Вештачката интелигенција ја реконструира 3Д сликата на она што сме го виделе во минатото, тргнувајќи од одразот на нашите очи. Резултатите не се баш остри, но технологијата е револуционерна.
Има моменти кога науката се спојува со научната фантастика. Таков е и случајот со пронајдокот на нов систем за вештачка интелигенција развиен од истражувачи од Универзитетот во Мериленд, кој е во состојба да го реконструира во 3Д она што сме го виделе преку анализа на одразот во нашите очи. Со други зборови, вештачката интелигенција може да го “прегледа” минатото на една личност, почнувајќи од слика со добра резолуција која ја доловува играта на светлина и сенка од реалноста рефлектирана во нашите очи и деформирана од рожницата, зеницата и ирисот. Деталите од студијата може да се најдат на предпринт серверот за научни трудови Arxiv.
Како што објаснуваат авторите, вештачката интелигенција ја анализира светлината што се рефлектира во очите за да ја претвори во поле на нервно зрачење (на англиски Neural Radiance Field, NeRF) или модел на вештачка интелигенција што ја дефинира сцената во 3D. За разлика од класичните NeRF, на кои им е потребна видеосеквенца за да ја реконструираат реалноста, на овој нов систем му требаат само неколку “фрејма” од очите во движење.
Ова значи дека реалноста може да се реконструира од Инстаграм или Фејсбук објава или од видео спот – истражувачите се обиделе со едно музичко видео од Мајли Сајрус и едно од Лејди Гага, но во овој случај, резултатот (којшто може да се погледне тука) не е баш најдобар, поради ниската резолуција на материјалот на Youtube.
Вака објаснето изгледа едноставно, но во реалноста се работи за мошне сложена операција. Првата потешкотија е во тоа што треба да се издвојат различните слоеви на сликата, со двоење на испреплетените рефлексии на ирисот; вториот предизвик е да се процени положбата на рожницата, фундаментален чекор во реконструкцијата на повеќекратната визија што ѝ дава живот на 3D сликата. За да ги решат двата проблема, научниците развиле два различни алгоритми. Иако резултатот сè уште не е совршен, 3D реконструкцијата во иднина би можела да се примени во различни области, како што се виртуелната реалност или медицинските истражувања.