Во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, во рамки на програмата Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE), за оригинални и иновативни идеи и напредни решенија, интердисциплинарни тимови на студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Фармацевтскиот факултет, Медицинскиот факултет, Технолошко-металуршкиот факултет, Градежниот факултет и Филолошкиот факултет ги презентираа своите студентски проекти.
Уредот Pharmaset со светлосен и звучен сигнал (аларм) во определено време од денот ги потсетува пациентите навремено да си ги земаат лековите.
Уредот Гастросенс ја детектира промената на pH вредноста во желудникот и дава звучен сигнал при последователни промени на вредноста на рН како резултат на прекумерен внес на храна.
Prosfinger претставува протеза за прст произведена од биокомпатибилна пластика со 3Д печатење врз основа на медицински снимки на пациентот.
Проектот Фотобиореактор е насочен во развој на фотобиореактор за култивирање на фотоавтотрофни бактерии од родот Rhodobacter кои се употребуваат за спречување на загадување и ослободување на стакленички гасови.
Проектот Метаматеријал, за блокирање на звучни бранови, има цел да развие напредно иновативно решение за звучна изолација со користење на метаматеријали.
Асистивната тастатура е специјализиран тип тастатура дизајнирана да им помогне на лицата со физички попречувања или ограничувања при пишување.
Мобилната апликација за препознавање на македонски банкноти дизајнирана да им помогне на луѓето со оштетен вид да го надминат проблемот со кој секојдневно се соочуваат при препознавање на вредноста на македонските банкноти поради нивната непристапност.
Descartes претставува систем со Декартова роботска рака наменета за тестирање на иновативен сензор за аголна позиција, кој е во процес на развој.
На презентацијата беа присутни и професор д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ и Стево Пендаровски, Претседател на Македонија.
„Факултетот за електротехника и информациски технологии, инспириран од европската иницијатива за Smart Anything Everywhere (SAE), четири години организира студентска програма за развој на најдобри практични студентски решенија. Оваа програма ја воведовме со цел да го стимулираме вмрежувањето меѓу студентите од различни единки на УКИМ и нивната заедничка работа на интердисциплинарни идеи. Сакаме да покажеме дека строгите граници помеѓу различните области полека се бришат и дека иднината е токму во интердисциплинарниот и холистички пристап кон решавање на современи проблеми, а во насока на обезбедување паметни и одржливи решенија. Преку развојот на интердисциплинарни идеи во функционални прототипови низ годиниве, покажавме дека нашите студенти сакаат и знаат да одговорат на предизвици. Студентите со голем ентузијазам прифаќаат да работат на иновативни проекти, а ние сме тука да им ги обезбедиме сите ресурси. Во таа насока, INNO-SAE е и одлична платформа за промоција на образованието кое го нуди нашиот универзитет“, рече деканот на ФЕИТ, Атанасовски.
„Вашиот ангажман во овој паневропски проект е потврда дека иновациите се неопходност и доказ за трансформативната моќ на заедничкото решавање на проблемите во една држава. Во свет оптоварен со предизвици, нашата заложба за зголемување на степенот на дигитализација во општеството не е само стратегија на хартија, туку е нужност, затоа што дигиталните технологии се катализатори на општествените промени. Оттаму, токму вие, студентите со желба за знаење и експериментирање ќе го обликувате светот на иднината каде што иновациите не се избор, туку начин на живот. Наша должност е да овозможиме да биде ослободен креативниот капитал на вас, дигиталните пионери, да помогнеме вашите идеи да ги преточите во решенија затоа што моќта да се промени светот лежи во секој од вас. Не се плашете од непознато, бидете лидери кои не само што се адаптираат на промените, туку и ги предводат, бидејќи без сомнение, вие го имате тој потенцијал во себе”, рече Пендаровски.
Програмата SAE е интегрален дел од активностите на ФЕИТ ФабЛаб, и се организира во соработка со Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ и Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (УКИМ) во Скопје. INNO-SAE е отворен за сите студенти на УКИМ и во таа насока е и одлична платформа за промоција на образованието кое го нуди Универзитетот.
Извор ФЕИТ