Саемот на книгата што традиционално го имаме секоја пролет е во полн ек. Како што веќе пишавме, најавени беа мноштво промоции на белетристички дела од македонски и странски автори, намалени цени итн. Сега да разгледаме како стојат работите со присуството на стручна и научно-популарна литература во саемската понуда.
На прв поглед не е лошо или барем, подобро од очекуваното. Во понудата на повеќе издавачи можеа да се забележат дела што секако ќе им користат на учениците и студентите од повеќе разни области – енцикопедии, учебници, дополнителна стручна литература, а секако за поздрав се научно-популарните дела и едукативни играчки наменети за најмладите, кои треба да го посадат она првично семе на интерес што ќе се развие во никулец на непресушна љубопитност и желба за откритија. Но да одиме со ред.
На влезот во “саемскиот простор”, во понудата на издавачката куќа Гоцмар во својата понуда можат да се најдат неколку книги од областа на информатиката. Ништо инвентивно, но сепак неопходно четиво наменето за идните програмери и сите оние сакаат да научат нешто повеќе за некои од програмските јазици. Тука, пред влезот во салата, ќе ги најдете и Магор и нивната понуда едукативни содржини наменети за студентите и учениците од областа на медицината.
Во понудата на Топер ги има веќе познатите нивни мини-енциклопедии наменети за деца, во кои се покриваат разни аспекти од светот околу нив и од животот воопшто, додека во понудата наменета за возрасните имаше неколку дела од популарната психологија. А дела од областа на популарната психоплогија има и кај издавачот ТРИ, дури и многу повеќе.
Мошне интересна е понудата на Полица, особено во делот на научно-популарна литература наменета за деца. Имено, кај нив можат да се најдат преводите на сите пет дела од “Џорџ и тајниот клуч на универзумот”, серијал книги за деца напишани од Луси и Стивен Хокинг наменета да ги научи децата на основите од астрономијата, астрофизиката, космологијата и другите принципи кои управуваат со нашиот универзум. Во делот наменет за возрасни кај нив можеа да се забележат повеќе наслови од областа на општествените науки но и неколку од областа на медицината.
Изданија од областа на популарната психологија можат да се забележат и кај Сакам книги, кај Антолог каде можеа да се видат и неколку биографии на личности од областа на науката и техниката, а кај Сигмапрес во понудата имаше и дела кои покриваат сегменти од областа на општествените науки. На штандот на Антолог може да се најде и првата македонска графичка новела (стрип) која е направена со помош на вештачка интелигенција направена според романот "3 минути и 53 секунди“ на Берт Стајн/Бранко Прља.
На штандот на Бата прес, освен “стандардните” дела од популарната психологија може да се забележат неколку дела од областа на историјата и етнологијата, од кои би ја издвоиле “Македонија Горна Река – село Кичиница, историски видувања и записи” од Драган Поповски, а на прв поглед како интересно четиво ми се чини и книгата на Ѓорѓе Зафировски “Мечтите на хирургот”.
Значаен дел од изложбениот простор во халата им припаѓа на Академска Книга, каде понудата на научно популарна и стручна литература е и најобемна. За жал, најголемиот дел од оваа понуда не е на македонски јазик, но како бонус е тоа што од друга страна е во добар дел со најтазе датум на оригинално издавање, со ретки исклучоци во понудата на останатите издавачи.
Книжарница.мк има интересна понуда наменета за деца, која освен енциклопедии и слични дела, има и играчки и друштвени едукативни игри наменети за деца.
Мартина комерц ја има веќе стандардната понуда од едукативни книги наменети за деца а истото може да го кажеме и за издавачката куќа Феникс
Во понудата едукативни содржини никако не треба да ја заобиколиме понудата на Светот на Биби – мултимедијален проект кој преку неколку детски ликови (Биби, Боби, Зази) на децата им помага да учат многу важни работи, да пеат, да играат, да го учат мајчиниот јазик. Тука посетителите на саемот ќе најдат голема понуда на едукативни сликовници и книги што го покриваат образованието од најмала возраст.
Од стручни дела и дела од областа на популарна наука на албански јазик би ја издвоиле понудата на издавачите Албас, Фан Ноли, Нобел. Понудата на Албас покрива и повеќе енциклопедии и едукативни книги наменети за деца и млади, во понудата од Нобел присутни се имиња од областа на популарната психологија, додека во понудата на Фан Ноли забележав неколку наслови кои се бават со животот на познати личности од науката.
Секако, да не заборавиме, на саемот со свој штанд се присутни Државниот архив на Македонија и МАНУ каде може да се најдат нивните научни и стручни изданија.
Понуда на дела од областа на научна и епска фантастика
Иако не е во најзастапените, речиси кај сите издавачи можеше да се најде по некој добар примерок на литература од областа на научната фантастика. Од изданијата на македонски јазик би ги издвоиле преводите на познатата трилогија "Дивергенти" од Вероника Рот и нивниот приквел "Четворка" (издавач Полица); преводите на неколку од популарните дела од Станислав Лем – "Соларис", "Едем", "Непобедливиот" што можат да се најдат на штандот на Антолог;
Сите кои се интересираат за стрип секако треба да го посетата штандот на Бункер каде можат да се најдат некои од стриповите добро познати на овие простори (Загор, Текс Вилер, Спајдермен), како и популарните Манга, Мајнкрафт, но и стрипови изработени според животот на познати личности и настани.
Секако не треба да ја заобиколиме понудата на Арс Ламина (Литература.мк) каде може да се набави најновиот македонски научно-фантастичен роман, добитник и на наградата Пегаз – “Зелениот Дворец” од Сибо. На нивниот штанд може да се најдат и мноштво изданија од научната и епската фантастика на англиски јазик, но и повеќе преводи на познати дела. Најголем обем дела од областа на научната и епската фантастика има кај нивните "соседи" – Академска кмига, каде освен повеќе изданија на класиците на научната фантастика, како Френк Херберт, Исак Асимов, Артур Кларк, има и неколку различни изданија на легендарниот "Автостоперски водич низ галаксијата" на Даглас Адамс, како и фантастика од понов датум како трилогијата "Игри на гладта" од Сузан Колинс, "Дивергент" трилогијата на Вероника Рот, како и добра понуда од делата на Стивен Кинг, но... сите на англиски јазик. Но некои од најпопуларните дела на Кинг можеа да се забележат и кај македонските издавачи Арс Ламина (Литература.мк) и Сакам книги, со особен акцент на оние што добиле и филмска верзија.
Би сакала да се извинам на читателите што не можам подлабоко да ја анализирам понудата на научнофантастична литература на албански, но можам да кажам дека во понудата на Нобел го забележав Мет Хејг, чиишто дела претставуваат интересен спој од фантастика, популарна психологија, философија, а е мошне популарен последниве години.