Во 2021 година група археолози наидоа на интересно откритие на северот на Шпанија – бронзена рака која се чини дека датира од пред околу 2000 години. Она што откритието го прави интригантно и уникатно се четирите линии со чудни симболи врежани од едната страна на артефактот, вдолж дланката. Најновите анализи укажуваат дека овој антички епиграф е поврзан со древните палеохиспански јазици и мошне веројатно бил дел од јазикот што низ вековите се развил во современиот баскиски јазик, кој се користи во одредени области на денешна Шпанија.
Познато е дека во времето кога е направена раката, областа на денешна Навара била населена од предримското племе Васконес или Васконци, од кои останале релативно малку или речиси ништо во вид на пишани артефакти. Поради ова археолозите сметале дека се работи за општество кое сѐ уште не креирало и користело писмо. Но, откритието на бронзената рака ќе покаже дека тоа не е така.
Серија фотографии кои го илустрираат ископувањето (1–4) и реставрацијата (5–6) на раката од Ирулеги
Во написот објавен оваа недела во Antiquity, читаме: „Деталната лингвистичка анализа укажува дека записот присутен на раката претставува графички потсистем на палео-хиспанскиот кој ги споделува своите корени со современиот баскиски јазик и го сочинува првиот пример на васконската епиграфија“. Написот бил врежан со помош на техниката зграфито за создавање на линии и букви, по што се направени поголеми дупнати точки. Техниката зграфито, која се користи во сликарството, архитектурата, како и изработката на керамика и стакло, се состои од поставување на една основна површина во одредена боја, над којашто се нанесува слој во друга друга боја, а потоа со гребење на површинскиот слој на одредени места се открива основната боја и се креира контрастен цртеж или натпис. Не е јасно какви алатки биле користени за создавање на натписите, но истражувачите сметаат дека луѓето користеле остра железна алатка, како бурин (шило што се користи при процесот на гравирање).
Раката од Ирулеги и цртеж врз основа на фотографијата и скенирана слика на раката
Како што веќе споменавме, анализите на натписот велат дека може да се повлечат интересни паралели со современиот баскиски јазик, но дека, сепак, јазикот што се користи е „одделно подмножество“. Пример за оваа поврзаност се наоѓа во првиот збор: сорионеку (sorioneku). Во баскискиот јазик терминот sorioneko значи „со добра среќа“. Археолозите сметаат дека текстот испишан на раката, којашто е пронајдена на влезот од станбен објект, укажува дека мошне веројатно се работи за апотропеон (објект со заштитна магиска функција наменет да ги одбие злите влијанија), веројатно посветен на божицата на среќата. Треба да се спомене и дека во Васконската и во Ибериската област воопшто, се откриени и други раце од метал, но на ниту една од нив не е забележан сличен натпис.
Можни паралели со раката од Ирулеги. 1) оловна рака од Ел Пуј де Алкала (Музеј на Сарагоса); 2а и 2б) споменик Ла Виспеса (Тамарите де Литера, Хуеска) (Музеј на Хуеска); 3) споменик Ел Палао (Алканис, Теруел)
Од лево кон десно, споредба помеѓу рацете од Зафар, Ел Пуј де Алкала и од Ирулеги (фотографиите не се прикажани сразмерно)
Истражувачите сметаат дека разликата во големината на врежаните букви не е направена намерно, туку повеќе укажува кон прилично површен и несовесен пристап во процесот на гравирање.
Она што е сигурно е дека, со оглед на тоа што бронзата била материјал што се користел во областа каде што раката била пронајдена, истражувачите сметаат дека таа мошне извесно била изработена на местото каде што е и пронајдена. Истражувањата во врска со т.н. „рака од Ирулеги“ (планината Ирулеги е местото каде што е пронајдена) продолжуваат. Се очекува дека целосното дешифрирање на натписот ќе овозможи да дознаеме нешто повеќе за писмената култура на Васконите.
Можни паралели со раката од Ирулеги. 1) оловна рака од Ел Пуј де Алкала (Музеј на Сарагоса); 2а и 2б) споменик Ла Виспеса (Тамарите де Литера, Хуеска) (Музеј на Хуеска); 3) споменик Ел Палао (Алканис, Теруел)