На денешен ден се навршуваат точно 60 години од првата презентација на компактната аудио касета и првиот касетофон од страна на реномираната холандска компанија Филипс (Philips). Имено, на 30 август 1963 година, на саемот Berlin Radio Show биле претставени овие два производа кои ќе ја одбележат аудиотехниката и музичката продукција во следните неколку децении. Во текстот што следи ќе ја проследиме фасцинантната историја на касетата и касетофонот и нивното влијаните во музичката продукција, компјутерската техника и општо, во животот на луѓето низ повеќе генерации.
Овој месец, на 30 август се навршуваат точно 60 години од првата презентација на компактната аудио касета и првиот касетофон од страна на реномираната холандска компанија Филипс (Philips). Имено, на 30 август (некаде се среќава и 28) 1963 година, на саемот Berlin Radio Show биле претставени овие два производа кои ќе ја одбележат аудиотехниката и музичката продукција во следните неколку децении. Иако денес овие две нешта можеби ја губат смислата на своето постоење, не така одамна тие беа многу повеќе од предмет – беа медиум за лична аудиокреација и запис на емоции, како и можност да се направи личен музички избор.
Компактната аудиокасета толку бргу и толку длабоко навлезе во нашето секојдневие така што во 70-те и 80-те години на 20 век речиси и да немаше дом без касетофон. Едeн од најзаслужните за тоа е холандскиот инженер по име Лодевијк Фредерик ‘Лу’ Отенс (Lodewijk Frederik “Lou” Ottens, 1926-2021, слика 1). Во списанието на Кралскиот институт за инженери, во една статија од 2007 година за историски пронајдоци во областа на аудиото, покрај фонографот на Едисон, грамофонот на Берлинер, магнетните снимки на Поулсен, ЛП плочата на Голдмарк, ги вбројува и компактната касета и компакт дискот на Лу Отенс.
Слика 1: Лу Отенс човекот што има најголем придонес за создавањето на компактната касета
Во строга смисла на дефиницијата, Отенс не бил пронаоѓач. Компактната касета и CD-то се пронајдоци на Филипс – тој „само“ бил човекот што ги иницирал обете откритија. Заслугите на Отенс лежат во тоа што тој внимавал на можностите за развој на нови техники и за нови иновативни апликации на постојните техники, и притоа со длабок поглед го следел пазарот и имал одлучност за наметнување на соодветни правци за развој. Бил еден од првите со јасна визија за минијатуризацијата како двигател на технолошките иновации, неговото мото било: „помало е подобро”. За него, помалото значело посигурно, поевтино, подобра преносливост и помала потрошувачка на енергија.
По Втората светска војна, технологијата за снимање на магнетна лента се проширува низ целиот свет. Во САД, компанијата Ампекс (Ampex), користејќи како почетна точка опрема добиена од Германија, започнува со комерцијално производство на магнетофони. Тие најнапред се користат во музичките студија и студијата на радиостаниците, но мошне бргу се нашле во училиштата и во домовите. До 1953 година 1 милион американски домови имале магнетофон.
Во 1958 година, по четири години развој, РЦА Виктор (RCA Victor) го претставува својот стерео, четврт-инчен, реверзибилен, кертриџ со лента на макари. Во Европа Филипс (Philips) се натпреварувал со Телефункен (Telefunken) и Грундиг (Grundig) со нивниот DC-International формат. Филипс во тоа време имал три фабрики за производство на магнетофони. Во Ајндховен се произведувале магнетофони за професионалниот пазар, во Виена скапи магнетофони наменети за аудиофилскиот потрошувачки пазар, а во Хаселт фокусот бил на помалите и на поевтините уреди за широка потрошувачка. Сите произведени снимачи биле од типот со класични магнетофонски макари. Неколку компании, сепак се обидувале да дизајнираат т.н. „музичка касета”, еден вид црна кутија во која ќе бидат сместени и макарите и лентата. Намената била да се поедностави работата со снимачот.
Слика 2: EL 3585, првиот преносен магнетофон на Филипс кој користел класични макари со лента
Во 1952 година во одделот за електроника во Филипс, веднаш по дипломирањето се вработил холандскиот инженер Лодевијк Фредерик ‘Лу’ Отенс. Својата кариера ја започнал во одделот за деловна механизација на главната индустриска група во Ајндховен. Во 1957 година бил префрлен во фабриката на Филипс во белгискиот град Хаселт, со 1500 вработени кои произведувале магнетофони и звучници. Во 1960 година, Отенс станува шеф на новиот оддел за развој на производи во Хаселт. Под негово водство бил развиен EL 3585, првиот преносен магнетофон на Филипс кој користел класични макари со лента (слика 2), од кој што ќе се продадат повеќе од 1 милион примероци во светски рамки.
