До пред извесно време, најстрашната позната сончева бура беше онаа од 1 септември 1859 година, позната и како Карингтонов настан. Споменатата сончева експлозија предизвикала големи пожари и целосна блокада на телеграфските комуникации во поголемиот дел од планетата. Но, Карингтоновиот настан би бил нешто како мало треперење на светилката во споредба со сончевата експлозија што мошне извесно се случила пред 14 300 години.
Анализирајќи ги прстените од стеблата на дрвјата пронајдени на француските Алпи, една меѓународна група истражувачи откри дека пред 14 300 години се случила досега најголемата соларна експлозија, настан што пред тоа не бил идентификуван. Ако ваква експлозија се случи денес, повеќето од сателитите во Земјината орбита ќе бидат речиси моментално ставени надвор од функција – ќе снема GPS навигација, интернет, а речиси сигурно ќе има и огромни прекини во дистрибуцијата на електричната мрежа. Накратко, штетата би била непроценлива како во економска така и во технолошка смисла.
Резултатите од откритието објавени во Philosophical Transactions of the Royal Society A: Mathematical Physical and Engineering Sciences ја истакнуваат важноста од разбирање на механизмот на сончевите бури, со цел да се заштити нашата глобална комуникациска и енергетска инфраструктура за иднината.
Уметнички приказ на голема соларна експлозија Извор: NASA
Истражувањата биле спроведени од научници од Колеж де Франс, CEREGE, IMBE, Универзитетот во Екс-Марсеј и Универзитетот во Лидс, кои ги мереле нивоата на изотопот јаглерод-14 во древните дрвја зачувани во еродираните брегови на реката Друзе, во близина на Гап, на југот на француските Алпи. Оваа метода на радиојаглеродно датирање овозможува од органски материјали, какви што се и човечките и животинските остатоци, растенијата или артефактите, да се датираат со голема прецизност.
Поединечни прстени од стеблата на дрвјата, кои биле во речиси фосилизирана состојба, биле анализирани со екстремна прецизност, при што бил идентификуван невиден скок во нивоата на радиојаглерод во времето пред точно 14 300 години. Споредбата помеѓу овој радиојаглероден скок и мерењата на берилиум, хемиски елемент пронајден во аномални количини во примероците на ледените јадра собрани на Гренланд, го наведе истражувачкиот тим кон тврдењето дека скокот е последица од соларна бура од огромни размери, која исфрлила огромни количини енергетски честички, достигнувајќи ја конечно и Земјината атмосфера.
Како што објаснува Едуард Бард, професор по климатска и океанска еволуција на Колеж де Франс и CEREGE и главен автор на студијата: „Радиојаглеродот и берилиумот се произведуваат постојано во горните атмосферски слоеви, со верижна реакција поттикната од космичкото зрачење.” А неодамна, научниците открија дека екстремните сончеви настани, вклучително и соларните блесоци и исфрлања на коронарна маса, можат да доведат до огромни скокови во создавањето на радиојаглерод и берилиум во текот на една година. А токму ваков неверојатен скок е забележан пред 14 300 години.
Во периодот од последните 15 000 години, досега се идентификувани вкупно девет мошне интензивни соларни бури, познати како Мијакеови настани. Покрај Керингтонoвиот настан, податоци од сведоци има и за соларните бури што се случиле во 774 и во 993 година од н.е. Но, онаа што се случила пред 14 300 години била најлоша од сите и имала интензитет барем двојно поголем од другите. Во моментов сè уште не можеме да разбереме зошто понекогаш се случуваат бури од овој размер и зошто е речиси невозможно тие да се предвидат однапред.