Во текот на изминатата деценија небото над Кина, што некогаш беше матно од загадување, сѐ повеќе и повеќе се разбиструва. Вака барем укажуваат атмосферските мерења направени од сателитите на НАСА во текот на повеќе од две децении. Но, истражувачите велат дека патот до целосно чист воздух во Кина којшто ќе донесе подобро здравје за нејзините граѓани е сѐ уште долг.
Според Чи Ли, атмосферски научник од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис во Мисури, брзината со која Кина го намали загадувањето на воздухот е „импресивна“, а се должи на технолошките решенија и амбициозните политики.
Секоја година, загадувањето на воздухот е одговорно за повеќе од четири милиони предвремени смртни случаи на глобално ниво, од кои околу еден милион отпаѓаат на Кина. Се работи за смрт предизвикана првенствено од срцеви заболувања, рак на белите дробови и респираторни заболувања. Ситните честички со дијаметар од 2,5 микрометри или помалку, познати како PM2,5, се најзагрижувачкиот загадувач на воздухот.
Податоците за Кина покажуваат дека од доцните 1990-ти, просечната годишна изложеност на PM2,5 во земјата се зголемила од 35 на повеќе од 50 микрограми на кубен метар, пред да се израмни околу 2006 година на вредност помеѓу 50 и 60. Од 2013 година, нивоата на PM2,5 постојано се намалуваа, а во 2021 година, просечната годишна изложеност беше 33,3 микрограми на кубен метар. Тоа е под националниот стандард за квалитет на воздухот од 35, но сепак многу повисоко од препорачаното ниво од 5 микрограми на кубен метар поставено од Светската здравствена организација (СЗО), со седиште во Женева, Швајцарија.
Намалувањето на колиината на PM2,5 честички во воздухот во Кина е резултат на насочените напори што земјата ги презема во изминатите две децении за справување со лошиот квалитет на воздухот. Надградбите на електраните кои работат на јаглен засега имаат најголем ефект, вели Кјанг Жанг, атмосферски научник од Универзитетот Цингхуа во Пекинг.
Од 2004 година кинеската влада обезбедува субвенции за надградба на оџаците во електраните на јаглен со филтри и друга опрема за отстранување на сулфурниот диоксид од емисиите. Имено, токму оваа молекула реагира со други соединенија во атмосферата за да ги формира PM2,5 честичките.
Во 2013 година, Кина го објави својот акциски план за спречување и контрола на загадувањето на воздухот, кој дополнително ги заостри стандардите за индустриски емисии и ги затвори малите, неефикасни генератори на електрична енергија и индустриските оператори.
Анализата на Џанг и неговите колеги покажува дека на овие мерки се дожи 81% од намалувањето на емисиите на PM2,5 во периодот помеѓу 2013 и 2017 година. Понатамошните намалувања може да доведат до помалку денови со силно загадување – коишто се поттикнати од индустриските емисии и студеното време што го спречува дисперзирањето во воздухот – кога дневната концентрација на PM2,5 може да надмине 200 микрограми на кубен метар. Минатата година, кинеската влада постави цел да ги елиминира деновите со големо загадување до 2025 година.
Но, патот до таму е сѐ уште долг. Во 2021 година, СЗО ја намали препорачаната годишна граница на изложеност за PM2,5 од 10 на 5 микрограми на кубен метар, ниво што го надминуваат повеќето земји, вклучително и Велика Британија, Германија, САД и Канада. За нас во Македонија и да не збориме
Жанг вели дека подобрувањата на квалитетот на воздухот што може да се постигнат со примена на технологиите за “крајниот испуст”, како што се филтрите за чад, кои ги таргетираат индустриските емисии, на крајот ќе бидат исцрпени. „Енергијата и климатските политики дефинитивно ќе играат поважна улога во иднина“, вели тој. Тие вклучуваат напори за снабдување на повеќе домаќинства со природен гас или електрични системи за греење во делови од рурална Кина каде што сè уште се користат јаглен и печки на дрва за да греење на домовите.
Електричните мрежи во руралните области се надградуваат за да се приспособат на зголемениот капацитет потребен за греење на домаќинствата, а секторот за обновлива енергија се шири. Но, целосната замена на јагленот со електрична енергија е сѐ уште далеку.
Според Ли, целта на Кина да стане јаглеродно неутрална до 2060 година ќе помогне во постигнување на таа транзиција и ќе го задржи нејзиниот тренд на константно намалување на загадувањето на воздухот. „Конечно, иднината ќе биде сѐ почиста и почиста ако и изворот на електричната енергија стане почист“, вели тој.
Извор Nature