Рубрика: Астрономија и астронаутика
Јапонската сонда SLIM повторно е во функција!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.01.2024 - 11:30

Најновата снимка направена со помош на MBC

Десет дена по прецизното слетување на Месечината, во моменти кога надежите за „будење“ на SLIM беа слаби, јапонската сонда повторно проработи.

Јапонскиот лендер SLIM, кој слета на површината на Месечината пред неколку дена (види тука), се врати во живот. Според она што е објавено од јапонската вселенска агенција JAXA, леталото (барем засега) ќе може да продолжи со својата мисија за истражување на површината на Месечината и покрај тоа што се наоѓа во превртена положба.

За потсетување, сондата SLIM успешно слета на Месечината, по што искомуницира правилно со Земјата. И за кратко време се чинеше дека сѐ течеше според планот. Но, слетувањето се случи на неочекуван начин – соларните панели се најдоа во позиција што не овозможува акумулирање на енергија, па за сите активности сондата црпеше енергија од батериите (кои не можеа повторно да се полнат). Сондата беше превртена наопаку и за момент сѐ изгледаше безнадежно. (види Првата фотографија од сондата SLIM откри зошто соларните панели не функционираат)

Снимката направена од роверот LEV-2 која откри дека сондата SLIM е во превртена позиција фото: JAXA

Но еве нѐ сега – девет дена подоцна (вчера) JAXA на платформата X (стариот Твитер) сподели добра вест: „Синоќа успеавме да воспоставиме комуникација со SLIM и продолживме со работа!“, се вели во објавата во која се гледа и зрнеста слика од месечевата карпа именувана како “пудла-играчка” (toy poddle). „Веднаш започнавме научно набљудување со MBC и успешно ја добивме ‘првата светлина’ за набљудување во 10 опсега“, се вели понатаму во објавата на JAXA на X.

Најновата снимка направена со помош на MBC фото: JAXA

Во соопштението на сајтот на “Месечевиот снајпер” се појаснува дека по слетувањето напојувањето беше привремено исклучено по што се чекала поволна позиција во која сончевата светлина ќе ги осветли панелите. Тоа се случило на 28-ми по што јапонската мисија започна со оперативни набљудува на површината на Месечината. Фотографијата е пример за научно набљудување со помош на спектроскопска камера (MBC).

Инаку, MBC или Multi-Band Camera е спектроскопската камера на лендерот која има можност за снимање во повеќе опсези. Со помош на MBC ќе се истражува составот на околните карпи што треба да помогне во откривање на мистериите на формирањето на Месечината.

MBC камерата пред вградување во сондата SLIM фото: JAXA

 

Клучни зборови:
Најновата снимка направена со помош на MBC
Снимката направена од роверот LEV-2 ја покажува сондата SLIM во превртена позиција

Снимката направена од роверот LEV-2 ја покажува сондата SLIM во превртена позиција

MBC камерата пред вградување во сондата SLIM