Се смета дека хемоглобинот, покрај неговата витална улога во транспортот на кислородот во крвта, е вклучен и во опстанокот на епифизалните 'рскавици, каде што нивото на кислород е ниско.
Црвените крвни зрнца т.е. еритроцитите ја даваат карактеристичната боја на нашата крв, а нивна главна функција е дистрибуцијата на кислород до различните делови од телото. Тие се добро опремени за ова – се проценува дека се состојат во просек од 95% хемоглобин или околу 280 милиони од овие молекули што транспортираат кислород, по клетка. Во минатото, биолозите веќе го забележале присуството на овој протеин и во другите типови на клетки, како што се невроните или во макрофагите на имунолошкиот систем, но досега малку беше познато околу неговата улога во нив. Во една студија, објавена неодамна, Фенг Џанг, патолог при Медицинскиот универзитет на воздухопловните сили во Кина, Кианг Сун од Кинеската академија за медицински науки и нивниот тим, тврдат дека овој протеин игра клучна улога во друг дел од телото – 'рскавицата.
Во 2017 година, Фенг Џанг го проучувал развојот на коските кај млади глувци, поконкретно нивните хондроцити – клетките одговорни за синтетизирање на големи молекули, како што е колагенот, кои ја сочинуваат екстрацелуларната матрица, односно околината што ги поврзува клетките заедно за да формираат ткиво, како што е и 'рскавицата. Притоа забележал присуство на необични кластери во хондроцитите на епифизалната 'рскавица, делот кој се наоѓа на крајот од долгите коски каде што се случува растот на коските. На негово големо изненадување, обликот и големината на овие кластери наликувале на оние кај црвените крвни зрнца, и тие содржеле хемоглобин ...
Со оглед на тоа што епифизалната 'рскавица нема директно “снабдување” со крв, таа претставува средина сиромашна со кислород. Сепак, хондроцитите брзо се делат за да овозможат раст кај луѓето, во периодот од раѓање до пубертет. Оттаму, Фенг Џанг, Кианг Сан и нивните колеги претпоставиле дека мора да постои механизам за тие да функционираат правилно, дури и со ниски резерви на кислород, и дека хемоглобинот мора, на еден или друг начин, да им помага на овие клетки за тие да преживеат. За да дознаат, тие набљудувале глувци кои биле генетски модифицирани за да произведуваат помалку хемоглобин. Тие забележале дека хондроцитите во епифизалната 'рскавица во голем број умирале. Тие потоа во лабораториски услови, во средина со ниска содржина на кислород, култивирале нормална епифизална 'рскавица и генетски модифицирана верзија без хемоглобин. Под овие услови, изменетите хондроцити одумирале во уште поголем број.
За истражувачите ова бил знак дека кластерите на хемоглобин идентификувани во епифизалната 'рскавица служат како складишта на кислород за хондроцитите. Тие ги апсорбираат ретките молекули на кислород од нивната околина и ги прераспределуваат за да ги задоволат потребите на клетките.
Изненадувачки, овој механизам не е првата адаптација развиена од хондроцитите за да преживеат ниски нивоа на кислород. Во 2001 година, тим од истражувачи од Медицинскиот факултет Харвард и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего веќе открија алтернативен метаболички пат кој им овозможува на овие клетки да ги разложат молекулите на шеќер за да си обезбедат енергија, без потреба од кислород.