Вжештениот свет на којшто од метални облаци врнат капки титаниум е најрефлектирачката планета што досега била забележана надвор од нашиот Сончев систем, известија астрономите во понеделникот. Како што отлриваат новите набљудувања направени со европскиот вселенски телескоп Кеопс, наменет за истражување на егзопланети, овој чудесен свет, оддалечен повеќе од 260 светлосни години од Земјата, рефлектира дури 80% од светлината од својата матична ѕвезда. Тоа ја прави прва егзопланета чијшто сјај може да се спореди со оној на Венера, која е најсветлиот небесен објект на земското ноќно небо, по Месечината, се разбира.
Егзопланетата LTT9779b, со големина на Нептун, за прв пат е откриена во 2020 година. Планетата орбитира околу својата матична ѕвезда за само 19 часа. Бидејќи има мошне блиска орбита, температурата на планетарната страна свртена кон матичната ѕвезда достигнува 2000 степени Целзиусови, што се смета дека е за премногу жешко за да се формираат облаци. А сепак, се чини дека LTT9779b ги има.
Истражувачите набрзо сфатиле дека треба да размислуваат за формирањето на облак “на ист начин како што кондензацијата се формира во бањата по топол туш“, вели Вивиен Пармантје (Vivien Parmentier) од француската Опсерваторија на Азурниот брег и еден од истражувачите – потписници на трудот објавен во Astronomy and Astrophysics. Слично како што течната топла вода ствара пареа во бањата, врелиот проток од метал и силикати (материјалот од којшто е сочинето стаклото), ја презаситиле атмосферата на LTT9779b сѐ дури во неа не се формирале метални облаци.
Планетата, која е околу пет пати поголема од Земјата, е чудна и по неколку други нешта. Досега единствените откриени егзопланети со орбита помала од 24 часа околу матичната ѕвезда биле или гасни џинови, 10 пати поголеми од Земјата, или карпести планети, со половина од нејзината големина. Но, LTT9779b е сместена во регион наречен „пустински Нептун“, во којшто планети со нејзината големина не би требало да се наоѓаат.
„Тоа е планета која не треба да постои“, вели Пармантје, истакнувајќи дека близината на матичната ѕвезда досега требала да ја спржи атмосферата оставајќи зад неа само голи карпи.
Но, според научникот Максимилијан Гинтер од проектот Кеопс на Европската вселенска агенција, металните облаци на планетата „дејствуваат како огледало“, рефлектирајќи ја светлината и спречувајќи расејување на атмосферата. Слично на штит од некој научно фантастичен филм. Тој додава дека истражувањето претставува „голема пресвртница“ бидејќи покажува дека планета со големина на Нептун би можела да се најде во оваа зона.
Вселенскиот телескоп Кеопс на Европската вселенска агенција беше лансиран во орбитата на Земјата во 2019 година со мисија за истражување на планетите откриени надвор од нашиот Сончев систем. Тој ја измери рефлективноста на LTT9779b со споредување на интензитетот на светлината пред и откако егзопланетата исчезнала зад нејзината матична ѕвезда.