Рубрика: Астрономија и астронаутика
Навестувања дека темната енергија можеби станува сѐ послаба
Објавено на 19.04.2024 - 14:00

Најголемата 3Д мапа на универзумот што некогаш е создадена нуди показатели што помагаат да ја разбереме еволуцијата на космосот. Тие укажуваат дека можеби грешиме во поглед на нашето сфаќање за однесувањето на темната енергија, која го сочинува најголемиот дел од универзумот, бидејќи се чини дека оваа мистериозна сила можеби слабее со текот на времето.

Се смета дека темната енергија предизвикува забрзано ширење на космосот. Ако се покаже дека не е статична, тоа би можело да има огромни импликации за нашите претпоставки во врска со почетокот на универзумот, неговата големина и неговата крајна судбина. Иако не учестувал во новото истражување, Адам Рис од Универзитетот Џон Хопкинс во Мериленд, кој пред 25 години ги пронајде првите докази за постоење на темната енергија, смета дека импликациите би можеле да значат „ќе мора да направиме сериозно преиспитување на нашите ставови во врска со [нашето разбирање на] гравитацијата и полињата“.

А чудните наоди доаѓаат од спектроскопскиот инструмент за темна енергија (Dark Energy Spectroscopic Instrument – DESI) во Аризона. Дури и научните тимови што работат со DESI не се сосема сигурни како да го протолкуваат фактот дека нивните податоци укажуваат дека темната енергија неодамна станала послаба.

Истражувачите на DESI ја испитувале силата на темната енергија преку мерење на глобалната структура и дистрибуцијата на галаксиите во космосот, што е показател за начинот на којшто универзумот се ширел со текот на времето. Истражувачите потоа ги комбинирале овие информации со три групи податоци за супернова експлозии, кои делуваат како таканаречени „стандардни свеќи“ – маркери за одредување на растојанијата до космичките објекти благодарение на нивната предвидлива осветленост.

На големо изненадување, секој од трите примероци на супернова понудил различен одговор за промената во стапката на експанзија на универзумот со текот на времето. Сите три укажувале дека ефектите на темната енергија се можеби намалени во последните еони. Но, цврстината на овие предлози варирала, па истражувачите не се сосема сигурни како да ги интерпретираат податоците.

Два од примероците на супернова не се согласуваат еден со друг, а тие се многу, многу слични примероци“, вели Кајл Досон од Универзитетот во Јута, кој е и портпарол на DESI. „Не знам кој од нив е точен, но можно е вистината да лежи некаде измеѓу, навистина изгледа дека разликите лежат во начинот на кој [истражувачите на супернова експлозиите] ги 'читаат' податоците“.

Несогласувањата во моделите се означени со фактор наречен сигма, кој ја мери веројатноста дека сличен судир би можел да се случи случајно ако моделите не се согласуваат еден со друг. „Нивото на кое обично паузираме и обрнуваме внимание и го нарекуваме „индикација“ за нешто е околу сигма-3 “, вели Рис. Сè пониско од тоа најчесто не би било особено возбудливо за истражувачите – би било премногу веројатно за да биде случајност.

Неусогласеноста помеѓу ламбда-CDM и комбинацијата на мерења на супернова експлозиите и DESI се движат од сигма-2,5 до сигма-3,9. Ова може но и не мора да значи нешто, според Досон.

Темната енергија сочинува речиси 70 проценти од универзумот, така што секоја грешка во нашето разбирање на нејзината природа може да има огромно влијание на физиката. Меѓутоа, за да се докаже дали таа грешка навистина постои, ќе бидат потребни попрецизни мерења во наредните години.

 

Извор New Scientist

Бонус видео: Најголемата 3Д мапа на темната енергија во универзумот можеби еволуира
Клучни зборови: