Рубрика: Омнибус
Дали навистина сонцето нѐ прави посреќни?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.08.2023 - 12:00

Краткото објаснение е ова: изложеноста на сончева светлина му овозможува на нашиот мозок да произведува повеќе серотонин, хормон кој поттикнува подобрување на расположението. Со ова ефективно се чувствуваме посреќни. А сега, ред-два и за некои други податоци...

Сонцето нѝ подарува и среќа. Како што споменавме, од биолошка гледна точка изложувањето на сончева светлина му овозможува на нашиот мозок да произведува серотонин, невротрансмитер којшто вообичаено се нарекува и „хормон на среќата“. Серотонинот игра суштинска улога во регулирањето на различните функции на нашето тело, како што се расположението и квалитетот на сонот. Зголеменото производство на хормонот, всушност, генерира подобрување на расположението, што прави да се чувствуваме посреќни и полни со енергија. Наспроти ова, во темница, нашето тело произведува мелатонин, хормон кој генерира чувство на замор и нѐ тера да се опуштиме, овозможувајќи нѝ да спиеме подобро.

Правилната рамнотежа помеѓу овие две “состојки” е мошне битна за регулирање на благосостојбата на телото. Поради ова, оние кои работат или живеат долго време во отсуство на дневна светлина, на пример, жителите на најсеверните земји во светот, имаат поголема веројатност да страдаат од нарушувања поврзани со недостаток на сончева светлина. Една од најчестите патологии е сезонското афективно пореметување, кое се манифестира со симптоми како тага, недостаток на енергија и проблеми со циклусот сон-будност. Овие проблеми вообичаено се третираат со светлосна терапија, третман при кој луѓето периодично се изложуваат на светли вештачки светла (чијшто светлински спектар е близок на дневната светлина) за да го предизвикаат телото да генерира серотонин.

 

Бонус читанка: 8 совети за добро расположение и позитивен став

Таткото на позитивната психологија Мартин Селингман теоретизираше дека додека 60 проценти од среќата се одредуваат од нашите гени и околината, останатите 40 проценти зависат од нас. Формулата, исто така, заведе уште еден познат психолог, Филип Зимбардо, кој повторно се осврна на тоа во својата книга Временскиот парадокс. И двајцата се согласуваат дека ако е невозможно повторно да се родиш и да добиеш нови гени, наместо тоа можеме да работиме на тие 40%. Како? Науката предлага најмалку 8 начини.

1. Поминувајте (најмалку) 20 минути дневно на отворено. Според серија студии објавени во 2010 година во Journal of Environmental Psychology, ова не само што помага да се одржи подобра состојба на умот, туку и ја подобрува меморијата. Сончевата светлина, дури и во облачен ден, дополнета со свежиот воздух се добри за вас.

2. Посветете се да бидете среќни. Многу студии потврдија дека кога луѓето активно се обидуваат да бидат среќни, тие го подобруваат своето расположение, на крајот се чувствуваат посреќни од оние кои не го прават тоа. Во една од студиите, во текот на две недели учесниците слушале низа оптимистички музички дела. Притоа, оние од кои било побарано да се фокусираат на нивното чувство на среќа пријавиле подобрување во расположението наспроти оние од кои било побарано да се фокусираат само на музиката.

3. Откријте ги вашите силни страни и посветете се на нивно искористување. Во книгата „The Happiness Advantage“психологот Шон Ахор, од Харвард, пишува за експеримент спроведен на 577 волонтери, од кои било побарано да изберат една од нивните силни страни и да ја применат на нов начин секој ден во текот на една недела. На крајот доброволците се чувствувале многу посреќни и помалку депресивни од контролната група. И тоа не е сè – придобивките од овој modus vivendi траеле и по завршувањето на експериментот. Имено, нивото на среќа кај овие луѓе останало непроменето цел месец.

4. Редовно вежбајте. Вежбањето ослободува ендорфин во мозокот, што го подобрува расположението. Ако тренингот е редовен, позитивното расположение ги “премостува” и деновите кога не тренирате. Ова го потврдува и истражувањето на Универзитетот во Бристол според кое "Во деновите со тренинг, расположението на луѓето значително се подобрува по вежбањето и останува исто и во следните денови на одмор. Со исклучок на чувството за смиреност, кое се губи по одредено време".

5. Дајте му смисла на животот. Истражувачите од Универзитетот Тохоку во Јапонија спровеле седумгодишно истражување во кое биле опфатени повеќе од 43 000 луѓе на возраст од 40 до 79 години, прашувајќи ги дали имаат икигаи (јапонски термин за „смислата на животот“), а потоа ја следеле нивната здравствена состојба. 95% од испитаниците кои изјавиле дека нашле смисла во својот живот биле живи седум години по првичното истражување, наспроти околу 83% од оние кои изјавиле дека немаат добра причина да живеат. Недостатокот на икигаи, според истражувачите, е особено поврзан со смртта поради развој на кардиоваскуларни болести.

6. Поминувајте време со среќни луѓе… или со нивните пријатели. Според една студија објавена во Statistics in Medicine, среќата е заразна. Истражувачите откриле дека кога човек станува среќен, блискиот пријател има 25% поголема веројатност да стане среќен. Сопружникот на среќна личност има 8% поголеми шанси за среќа, а соседите 34%. Но, има и други бенефити. Истражувачите направиле преглед на повеќе претходни студии, откривајќи одредени врски за “ширење на среќата”с. Имено, во согласност со теоријата наречена „теорија на социјална зараза“ или „три степени на влијание“, кога една личност е среќна, ефектот може да се прошири за три степена, сè до пријателите на нејзините пријатели.

7. Негувајте силни социјални односи. Ако имате неколку блиски пријатели, големо семејство со љубов или силни врски во заедницата, вие сте посреќни. Помеѓу бројните студии кои го потврдуваат ова, постои едно од психологот Шон Ахор спроведено помеѓу 1600 студенти на Харвард, кои покажале дека социјалната поддршка е причина за среќа и е важна повеќе од фактори како што се семејниот приход, оценките на универзитетот, возраста, полот или етничката припадност.

8. Грижете се за другите. Луѓето кои поминуваат време секој месец помагајќи им на другите, независно дали тие други се животни, луѓе или едноставно се грижат за околината, се посреќни! Истражувањето на д-р Сузан Ричардс од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Ексетер во Обединетото Кралство направило преглед на 40 студии од последните 20 години за врската помеѓу волонтерството и здравјето, откривајќи дека волонтерството е поврзано со помалку случаи на депресија, поголема благосостојба и 22% намалување на ризикот за смрт.

Клучни зборови: