрлањата на короналната маса ги преплавија вселенските метео детектори.
Колку беше голема оваа бура? Според повеќе показатели – огромна, поточно „екстремна“ според петстепената скала што ги опишува геомагнетните бури или „супер бура“ ако се ориентираме според индексот за промени во магнетното поле на Земјата. А друг, индиректен показател беа и аурорите.
Луѓето во заливот Витли, Велика Британија, на 10 мај ja фотографираат поларната светлина, која беше видлива и на пониски географски широчини од вообичаеното
Магнетното поле на Земјата ги штити луѓето и другиот жив свет од ефектите на сончевите бури со пренасочување на штетните честички околу планетата. Но, кога материјалот од исфрлањето на короналната маса удира во магнетното поле, тој ослободува енергија во горниот дел од атмосферата на Земјата. Хемиските елементи таму, како кислородот и азотот, се јонизираат и светат во различни бои, создавајќи поларна светлина. Вообичаено овие манифестации на аурора се видливи во близина на половите на Земјата, но на 10 мај, поради интензитетот на сончевата бура, поларната светлина можеше да се забележи и на неверојатно ниски географски широчини.
Сончевата бура предизвика прекини во радио и ГПС комуникациите ширум светот. Широкопојасната интернет конекција обезбедена од Starlink, услуга која се потпира на повеќе од 5000 сателити, имаше привремено намалување на квалитетот на нејзините сигнали, пријави SpaceX. Ова може да се должи како на прекините во комуникацијата или на тоа што бурата ја промени густината на атмосферата на Земјата и предизвика своевидено “успорување”на сателитите.
Во очекување на екстремната сончева активност, некои од операторите на електродистрибутивните мрежи веќе презедоа заштитни мерки, со оглед на тоа што геомагнетните бури можат да индуцираат дополнителни електрични струења во мрежата, предизвикувајќи прекини во доставата на електрична енергија. Електродистрибутивната служба на Нов Зеланд, на пример, привремено исклучи некои делови низ земјата за да спречи оштетување на опремата.
Северна поларна светлина или аурора бореалис, го осветлува ноќното небо на оваа фотографија снимена северно од Сан Франциско
На 10 мај НАСА соопшти дека не предвидува закана за четворицата американски и тројца руски астронаути на Меѓународната вселенска станица. Во моментов и на кинеската вселенска станица Тиангонг има тројца астронаути, но кинеската вселенска агенција не даде информации за тоа дали биле преземени некои превентивни мерки.
Некои сателити престанаа да прават научни набљудувања. На пример, опсерваторијата за набљудување во Х-зрачното подрачје Чандра превентивно пред бурата, привремено престана да собира астрономски податоци и ги склопи инструментите за да ги заштити од дополнителната радијација. За време на бурата, сателитот ICESat-2 на НАСА што го мери мразот автоматски престана да работи кога доживеа неочекувана ротација, веројатно предизвикана од зголемениот атмосферски отпор, објави портпаролот на агенцијата.
Што можат да научат научниците од бурата? Се очекуваат нови сознанија. Сондата Solar Orbiter на Европската вселенска агенција е речиси зад Сонцето во однос на Земјата, што дава еден поинаков поглед кон бурата. Активниот регион 3664 во моментов се ротира кон другата страната на Сонцето, надвор од видното поле на Земјата и кон Соларниот орбитер. Ова ќе им овозможи на научниците поблиско следење на активноста во овој регион. Сончевата сонда Паркер на НАСА, која во моментов спроведува низа нурнувања низ надворешната атмосфера на Сонцето, се наоѓа на најоддалечениот дел од нејзината кружна орбита околу Сонцето и може да обезбеди дополнителна перспектива, но ќе треба да почекаме за податоците да стигнат до Земјата.
Научниците очекуваат коронално исфрлање на маса да го погоди Марс во следните неколку дена. Овој настан би можел да се набљудува со помош на вселенското летало MAVEN на НАСА, кое се наоѓа во орбита околу црвената планета.
Кога би можеле да очекуваме нова голема бура да ја погоди Земјата?
Во секое време. Научниците очекуваат тековниот соларен циклус да го достигне врвот во текот на оваа година, а ова предвидување се заснова врз бројот на сончеви дамки што тие ги набљудуваат. Најголемите бури обично се случуваат со месеци па и години по официјалениот пик на активноста на Сонцето. Понатаму, со напредокот на сончевиот циклус, сончевите дамки имаат тенденција да се појавуваат поблиску до екваторот на Сонцето, зголемувајќи ги шансите за исфрлање на короналната маса што би била насочена директно кон Земјата наместо кон вселената, вели Дал.
Извор Nature