Врз основа на успехот на EL 3585, во Филипс Хаселт се појавил план за развој на пренослив касетофон. Комерцијалниот оддел го нарекол новиот производ „џебен снимач”. Уредот морал да биде евтин и мал, со мала потрошувачка на батериите и со разумен квалитет на звукот. Изборот на касетата бил од суштинско значење во планот. Од 1959 година, Филипс Хаселт е во контакт со RCA за нивниот систем на касети. Сепак, Отенс заклучил дека RCA системот не е соодветен за употреба во компактните мобилни уреди поради големите димензии на касетата и релативно големата брзина на репродукција на лентата од 9,5 cm/s. Па така, било одлучено сами да развијат мала касета што ќе се заснова на касетата од RCA (слика 3).
Слика 3: Касетата на RCA од 1958 година (десно) е со поголеми димензии и работи со брзина на лентата од 9,5 cm/s, па затоа Отенс и Филипс Хаселт одлучиле сами да развијат мала касета (лево) што ќе се заснова на касетата од RCA
За почеток, Отенс ги определил димензиите на уредот за репродукција. Сфаќајќи ја задачата буквално – дизајнирање на џебен снимач, тој исекол парче дрво што ќе може да го собере во страничниот џеб од неговата јакна. Тоа парче дрво станало модел според кој ќе биде дизајниран првиот преносен касетофон EL 3300. Потоа, врз основа на големината на уредот за репродукција, Отенс го одредил форматот на касетата. Избрал потесен фреквенциски опсег, сличен на оној што се користел во конкурентскиот систем на CBS, и стандардна брзина од 4,75 cm/s. За развој на касетата и опремата за репродукција Отенс располагал со тим од десет до дванаесет техничари, главно млади луѓе од Белгија и Холандија, кои во Ајндховен веќе стекнале искуство во дизајнирање или производство на грамофони и на магнетофони и сега ова знаење го применувале во лабораториите на Филипс.
Во 1963 година развојот на касетата и уредот за репродукција во Хаселт веќе напредувал толку многу што во Филипс одлучуваат да го прикажат на јавноста за време на Меѓународниот саем во Берлин (Berlin Radio Show) – слика 4.
Презентацијата на Филипс била веднаш прифатена со голем ентузијазам во аудио светот. Но, на саемот биле присутни голем број јапонски претставници кои внимателно сликале сè што е новитет. Нешто подоцна, на пазарот ќе се појават јапонски копии на касетата на Филипс. Овие касети ќе бидат малку поголеми од оригиналните на Отенс. Во трката за воспоставување на својата касета како светски стандард, Филипс побарал поддршка од јапонските производители на електроника.
Слика 4: На Меѓународната радио изложба во 1963 година, Philips EL 3300 бил првиот уред со новиот медиум за снимање: компактната аудио касета
Јапонската компанија Сони сакала да ја избере касетата што ја развил Отенс заради нејзините помали димензии. Во 1966 година Отенс оди во посета на Јапонија и таму делегацијата на Филипс преговара со десет компании за електроника. Следеле долги преговори околу авторските права. Филипс ја дал својата понуда дека касетата може да се преземе како стандард без компензација за авторските права, но требало да се плати за технологијата на опремата за репродукција. Всушност, во оваа технологија клучен бил механизмот патентиран од Филипс кој ги вметнувал магнетните глави во касетата. Една по друга компаниите за електроника го презеле системот на Филипс и развивале свои уреди за репродукција и снимање на аудиокасети. Така компактната касета на Филипс станала доминантна како резултат на притисокот што Сони (Sony) го извршил врз Филипс со цел да им го лиценцира бесплатно форматот.
Добавувачите на магнетни ленти пуштиле касети C60 и C90 под нивно име, со времетраење од 60, односно 90 минути. Некои производители кои ја презеле аудио касетата избрале друго име, но на крајот сите го користеле името „касета“. Со текот на времето биле продадени околу 100 милијарди аудиокасети.
Во 1969 година Отенс станува директор на Филипс Хаселт. Бидејќи касетата била успешна ширум светот, побарувачката за касетофони од Филипс исто така се зголемила, па се зголемил и бројот на вработени на над 5000. Фабриката не само што доставувала комплетни снимачи на касети, туку произведувала и посебни електромеханички погонски системи за компактната касета. Овие погони биле вградувани во снимачите од други фабрики на Филипс и од други компании. Успехот на компактната касета продолжил да се зголемува.
