Рубрика: Информатика
Француската старт-ап компанија Mistral AI собра 385 милиони евра
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.12.2023 - 16:00

Француската старт-ап компанија за вештачка интелигенција, Mistral AI во неделата објави дека успеала да собере 385 милиони евра, со што се најде на второ место на листата европски лидери во доменот на вештачка интелигенција, веднаш зад германската компанија Алеф Алфа. Платформата за вештачка интелигенција и големи јазични модели (LLM) развиена од Mistral AI е делумно одговор на предизвиците на јавната злоупотреба и безбедносните проблеми со кои се соочува ChatGPT, но истовремено стреми да стане конкурент на производот на OpenAI.

Основачи на компанијата која во моментов има 22-ца вработени, се Артур Менш, Гијом Лампл и Тимоте Лакроа. Сите тројца имаат искуство во големи американски технолошки фирми, во одделите за вештачка интелигенција на Гула и на Мета.

Како и добар дел од неговите конкуренти, Мистрал им нуди на компаниите јазични модели со отворен код, кои работат со јавни податоци. Компанијата го лансираше Mixtral 8x7B, отворен модел како Европски одговор на платформите како ChatGPT на OpenAI и Bard на Google. Mistral AI користи отворен код бидејќи основачите, делумно, веруваат дека софтверот со отворен код го намалува потенцијалот за злоупотреба.

Компанијата основана во мај оваа година веќе до јуни кешираше 105 милиони евра, поради што многумина се посомневаа во постоење на т.н. “ВИ балон” (AI bubble). Шпекулациите беа особено поттикнати поради тоа што во тоа време компанијата сѐ на клиентите не можеше да им понуди никаков производ. Од европските фирми за вештачка интелигенција, единствено германската Алеф Алфа успеа да прибере толку многу средства, подигајќи речиси 500 милиони евра на почетокот на ноември. Овој втор круг на финансирање, предводен од калифорнискиот фонд Андресен Хоровиц, го проценува Мистрал на 2 милијарди евра, според извори од финансиската сфера, што го прави француски технолошки еднорог, со вредност од над една милијарда евра.

Артур Менш е еден од тројцата основачи на Мистрал, кои веруваат дека софтверот за ВИ може да биде побезбеден и поефективен. Фотографија: Тоби Мелвил

Извршниот директор на Мистрал, Артур Менш, рече дека новонајавеното откритие означува „уште еден голем чекор кон нашиот забрзан подем“.

Појавата на европски играчи на полето на вештачка интелигенција се случува додека Европската унија се обидува да најде начин за идна регулација на секторот, без да ги заузда иновациите во регионот.  Земјите-членки на ЕУ и регулаторните лица во петокот постигнаа договор околу начинот на изготвување на правила што ќе ги регулираат моделите на вештачка интелигенција.

Франција и Германија првично се плашеа дека прекумерната регулатива ќе ги загрози нивните шампиони уште во зародиш.

Меѓу поддржувачите на Mistral се и неколку американски технолошки гиганти, вклучувајќи го софтверскиот издавач Salesforce, а според извори од индустријата меѓу нив  е и групацијата Nvidia, глобален лидер во производството на чипови за суперкомпјутери. Меѓу другите познати поддржувачи се наоѓаат и BNP Paribas, General Catalyst, La Famiglia, Eric Schmidt, New Wave, Motier Ventures и Sofina.

Мобилизацијата на најголемите играчи од Силиконската долина ги одразува довербата и ентузијазмот што Мистрал го генерира за само осум месеци постоење. Американските медиуми веќе ја споменуваат компанијата како потенцијален ривал на OpenAI.

Компанијата соопшти дека има за цел во наредните месеци да постигне иновативни капацитети за вештачка интелигенција и да создаде производи наменети за развојните инженери и претпријатијата.

Платформата Mistral AI е достапна во бета верзија а се најавува дека ќе биде целосно оперативна до почетокот на 2024 година.

Клучни зборови:
Артур Менш е еден од тројцата основачи на Мистрал

Артур Менш е еден од тројцата основачи на Мистрал, кои веруваат дека софтверот за ВИ може да биде побезбеден и поефективен. Фотографија: Тоби Мелвил