Првото управување на робот со помош на сигнали од мозокот, реализирано во 1988 година од страна на професорот Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот факултет и Лилјана Божиновска од Институтот за физиологија при Медицинскиот факултет, најголемата меѓународна организација на електроинженерите во светот IEEE го прогласи за монументално откритие и научна пресвртница. За одбележување на овој момент и местото каде ова достигнување беше постигнато, IEEE денес постави спомен-плоча во просториите на ФЕИТ.
Денес, на Факултетот за електроника и информациски технологии, беше одбележан досега најголемиот дострел на македонската наука во доменот на информатиката и биоинженерингот. Имено, како што веќе известивме, Комитетот за историја при IEEE, најголемата меѓународна организација на електроинженерите во светот, процени дека истражувањето на професорот Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот факултет, спроведено заедно со Лилјана Божиновска од Институтот за физиологија од Медицинскиот факултет во Скопје, при што за првпат со мозочни сигнали човек контролирал подвижен робот, претставено во трудот објавен истата 1988 година претставува монументално откритие и научна пресвртница. За одбележување на овој момент и местото каде ова достигнување беше постигнато, IEEE денес постави спомен-плоча во просториите на ФЕИТ.
На церемонијата за откривање на плочата обраќање имаа претседателот на IEEE, претседателот и, претставници од историскиот комитетот на IEEE и на IEEE регионот 8, деканот на ФЕИТ, ректорот на УКИМ, претседателот на Македонија и, секако, водачот на проектот што ја реализира пресвртницата во 1988 година.
Присутните гости од фелата, членовите на семејството на истражувачите, како и почесните гости од IEEE и претседателот на државата, најнапред ги поздрави потпретседателот на македонската секција на IEEE, проф. д-р Гога Цветковски.
По ова реч имаше претседателот Стево Пендаровски кој за оваа пригода, меѓу другото кажа: “Инженерите се движечката сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата. Нашата земја не може да биде исклучок од овие глобални трендови кои го диктираат развојот на националните економии, но, за тоа е потребно соодветно вреднување и многу поголема поддршка на инженерските струки и нивна популаризација меѓу младите.”
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, во своето обраќање акцент стави на улогата на инженерите како двигатели на промената и едукатори на идните генерации, па кажа дека „сите сме одговорни кон развивање на иновативни процеси за трансфер на знаења и технологии во општеството. Интеграцијата помеѓу универзитетите, индустријата и другите релевантни институции треба да биде поддржана од нашето општество, бидејќи едукацијата значи постојано унапредување на социјалниот, професионалниот и економскиот развој, односно изнаоѓање идејни решенија за надминување на разликите помеѓу светот“.
Потоа на присутните им се обрати деканот на ФЕИТ. Зборувајќи за важноста на достигнувањето на тимот на проф. д-р Божиновски, професор д-р Владимир Атанасовски, истакна дека „првата роботска контрола од сигналите на човечкиот мозок претставува историски подвиг за нашата земја и за нашата наука. Тоа ги покажува способностите што ги поседуваат македонските научници и нивната визија да направат длабоки научни чекори на неисцртани научни територии. Ова достигнување не само што е значајно локално, туку покажува придобивки за целото човештво. Токму на ова место, на овој факултет, пред 35 години се формираше врската меѓу две претходно далечни области (т.е. роботиката и ЕЕГ сигналите). Ова извонредно дело покажа дека научната фантастика може да стане реалност и да ја зголеми улогата на технологијата во модерното живеење. Практично, ова дело отвори комплетно нова област во науката, контрола на уреди со помош на EEG сигнали“.
По ова обраќање до присутните имаше претседателот на IEEE, проф. д-р Саифур Рахман, кој иако имаше подготвен говор во кој го претстави најголемото и навлијателно меѓународно здружение на инженери и работата што тие ја вршат, понесен од моментот на оддавање признание за достигнување од ваков калибар за научници од една мала држава, ја истакна важноста за овој момент да остане запаметен во колективната меморија, да се промовира во школите за да може да послужи како инспирација за следните генерации на инженери. Рахман особено ја истакна важноста да сите подеднакво да се охрабруваат и насочуваат кон патот на науката и техниката, затоа што инженерите градат, комуницираат, соработуваат.
Претставникот на историскиот комитет на IEEE, проф. д-р Марко Делимар проговори малку за процесот за проценка на она што треба да се одбележи како историска пресвртница во доменот на електротехниката и информациските науки. Притоа тој истакна дека ова признание е едно од 238 вкупно поставени паметници со коишто се одбележуваат монументални дострели во електротехниката и понекоја мошне важна локација за промоција на науката, од постоењето на IEEE до денес. Притоа, како што тоа го истакна и претставникот на регионот 8 на IEEE, проф. д-р Мартин Бастианс, треба да сме особено горди бидејќи се работи за досега најмладо достигување, а ова е и едно од само четири спомен-обележја што IEEE ги има поставено во регионот на источна и југоисточна Европа.
За крај, збор доби проф. д-р Стево Божиновски, како предводник на истражувачкиот тим што во 1988 година го постигна Првото управување на робот со помош на сигнали од мозокот. Притоа тој го објасни целокупниот успех на истражувањето и значењето на македонската во светската наука, истакнувајќи дека резултатите во светски рамки ќе бидат реплицирани дури по 11 години, а на тлото на Европа дури по 15 години од постигнувањата на македонските научници.
По повод овој настан на ФЕИТ се одржа и натпревар на студентски трудови на тема Поврзување човек-машина: од почетоците преку современите текови до иднината. Притоа беа презентирани шест студентски труда, кои влегле во потесен избор на конкурсот.