Aјде да урнеме еден мит: во повеќето општества на ловци-собирачи, жените не се задолжени само за собирање растенија и плодови од земјата. Според студијата објавена неодамна во PLOS One, во која се анализираат податоците од последните сто години за различни социјални групи од овој тип, во најмалку 8 од 10 случаи жените ловат заедно со мажите. Оваа нова свест е поткрепена со бројни археолошки докази. Имено, многу од откриените женски скелети се пронајдени закопани заедно со оружје што се користи за лов.
Според некои научници, улогата на жените како ловци била ограничена во минатите епохи и поради тоа таа не се пронаоѓала во современите општества. За да ја потврдат оваа теорија, истражувачите анализирале податоци во врска со последните сто години за 63 социјални групи на ловци-собирачи расфрлани низ светот – од Америка и Африка, преку Австралија, до Азија и до пацифичкиот регион. Се покажало дека жените не само што ловат во 79% од анализираните општествени групи, без разлика дали се мајки или не, туку и дека во преку 70% од случаите учеството во ловот е намерно, односно не се случува како исклучок додека се вршат други активности, а што е најинтересно жените ловци мошне често успешно ловеле и голем плен.
Лево: Дијана ловец, дело на Гијом Сењак, 19 век; Десно: Грчко-римска мермерна статуа на божицата на ловот Артемида / Дијана, в. 1 век н.е., Музеј Лувр, Париз
Освен што ловат, како што се покажало, жените се и умешни во уметноста на ловот – често користат повеќе стратегија и имаат поголема разнообразност во изборот на оружје од мажите. Според авторите, стереотипот „ловец-маж-собирач“ влијаел и на претходните археолошки студии, кои толкувани во светлината на предрасудите довеле, на пример, предметите што мошне често се наоѓаат заедно со женските скелети да не се сметаат за ловечко оружје.
Имајќи го предвид овој наод авторите бараат преиспитување на ваквите артефакти, како и во иднина да се посвети поголемо внимание на правилното толкување на доказите без родова пристрасност.