Една интересна епизода од историјата на аудио касетата е поврзана со создавањето на еден од можеби најголемите и најзначајните хитови во историјата на рок музиката – “I can’t gеt no satisfaction” од Rolling Stones. Една ноќ Кит Ричардс долго се обидувал да компонира нова песна, и на крај уморен заспал. Утредента кога се разбудил не можел да се сети дали успеал да компонира нешто ново, но забележал дека касетата од касетофонот (што го користел да ги забележи идеите) била стасана до крај. Направил rewind до почетокот, пуштил play и многу се изненадил кога го слушнал оној генијален гитарски риф, срцето на песната Satisfaction... а потоа 40 минути ‘рчење (според неговите зборови). Така, да не била аудио касетата од Филипс, денес можеби ќе бевме ускратени за една генијална рок композиција.
Компактната касета, исто така вообичаено наречена само касета или аудиокасета, е формат за аналогно снимање и репродукција на аудио на магнетна лента. Kомпактните касети доаѓаат во две форми – со претходно снимена содржина или како целосно празна касета. И двете форми имаат две страни и се реверзибилни за корисникот.
Компактните касети содржат две минијатурни макари, меѓу кои се пренесува и се намотува магнетно обложената пластична лента (магнетна лента) од типот на полиестер (слика 5). Овие макари и нивните придружни делови се сместени во заштитна пластична обвивка со димензии 10,2 cm × 6,35 cm × 1,27 cm. Самата лента обично се нарекува лента од „осмина инч“ (широка 1⁄8 инчи = 0,125 инчи = 3,17 mm), но всушност е малку поголема – има ширина од 0,15 инчи односно 3,81 mm. На лентата се достапни два моно аудио записа или два стерео пара трагови – канали (вкупно четири канали). Еден стерео пар или една моно снимка се репродуцира или снима кога лентата се движи во една насока, а втората (или вториот стерео пар канали) кога се движи во друга насока. Овој пресврт се постигнува или со рачно превртување на касетата кога лентата ќе заврши, или со превртување на движењето на лентата, познато како autoreverse, кога механизмот ќе открие дека лентата завршила.
Слика 5: Компактната касета има пластично куќиште со две минијатурни макари, меѓу кои се пренесува и се намотува магнетно обложената пластична лента (магнетна лента).
Должината на лентата вообичаено се мери во минути од вкупното време за снимање или репродукција. Најпопуларни видови празна лента беа C60 (30 минути по страна), C90 (45 минути по страна) и C120 (60 минути по страна). Лентите во касетите C60 вообичаено се дебели од 15 до 16 μm, во C90 се од 10 до 11 μm и (помалку вообичаените) C120 се само 6 μm дебели, што ги прави поподложни на истегнување или кинење. Дури и лентите C180 биле достапни во некој период. Целосната ширина на лентата е 3,81 mm. За моно снимање, ширината на патеката е 1,5 mm. Во стерео режим, секој канал има ширина од 0,6 mm со одвојување од 0,3 mm за да се избегне преслушување.
Масовното производство на „празни“, сè уште неснимени компактни касети започна во 1964 година во Хановер, Германија. Однапред снимените музички касети, познати и како Music-Cassettes, а подоцна и само Musicassettes (скратено MC), биле лансирани во Европа кон крајот на 1965 година. Компанијата Mercury Record Company, американска филијала на Philips, ги претстави MC во САД во јули 1966 година. Првичната понуда се состоела од 49 наслови. Британските издавачки куќи почнуваат да издаваат компактни касети во октомври 1967 година.
Слика 6: Препознатливи се разлики во бојата на лентата кај најчестите формулации на лента, од горе до долу: железен, ферикобалт, хром диоксид и касети со метални честички (лево)... a се воспоставуваат и стандардизирани засеци за автоматско избирање лента (десно) - одозгора до дното: Тип I (и Тип III), Тип II, Тип IV
Системот првично бил дизајниран со намена како диктафон и за пренослива употреба, при што аудиоквалитетот на раните репродуктори не бил најдобро прилагоден за музика. Некои рани модели имале и несигурен механички дизајн. На почетокот како магнетен слој на лентата се користел железен оксид. Сепак квалитетот изостанал поради тоа што при стандардната брзина од 4,75 cm/s фреквенцискиот опсег бил од 100 – 8000 Hz и шумот бил доста изразен. Многу подобар квалитет се постигнал со т.н. нискошумни („low noise“) ленти, каде се зголемил фреквенцискиот опсег, а шумот се намалил.
