Атропин, скополамин и ефедрин се халуциногените супстанции присутни во праменот коса кој датира од пред речиси 3000 години, пронајдена на Менорка, дел од Балеарските Острови во Шпанија. Каква била намената на овие дроги?
Праменот коса од древниот жител на Менорка чијашто старосте е проценета на околу 2900 години е првиот директен доказ за употребата на дрога во Европа од Бронзеното доба. Ова се резултатите од студијата објавена деновиве во Scientific Reports, во која се анализирани остатоците коса пронајдени во ритуалена дрвен цилиндар во пештерата Ес Кариткс, во западниот дел на овој шпански остров. Пронаоѓањето на така добро сочувана античка коса е „апсолутно извонредно“, се истакнува во студијата.
Коса пронајдена во еден од цилиндричните контејнери во пештерата Ес Кариткс на Менорка (Шпанија). Фото: P. Witte | Guerra-Doce et al.
Атропин, скополамин и ефедрин се халуциногените супстанции, сите алкалоиди, од растително потекло чиешто присуство било откриено во проучуваната коса, пронајдена во мали дрвени ковчежиња во пештерата што се користела како погребен простор. И претходно на тлото на Европа биле откриени артефакти кои индиректно укажуваат на употребата на моќни халуциногени супстанции (читај дроги). Имено досега во одредени кутивчиња, на повеќе локации низ Европа, биле откриени траги од опијатни алкалоиди и остатоци од наркотични растенија што биле употребувани во ритуални контексти. Во светот, најстариот директен доказ за употреба на дрога датира од пред 3000 години, а е пронајден во Чиле.
Присуството на трите халуциногени супстанци е откриено благодарение на анализата на косата извршена со сложена техника наречена течна хроматографија со ултра високи перформанси (UHPLC). Пронајдените алкалоиди потекнуваат веројантно од конзумирање на растенија како што се мандрагора, буника или татула. Атропинот и скополаминот природно се наоѓаат во растенијата кои припаѓаат на семејството Зрнци (Solanaceae) и можат да предизвикаат делириум и халуцинации; ефедринот е стимуланс кој потекнува од некои видови грмушки и борови. Според експертите, овие супстанции не се користеле како лекови: скополаминот и атропинот користени заедно предизвикуваат седација, но нивното ракување е мошне сложено, поради нивната висока токсичност. Истражувачкиот тим верува дека е многу поверојатно консумирањето да било за халуциногена, а не терапевтска цел. Имено, анализата на остатоците покажала дека сопственикот на праменот ги конзумирал овие супстанции најмалку една година, но научниците сѐ уште не знаат на кој начин го правел тоа.
Во една од просториите на пештерата Ес Кариткс биле одржувани погребни ритуали, при што косата на покојникот била боена во црвено, била чешлана и се отсекувале прамени кои потоа се вметнувале во затворени цилиндрични цевки што биле затворани во специјална кутија – ковчеже со три комори изработена од маслиново дрво и украсена со орнаменти во вид на концентрични кругови. Истражувачите сметаат дека контејнерите претставуваат своевидна временска капсула наменета за зачувување на постарите, поутврдени обичаи, што биле спроведувани пред сѐ од шаманите. Од околу 210 поединци кои биле погребани во пештерата, само неколку биле подложни на оваа практика – веројатно шамани.
Дел од предметите пронајдени во пештерата Ес Кариткс и објаснување за нивната поврзаност со древниот погребен ритуал. Предметите се дел од редовната поставка на Музејот Кан Саура Фото: Регионален музеј Кан Саура во Сиутадела на Менорка
Како што се укажува во студијата, жителите на Менорка уште од пред околу 4000 години ја третирале смртта како голем последен чин, градејќи долмени, мегалити, керни и гробници издлабени во карпи, пред за оваа намена да започнат да ги користат локалните пештери. Но, пред околу 2800 години, популацијата на Менорка и околните острови почнала да се зголемува и жителите ги напуштале старите погребни места, како што е пештерата Ес Кариткс.
На локацијата биле пронајдени вкупно шест ковчежиња скриени во дупка ископана и запечатена во таен простор на пештерата, што овозможило косата да биде совршено зачувана, заедно со прамените. Некои од цилиндричните контејнери содржат рогови, шпатули, тегли, дрвен чешел и некои бронзени предмети, кои сега се изложени во Регионалниот музеј Кан Саура во Сиутадела на Менорка.