Три потреби се сметаат за основни за опстанокот: храна, вода и засолниште. Според новото истражување, во текот на околу 7000 години најмалку две од тие три потреби им биле задоволени на древните луѓе кои престојувале во лава-тунелот долг речиси 1,5 километар, сместен на 125 километри северно од Медина. Ова е прв случај да бидат пронајдени докази за населување на луѓе во лава тунел, во пустините на северот на Саудиска Арабија.
Лава тунелите, всушност, претставуваат пештери кои се формирале при вулканска ерупција. Имено, додека површината на реката од лава се лади и се зацврстува, за тоа време масата од стопени карпи продолжува да тече под неа. На крајот, откако лавата ќе истече, таа зад себе остава празен тунел.
Лава-тунелот за којшто станува збор е наречен Ум Џирсан, и е најдолгиот лава-тунел во вулканското поле на Саудиска Арабија, Харат Кајбар. Денес пештерата ја населуваат волци, лисици и змии, но некогаш таа била популарно место за сточарите и нивните припитомени животни.
Влезот од лава тунелот Ум Џирсан
Метју Стјуарт од Универзитетот Грифит во Бризбејн, Австралија и неговите колеги вршеле ископувања во внатрешноста на Ум Џирсан. Тие работеле во регионот повеќе од 15 години и претходно пронашле бројни камени структури на површината, потврдувајќи го присуството на некогашна населба. Истражувачите откриле во внатрешноста од тунелот животински коски, камени алатки и керамика чијашто старост била датирана наназад на најмалку 7000 години, а можеби и 10 000 години. Но, иако најстарите датирани остатоци од фауната во пештерата се стари околу 7000 години, Стјуарт вели дека е мошне веројатно животните да го користеле лава-тунелот речиси уште од неговото формирање, пред милиони години. Според Глобалната програма за вулканизам на институцијата Смитсонијан, седум од тековите на лава во Харат Кајбар се стари помалку од 1500 години, а регионот сè уште има потенцијал за активност, според студијата од 2022 година.
Во внатрешноста од лава тунелот Ум Џирсан
Во нивниот труд објавен денес во PLoS, истражувачите велат дека луѓе го користеле лава тунелот во периодот помеѓу неолитот и бронзеното доба – со други зборови, луѓето внатре биле присутни со милениуми. Изотопската анализа на човечки останки од пештерата открила зголемување на видовите храна во нивната исхрана која имала високи нивоа на одреден изотоп на јаглерод што се поврзува со земјоделството во оазите. Сепак, тимот заклучува дека Ум Џирсан веројанто не била постојано населена, туку дека се работи за место коешто ги привлекувало сточарите да застанат и одморат, место кое нудело на сенка и вода за нивните стада. Во таа насока, тимот претпоставува дека лава тунелот „се наоѓал покрај пастирска рута што ги поврзувала клучните оази“.