НАСА избра и втор лунарен модул кој , покрај Starship на SpaceX, треба да врши превоз на лунарните астронаути и товар до Месечината во наредните години. Новиот модул е Blue Moon (Сина месечина) на компанијата Блу Ориџин на Џеф Безос.
Новото ‘превозно средство’ е планирано да биде високо 16 метри, ќе тежи околу 16 тони и е планирано да се лансира со ракетата Њу Глен на Блу Ориџин, која сѐ уште не е тестирана. НАСА ја избра Сината месечина како дополнување (и бекап) на Ѕвездениот брод (Starship) на SpaceX, кој сепак ќе биде првиот модул што по пауза од 4 декади повторно ќе го однесе човекот до Месечината и назад.
Уметнички преказ на ракетата Њу Глен која треба да ја понесе Сината Месечина до вселената
Blue Moon е проект на група компании предводени од Blue Origin, кои ќе ја координираат работата на Lockheed Martin, Boeing, Draper Hineybee Robotics и Astrobotic. Лунарниот модул, за кој во моментов има само малку информации и илустрации објавени на сајтот на Blue Origin, ќе треба да има можност и да се прикачи на Lunar Gateway, новата вселенската станица што ќе се гради во орбита на Месечината почнувајќи од 2027 година. Модулот е планиран да се користи како „такси превоз“ за астронаутите од идната вселенската станица до површината на Месечината.
Според договорот што ќе биде потпишан помеѓу НАСА и Blue Origin, модулот треба да биде оперативен почнувајќи од 2029 година, годината кога е планирано лансирањето на мисијата Артемида 5 (Artemis V), за потоа да почне редовно да се користи не само од страна на НАСА, туку и од секој кој ќе посака да однесе материјали и астронаути на Месечината. Но, претходно Blue Origin ќе треба да ја докаже ефикасноста на леталото Blue Moon со тест лет без екипаж.
Уметнички приказ на Сината Месечина на површината на Месечината
За разлика од другите лунарни модули кои користат гориво наречено хидразин, Blue Moon ќе користи течен водород и кислород за својот погон, избор кој сè уште бара одредени технолошки прилагодувања. Иако водородот и кислородот веќе се користат како погонско гориво за лансирање на ракети, ова ќе биде првпат тие да се користат како погонско гориво и за човечките мисии во вселената. Зошто токму ваков избор за гориво? Затоа што во иднина, горивото би можело да се произведува директно на Месечината и со тоа да се обезбеди одредена автономност од нашата планета. Имено кислородот и водородот може да се добијат од мразот којшто е потврдено присутен на нашиот сателит.
Самиот модул Blue Moon беше претставен уште во 2019 година од страна на Џеф Безос, којшто ја поседува компанијата Блу Ориџин, како модул за карго превоз до површината на Месечината. Последниве години компанијата водеше легални “битки” во врска со изборот на НАСА во мисиите Артемида да ги користи услугите на SpaceX.
Вкупната цена на овој проект се проценува на околу 7 милијарди долари, од кои околу 3,4 милијарди ќе ги обезбеди НАСА, а останатите ќе бидат обезбедени од приватни компании, пред сѐ од страна на Blue Origin.