Рубрика: Историја и археологија
Огромен бедем стар 4000 години откриен во Саудиска Арабија
Објавено на 10.01.2024 - 14:15

Археолозите пронајдоа огромно античко утврдување околу оазата Кајбар во северноарапската пустина. Се работи за едно од двете најголеми фортификациски градби пронајдени во Саудиска Арабија.

Оазите во саудискиот регион се населени од луѓе веќе 4000 до 5000 години. Самите оази, всушност, претставуваат мал вегетациски “остров” што се издвојува од огромното пустинско пространство. Вегетацијата во нив се храни од извори на слатка вода, како подземни реки или високи водни маси, што овозможува овие области да се оформат како живописни, бујни засолништа за растителниот и животинскиот свет. Бунарите и каналите изградени од луѓето можат да помогнат за наводнување на овие области што ги прави погодни за долгорочно живеење.

Локација на утврдената оаза во Кајбар (црвено-бел круг) и други главни локации во северо-западна Арабија Слика: G. Charloux, ESRI.

Новооткриеното утврдување било забележано од научници од францускиот Национален центар за научни истражувања (CNRS) и од Археолошката комисија на Саудиска Арабија, Кралската комисија за Ал-Ула.

Според теренските истражувања и податоците за далечинско набљудување, утврдувањата во Кајбар некогаш се протегале вдолж 14,5 километри и биле дебели помеѓу 1,7 и 2,4 метри. Ѕидините на утврдувањењо веројатно биле високи и до 5 метри, при што опкружувале површина од речиси 1 100 хектари.

Служејќи се со радиојаглеродно датирање на примероците собрани при ископувањата, научниот тим проценил дека ѕидовите на населбата биле изградени во периодот помеѓу 2250 и 1950 година п.н.е. Денес, 4000 години подоцна, зачувани се помалку од половина од вкупната должина на ѕидовите и 74 бастиони (испакнати структури наменети за концентрирани одбранбени активности).

Дигитална реконструкција на бедемската мрежа од северниот дел на утврдената оазата Кајбар пред 4000 години. Слика: Khaybar Longue Durée Archaeological Project, M. Bussy & G. Charloux

Во северо-западна Арабија се пронајдени многу оази заокружени со заштитни ѕидови кои датираат уште од бронзеното доба (3300 – 1200 п.н.е.). Утврдените населби станале мошне честа појава во овој временски период, слично откритие на “мегатврдини” во Европа беше објавено во ноември 2023-та во научниот магазин PLOS One. Додека најстарата тврдина на светот беше откриена во Сибир, кон крајот на минатата година, и датира од пред 8000 години.

Арапските пустини се дом на некои од најстарите утврдувања во светот, вклучувајќи ја и најголемата препознатлива камена тврдина во светот, Цитаделата Алепо во Сирија, која e населена во континуитет веќе 4500 години.

Утврдувањето на Кајбарската оаза било дел од цела мрежа утврдени оази во регионот. Зошто било изградени и каква била природата на општеството што го конструирала сè уште е мистерија. Но, откритието дава нов увид во населувањето на северо-западниот дел на Арабија и додава детали во нашето разбирање на сложените социјални врски во предисламскиот период.

Проучување на ѕидањето на бедемите. A. Варијабилност во опсегот на дебелина на секоја група од бедеми; Б. Поглед кон тековно зачуваната ѕидарија на надворешниот ограден ѕид (бедем KH01130) свртен кон север; В. Пример за архитектонска студија спроведена врз сегменти од ѕидот на надворешниот ограден простор кои покажуваат варијабилност на внатрешната ѕидарија Слика: Khaybar LDAP, G. Charloux. Т. Терас

Клучни зборови:
Дигитална реконструкција на бедемската мрежа од северниот дел на утврдената оазата Кајбар пред 4000 години

Дигитална реконструкција на бедемската мрежа од северниот дел на утврдената оазата Кајбар пред 4000 години. Слика: Khaybar Longue Durée Archaeological Project, M. Bussy & G. Charloux

Локација на утврдената оаза во Кајбар (црвено-бел круг) и други главни локации во северо-западна Арабија

Локација на утврдената оаза во Кајбар (црвено-бел круг) и други главни локации во северо-западна Арабија, Слика: G. Charloux, ESRI.

Проучување на ѕидањето на бедемите

Проучување на ѕидањето на бедемите. A. Варијабилност во опсегот на дебелина на секоја група од бедеми; Б. Поглед кон тековно зачуваната ѕидарија на надворешниот ограден ѕид (бедем KH01130) свртен кон север; В. Пример за архитектонска студија спроведена врз сегменти од ѕидот на надворешниот ограден простор кои покажуваат варијабилност на внатрешната ѕидарија, Слика: Khaybar LDAP, G. Charloux. Т. Терас.