Минатиот месец стигна вест во врска со едно мошне уникатно археолошко откритие. Се работи за импозантен ѕид подигнат пред околу 11 илјади години, откриен на дното на Балтичкото Море, во близина на Германија. Научниците сметаат дека се работи за една од најголемите праисториски градби пронајдени досега во Европа. Со која цел била изградена оваа мегаструктура сѐ уште се истражува, иако не недостасуваат првични претпоставки и тези...
Имено, научниците претпоставуваат дека огромниот ѕид всушност претставува гигантска стапица што заедниците на ловци и собирачи ја користеле при ловот на ирваси и други копитари.
Првичното откритиe се случило во 2021 година, на сосема неочекуван начин, при научна екскурзија на 10 километри од брегот на Рерик, на североисточниот германски брег. Целта на споменатото истражување, спроведено од научници од Универзитетот во Кил (Германија), била мапирање на подводен гребен во близина на брегот.
Во рамките на истражувањата научниците извршиле акустични скенови на балтичкото морско дно, при што детектирале дека на длабочина од 21 метар се наоѓа низа од предмети со различни големини, но со заоблена форма, којашто се протегала во должина од речиси 1 км. Се работело за долга ѕидна структура составен од преку 1500 камења поставени еден до друг, што било потврдено од сликите снимени следната година со помош на дрон.
Карактеристиките на импозантниот ѕид, што научниците го нарекле Блинкервал (Blinkerwall), беа анализирани во статија објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Science. Анализите откриваат дека ѕидот бил изграден на крајот од последното ледено доба, кога целиот регион била над нивото на морето. Последователните анализи со радиоактивен јаглерод спроведени на блиските фрагменти од дрво откриле дека изградбата датира од пред нешто повеќе од 10 илјади години. Ѕидот содржи 10 големи карпи (со пречник до 3 метри и тежина од неколку тони), што меѓусебно се поврзани со околу 1600 помали камења (со тежина воглавно помала од 100 килограми). На повеќето места, бариерата не ја надминува височината од еден метар, додека камењата се поставени еден до друг наместо еден врз друг.
3D модел на мала делница од камениот ѕид. Објектот на дното од сликата е приказ на 50 см.
Ѕидот врви по работ на некогашно езеро, формирајќи цик-цак патека. Оваа особеност ги наведува научниците кон претпоставката дека функцијата на ѕидот можеби била да служи како огромна “стапица“ за лов. Имено, според научниците, жителите на тие области веројатно го замислиле ѕидот како своевидна лента за насочување, што ја користеле за канализирање на стадата ирваси или на другите копитари што тие обично ги ловеле. Овие животни всушност инстинктивно ги следат патеките ограничени со потоци или гребени.
Токму за да ја искористи оваа карактеристика, ѕидот создава еден вид вештачко тесно грло што ги води животните директно до местото каде што ги чекале ловците. Тоа што ѕидот бил многу низок не било пречка тој да ја одигра својата наменска улога, бидејќи копитарите не прескокнуваат преку пречки од тој тип, без разлика на нивната висина.
Праисториски ловечки структури слични на Блинкервал веќе биле пронајдени и во други делови на светот. Меѓу нив се издвојува ѕидот пронајден на дното од езерото Хјурон, во САД, изграден за лов на карибу, вид речиси идентичен со ирвасите и широко распространет во Северна Америка.
Истражувачите, сметаат дека во близина на балтичкиот ѕид можеби има и втор ѕид, којшто е сè уште покриен со седимент, па се планираат идни истражувања во таа насока. Студиите од овој тип се воглавно интересни поради тоа што тие нудат подобро разбирање за начинот на живот, за организацијата и за методите на ловот во каменото доба.
Извор Conversation