Значаен скок во квалитетот се постигнал со користење на лента на база на хром диоксид (пронајдена од формата DuPont во 1968, а применета во касета од фирмата Адвент во 1970 година) при што фреквенциската карактеристика се подобрила и достигнала 40 – 12500 Hz. Овие ленти барале посебна еквилизација и струја за предмагнетизирање, заради што касетофоните се надградиле со копчиња за избор на лентата во касетата помеѓу „железен оксид“ (Fe2O3), често означено со Normal или IEC Type I и „хром диоксид“ (CrO2), означено и како IEC Type II. Следен исчекор во квалитетот на снимката повторно го прави корпорацијата Адвент во 1971 година со воведувањето на системот за редукција на шум Долби Б (Dolby B) во нивниот касетофон Модел 201 со механизам за транспорт на лента од комерцијална класа. Ова резултирало форматот да биде сфатен посериозно за музичка употреба и со тоа започнува ерата на касети и репродуктори со висока верност. Натамошен напредок во квалитетот е овозможен со пронаоѓањето на феро-хром лентата (IEC Type III) во 1973 г. од страна на Сони и на т.н. „метал“ лента (IEC Type IV), која содржи честички од чист метал а не метални оксиди, пронајдок на фирмата 3M во 1979 година. Разликите помеѓу овие типови на касети и ленти се прикажани на слика 6. На тој начин, во втората половина на 1970-ите касетата и касетофонот достигнуваат висок аудиоквалитет, близок до тој на грамофонските плочи.
Касетофонот е електронско-механички уред за снимање и/или репродукција на звук зачуван на магнетна лента сместена на касета (слика 7). Снимањето на лента и репродукцијата од него се врши со магнетни глави. Комерцијалните уреди имаат комбинирана глава за ова, а уредите со повисок квалитет имаат посебна глава за репродукција од главата за снимање.
Слика 7: Касетофонот е електронско-механички уред за снимање и/или репродукција на звук зачуван магнетна лента сместена на касета – внатрешноста на првиот касетофон Филипс EL3300
Првиот касетофон на Филипс EL3300 имал димензии од 113 x 56 x 196 mm и тежел 1,5 kg, што секако го декларира како пренослив. Чинел 300 DM при лансирањето и не одговарал на потенцијалот на спецификациите на касетата: фреквенцискиот опсег бил до околу 6 kHz; но малку подоцнежниот EL3302 ќе ја подигне оваа карактеристика на 10 kHz. Натамошниот развој на касетофоните е многу брз што во текот на 1970-ите, 1980-ите и 1990-ите ќе резултира со многу модели на касетофони (слика 8), од батериски преносни (т.н. Boombox), преку модели за во автомобил, па се до стационарни уреди (cassette deck) во домашните музички системи, и со сите нивоа на квалитет – од нискобуџетни до комерцијална и врвна класа.
Слика 8: Касетофоните се произведуваа во разни форми, големини и квалитативни нивоа - лево е типичен boombox од 1980-ите, а десно е врвниот касет-дек Nakamichi Dragon, кој се произведуваше од 1982 до 1993 година
На 1 јули 1979 година во Јапонија започала продажбата на првиот персонален аудиокасетофон Walkman TPS-L2 на Sony. Вокменот “спакуван” во метална сребрено сина мала кутија ќе се продава за 33 000 јени, односно 150 американски долари. Во Сони предвидуваа месечна продажба од околу 5 000 парчиња, но само во првите два месеци ќе бидат продадени повеќе од 30 000 Вокмени.
Вокменот (слика 9) набрзо доживува и интернационална продажба под различни називи – како Soundabout во САД, Freestyle во Австралија и Шведска и Stowaway во Велика Британија. Конечно, во раните 80-ти години, називот Вокмен (Walkman) ќе биде општоприфатен насекаде низ светот и Сони ќе го користи ова име во светски рамки.
Слика 9: Првиот персонален аудиокасетофон Walkman TPS-L2 на Sony од 1979 година (лево) и еден од подоцнежните модели WM2 од 1981 година (десно)
Осумдесеттите години на минатиот век се декада на интензивен развој на Вокменот. Во 1983 година Sony го воведе првиот ултра компактен Вокмен со големина на касета, а во 1986 година го претстави првиот модел опремен со далечински управувач. До 1999 година Sony продаде околу 186 милиони Вокмен касетофони. Преносниот CD плеер ќе го означи крајот за преносните Вокмен касетофони и нивното производство во Јапонија сопира во 2010 година.
