Желбата на човекот да се вивне во височините на небото постоела од секогаш. Но, не сфаќајќи ги природните способности, луѓето верувале дека летањето е божествено својство. Сепак, со развојот на науката и техниката се раѓаат и првите идеи, но и практични обиди за конструкција на уред кој ќе овозможи летање на човекот. Патот трасиран од Леонардо да Винчи, браќата Монголфије, Бланшар, Лилијентал и многу други, конечно на 17 декември 1903 година, доведува до првиот лет со моторно летало од страна на браќата Рајт. Тој датум се смета за почеток на авијацијата и ние денес го славиме нејзиниот 120-ти роденден.
На преминот од 19. кон 20. век, напредокот во технологијата на погонски мотори и во доменот на аеродинамиката овозможи за првпат едно летало потешко од воздухот, управувано со мотор да се вивне контролирано во воздухот. Обидите на водечките дизајнери-инженери од тоа време за изведување на овој подвиг биле неуспешни. Честа за успешна изведба на првиот постојан и контролиран лет на моторизиран воздухоплов потежок од воздухот им припадна на двајцата браќа, сопственици на продавница за велосипеди во Дејтон, Охајо – Орвил и Вилбур Рајт. Браќата го искористија нивното искуство од областа на механиката стекнато со нивниот бизнис и направија радикален пробив – со изум на контрола по три оски, што им овозможи да управуваат со авионот и да ја одржат неговата рамнотежа. Нивниот прв лет, иако траел едвај 12 секунди, засекогаш го промени светот.
Лево: Орвил Рајт за време на првиот моторизиран лет на авион потежок од воздухот; Вилбур стои десно од авионот Десно: Третиот лет на Рајтови на 17 декември 1903 година. фотографии: National Park Service
Поглед од далеку кон Флаерот на Рајтови (лево на фотографијата), по четвртиот лет преземен на 17 декември 1903 година фото: Конгресна библиотека на САД
По неколку неуспешни обиди, на 17 декември 1903 година, во месноста Кил Девл Хилс во близина на Кити Хок, Северна Каролина, Орвил Рајт го заврши првиот моторизиран лет со авионот познат како Флаерот на Рајтови (Wright Flyer). Летот траеше само 12 секунди, биле изминати нешто помалку од 40 метри (120 стапки) и била постигната максимална брзина од околу 10 километри на час. Она што е уште поневеројатно е што, еден од вкупно петте луѓе што биле сведоци на овој историски прв лет, успеал да сними фотографија од настанот. Браќата извршиле уште три лета тој ден, менувајќи се на пилотската позиција, а при најдолгиот лет за 59 секунди биле поминати 260 метри. Наголемата височина достигната при овие летови изнесувала околу 10 метри. На крајот од четвртиот лет авионот претрпел оштетување, налети од ветер го превртеле, уништувајќи го толку многу што надвор од умот било да се размислува за каква и да е поправка на “кршот”. Авионот никогаш повеќе не летал, но Орвил ги однел остатоците дома во Охајо и постепено ги реставрирал.
Лево: Вилбур (лево) и Орвил Рајт. Фото: Историски парк Карилон Десно: Флаерот на Рајтови во Националниот музеј за воздухопловство и астронаутика Смитсонијан во Вашингтон фото: музеј Смитсонијан
Флаерот на Рајтови е денес дел од редовната поставка на Смитсонијан во Вашингтон Д.Ц, САД, каде посетителите можат да го видат како дел од изложбата насловена како Браќата Рајт и Инвенцијата на воздухопловната ера.
Статуите од бронза го рекреираат првиот лет на браќата Рајт во близина на Кити Хок, Северна Каролина фотографии: National Park Service
Повеќе за историјата на воздухопловството од неговите почетоци до денес може да прочитата во серијалот објавен по повод еден век од првиот лет на браќата Рајт:
100 години авијација (1 дел): Митови, визионери и воздухопловни пионери
100 години авијација (2. дел) - Темели на современото воздухопловство
100 години авијација (3. дел) - Помоќно, побрзо, повисоко
100 години авијација (4. дел) - Сегашноста и иднината на авијацијата
100 години авијација (5. дел) - Македонија во векот на авијацијата