Се сеќавате ли на филмскиот хит „Лов по Црвениот октомври“ од 1990 година со Шон Конери во улогата на Марко Рамиус, како командант на советската подморница наречена, погодивте, Црвен октомври? Подморницата беше опремена со т.н. Caterpillar погонски систем, без подвижни делови и особено тивок, што го оневозможуваше нејзиното следење. 35 години подоцна ДАРПА, оперативниот дел на Министерството за одбрана на САД, работи на погонски систем мошне сличен на фиктивниот Caterpillar систем опишан во филмот.
Во срцето на проектот е мотор којшто креаторите го дефинираат како „магнетохидродинамичен“, кој не користи ротирачки компоненти – пропелери, вратила или запчаници, туку само електрична струја и магнети. Погонот функционира со примена на магнетно поле на проток на електрична струја. Притоа се генерира таканаречена Лоренцова сила, која делува на водата туркајќи ја низ цевка од која излегува во форма на воден млаз. Потисокот на водата го покренува бродот или подморницата да се движи брзо напред и, што е уште поинтересно, тоа да го направи во апсолутна тишина.
За волја на вистината магнетохидродинамичкиот погон не е сосема нова идеја. Научниците работат на него уште од 60-тите години на минатиот век. Во 1992 година, Јапонската фондација за бродови и океани примени мотор од овој тип на брод долг 30 метри, Јамато-1, но погонот даде скромни резултати – системот апсорбира огромни количини енергија за да постигне брзина од околу 6 јазли (околу 11 km/h). Но, како и да е, тестот ја покажа валидноста на идејата.
Јапонскиот прототип со магнетохидродинамичен погон, Јамато-1 денес се наоѓа изложен пред Поморскиот музеј во Кобе, Јапонија. Десно може да го видите едниот крај на магнетохидродинамичкиот погон од пловилото
Според DARPA, напредокот во технологијата може денес да го направи јапонскиот систем поефикасен, со користење на магнети од новата генерација, кои се многу помоќни од оние од 90-тите години, а наликуваат на оние развиени за задржување на плазмата генерирана од нуклеарна фузија во магнетно поле.
Друг проблем на Јамато-1 беше брзата корозија на електродите. Имено, солената вода мошне бргу ги кородира металите, а процесот дополнително се забрзува со поминување на електрична струја.Но и овој недостатот може да се надмине со современите технологии, односно со употреба на новоразвиените облоги дизајнирани за батериите на електричните возила.
Па, истражувачите од одбранбениот сектор се оптимистички расположени и сметаат дека за неколку години ќе можат да создадат нов многу поефикасен погон од овој тип, Јамато-2, кој ќе биде применлив во реалниот свет од првата верзија.