Исто така, касетата и касетофонот беа користени и за зачувување на податоци на домашните компјутери од тоа време (слика 10). На ова сигурно ќе се сетат корисниците на ултрапопуларните компјутери од 1980-те – Commodore 64 и ZX Spectrum, како и постарите модели на Atari. А штом се сетат на тоа, уште посигурно ќе се сетат и на емисиите со компјутерски игри што ги емитуваше Радио Скопје (Македонското радио) а коишто се снимаа со помош на домашните касетофони и декови за потоа да се вчитат и репродуцираат на компјутер.
Слика 10: Касетата станала и популарен медиум за зачувување на податоци на домашните компјутери од тоа време
При крајот на 1970-те касетата и касетофонот предизвикаа уште една значајна револуција – повеќеканална музичка продукција во сопствениот дом (или подрум ;-)). Имено, во 1979 година TASCAM (професионалниот оддел на фирмата TEAC) го исфрла на пазарот првото компактно студио Teac 144 Portastudio. Ова е прв уред на кој може да се снимаат и миксаат 4 независни канали на касета, со што се овозможи лесно правање на демо снимки и експанзија на музичката продукција и рок групите.
По пионерските модели на TASCAM и други фирми започнуваат со производство на портабл студија (аудиомиксери со вграден 4 или 8-канален касетофон – слика 11). Во прво време портабл студијата имаат 4 канален касетофон со стандардната брзина од 4,75 cm/s и бидејќи се користи целата ширина на лентата во една насока, на касета C60 може да се сними музика во траење од 30 минути. За подобрување на квалитетот на снимката се користат и вградени системи за редукција на шум – Dolby B, C или DBX. При крајот на 1980-те и почетокот на 1990-те се појавуваат и модели со 8-канален касетофон, а прв е повторно TASCAM со моделот 688. 8-каналните касетофони користат двојно поголема брзина (9,5 cm/s) со која се овозможува висок квалитет и покрај тоа што секој од каналите е мошне тесен. Меѓутоа, со таа брзина касета C60 трае само 15 минути, што не е некој проблем поради ниската цена на касетите и можноста да се снимат неколку песни.
Слика 11: Првото 4-канално портабл студио Teac 144 Portastudio (лево) и 8-каналното портабл студио Yamaha MT8X (десно)
Падот и враќањето на „отпишаните“
Касетата развиена од холандската компанија Филипс во 1963 година, поради својата едноставност и практичност станала најкористениот медиум за снимање и репродукција на звук од средината на 1960-ите до средината на 1990-ите години. Со подемот на CD-то, претставено во 1982 година, касетата почна полека да исчезнува од музичката сцена. Во 1992 година, снимените касети сè уште сочинуваа повеќе од половина од продажбата на музика; четири години подоцна, овој удел се намали на една четвртина. До крајот на 1990-те, продажбата на касети постепено паѓаше. Појавата на ЦД-ата за снимање се чинеше дека носи конечна пропаст за касетата, особено ако се има предвид што тоа дојде во моментите кога интернетот го олесни преземањето на музика.
„Падот на денешната касета го отсликува исчезнувањето на лентата со 8 песни од пред две децении“, објави Билборд во својот број од 28 декември 2002 година. Една година подоцна, продажбата на касети опадна за 40,3%, додека продажбата на ЦД-а се намали за само 3%, поради порастот на пиратеријата на интернет. Во графиконот за приказ на Продажба на албуми по формати од 19 декември 2009 година, на крајот на годината, касетите визуелно исчезнаа како самостојна категорија и се сместени во категоријата „друго“.
Но, извештаите за смртта на форматот беа многу претерани. Андерграунд бендовите ја препознаа касетата како lo-fi медиум прилагоден на нивните потреби. Големите студиски куќи брзо реагираа, а повеќе уметници како MGMT, на пример, објавија снимки на касета. Според Luminate, во периодот од 2015 до 2022 година, компактната касета бележи зголемување од 443% во продажбата во САД, а имиња како Тејлор Свифт, Меган Ти Сталион и Марен Морис го поттикнаа нејзиното враќање. Се чини дека касетата ја дели истата судбина со винилот, кој привремено беше прогласен како мртов, за по деценија-две да доживее камбек. Денес, касетите најдоа нова генерација подготвена да го зачува овој автентичен носач на звук, ако ништо друго како куриозитет и оригинално издание.
Возобнобениот интерес доведе до прогласување на Ден на продавниците за касети (Cassette Store Day) во САД, кој се одбележува на 7 септември.
Касетата сигурно никогаш нема да го поврати статусот што го уживаше во 80-те, но како аудио медиум кој е евтин, забавен и тактилен, очигледно е дека има простор за враќање назад.
Слика 5: Компактната касета има пластично куќиште со две минијатурни макари, меѓу кои се пренесува и се намотува магнетно обложената пластична лента (магнетна лента).