Рубрика: Енергетика
За потребата од ПАХЕ „Чебрен“ (2)
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 12.10.2023 - 13:15

Во првиот дел (тука) констатиравме дека во целиот свет интензивно се градат нови реверзибилни хидроелектрани (РХЕ), наречени уште пумпно-акумулациони хидроелектрани (ПАХЕ). Јапонија е светски лидер на ова поле, Кина ја гради најголемата ПАХЕ на светот (Шианши Јуанку, 4 X 300 MW), Хрватска покрај постоечките 3 гради уште 4 нови реверзибилни хидроелектрани, а во сите поранешни југословенски републики веќе има таквие електрани, освен во Македонија, која има намера да се задоволи само со една третина од идната ПАХЕ „Чебрен“.

Во светот се градат многу вакви електрани, но зошто всушност се градат, какви се предностите на реверзибилните хидроелектрани?

1. Складирање на енергијата: ПАХЕ постројките ја складираат одвишната енергија за време на пониска побарувачка и ја враќаат за време на врвна потрошувачка. Со зголемувањето на производството од фотонапонски (ФН) електрани, вишоците произведени преку ден се складираат за потрошувачка во вечерните часови, кога кај нас вообичаено се јавува врв на потрошувачката. Без ПАХЕ ФН електрани се полуупотребливи.

2. Стабилност на електроенергетската мрежа: ПАХЕ ја подобруваат стабилноста на мрежата со обезбедување брз одговор на побарувачката од електрична енергија, на пример при нагло наоблачување на времето и падот на моќноста на ФН електрани.

3. Балансирање (врамнотежување) на електричното производство и потрошувачка: ПАХЕ можат бргу да ја прилагодат излезната моќност за да воспостави рамнотежа со променливата побарувачка, намалувајќи ја потребата од дополнителни електрични централи.

4. Интеграција на обновливите озвори на енергија (ОИЕ): ПАХЕ можат да ја складираат енергијата од обновливите извори како што се ветерот и Сонцето, за употреба во периодите кога нема ветер, односно Сонце. Без ПАХЕ нема „Зелена транзиција“ кон обновливи извори.

5. Израмнување на врвовите на побарувачката: ПАХЕ можат да обезбедат дополнителна моќност за време на периодите на врвна побарувачка (на пример навечер), намалувајќи ја потребата од скапи „врвни“ електрани, кои би морале да бидат стартувани за задоволување на врвната побарувачка.

6. Арбитража на енергијата: операторите на мрежата можат да купат енергија кога цената е ниска (на пример дење од ФН електрани) и да ја продадат кога цената е висока (навечер) и така да профитираат од разликата во цената. Од таа услуга ПАХЕ исто така имаат профит.

7. Регулација на фреквенцијата на мрежата: ПАХЕ можат да помогнат во одржувањето на фреквенцијата на мрежата во рамки на дозволените граници, во моментите на нагло зголемување или намалување на производството или потрошувачката на електрична енергија во мрежата.

8. Можност за старт после распад на мрежата (Black start): ПАХЕ постројките можат да се употребат за рестартирање на мрежата во случај на распад на мрежата или други дефекти во системот.

9. Издржливост на мрежата: ПАХЕ можат да обезбедат сигурно снабдување со електрична енергија, дури и за време на екстремни временски услови и други вонредни ситуации.

10. Намалување на емисијата на „стакленички“ и отровни гасови: ПАХЕ ја намалуваат потребата за „врвни“ електрани на фосилни горива и на тој начин ја намалуваат емисијата на стакленичките и отровните гасови.

11. Менаџмент на водите: Тие нудат контрола, односно управување со водните ресурси, овозможувајќи ефикасно менаџирање и намалување на отпадните води.

12. Подобрување на сигурноста на браните: ПАХЕ обезбедуваат механизми за дополнителна сигурност, вклучувајќи контрола на поплавите и подобрена стабилност и сигурност на браните.

13. Создавање на нови работни места: Изградбата и експлоатацијата на ПАХЕ отвора нови работни места во домашната економија.

14. Максимирање на приходите: ПАХЕ можат да продаваат енергија по максимални цени за време на врвната побарувачка и на тој начин да генерираат максимални можни приходи.

15. Долг работен век: Овие електрани имаат долг работен век, често над 50 години.

16. Ниски оперативни трошоци: Откако ќе се изградат, ПАХЕ имаат релативно ниски оперативни трошоци и трошоци за одржување, кои се движат од 2% до 10% од приходите од продадената енергија.

17. Намалени трошоци за пренос на енергијата: Мали ПАХЕ можат да се изградат близу до центрите на висока побарувачка (на пример во Козјак близу Скопје), со цел да се намалат загубите при преносот.

18. Подобрена енергетска ефикасност: ПАХЕ претставува еден од најефикасните методи за складирање и ослободување на електричната енергија.

 

Реверзибилната хидроелектрана Dlouhé Stráně во Чешка, со најголеми турбини во Европа (2 X 325 MW). Инвестицијата била вратена за само 7 години!

19. Ургентни интервенции: Тие можат да обезбедат ургентни интервенции, како што се стабилизирање на напонот во мрежата и компензација на реактивната моќност.

20. Корист за околината: ПАХЕ помагаат во намалувањето на потребата од извори на енергија што се штетни по околината, поддржувајќи почист енергетски систем.

21. Одложување на потребата за проширување на мрежата: ПАХЕ може да ја одложи потребата за скапо проширување на мрежата и надградба на инфраструктурата.

22. Енергетска независност и енергетски суверенитет: ПАХЕ можат да ја намалат зависноста од увозна енергија.

23. Истражување и развој: Развојот на технологијата за ПАХЕ придонесува кон усовршувањето на складирањето на енергијата и менаџирањето на мрежата.

24. Туристички атракции: ПАХЕ често имаат импресивни резервоари, брани и електрани, коишто можат да привлечат туристи, планинари и други љубители на природата.

25. Активности во природа: Рекреативните подрачја околу ПАХЕ можат да се користат за разни активности, како што се пешачење, планинарење, кајак, кану и веслање, рибарење и кампирање.

26. Приходи од туризам: Околината на ПАХЕ може да генерира приходи од туризам, од што ќе има корист локалната економија преку зголемена потрошувачка од страна на посетителите.

27. Можност за техничко образование: Посетителите ќе можат да научат за технолошките и еколошките аспекти на хидроенергијата преку образовни тури во ПАХЕ.

28. Еколошко образование: Околината на ПАХЕ може да се користи за промовирање на еколошката свест и образование за менаџмент на водите.

29. Културно наследство: Околината на некои ПАХЕ може да има историско, културно или религиозно значење, привлекувајќи посетители коишто се интересираат за историјата.

30. Создавање работни места во туризмот: Туристичката индустрија поврзана со околината на ПАХЕ може да отвори нови работни места во хотелско-угостителската дејност.

31. Изградба на патишта: Со изградба на патишта до ПАХЕ, на туристите им се олеснува пристапот до туристичките атракции и природните и историските локалитети.

32. Брз поврат на инвестицијата: Последно, но најважно - поради производството на електрична енергија од протокот на реката, но и складирањето на енергијата со рециклирање на водата, приходите на ПАХЕ се значително повисоки отколку кај конвенционалните хидроелектрани, поради што времето на поврат на инвестицијата е многу кратко, често под 10 години.

Другите земји на големо градат ПАХЕ, ќе градиме ли и ние или ќе раскрчмуваме на странците?

Клучни зборови:
Реверзибилната хидроелектрана Dlouhé Stráně во Чешка