Дали слушнавте за фотографот кој ја одби наградата освоена на еден од најголемите фотоконкурси за фотографија затоа што неговата фотографија е направена со вештачка интелигенција? Фотоконкурсот е еден од најпрестижните во светот – Sony World Photography Awards, а делото- победник во категоријата Креативна фотографија е црно-бела снимка со наслов „ПСЕВДОМНЕЗИЈА | Електричарот“ (PSEUDOMNESIA | The Electrician).
Сликата – дефинирана од жирито на натпреварот како „потресен црно-бел портрет на две жени, кој потсетува на визуелниот јазик на семејните портрети од 1940-тите“ – е создадена од германскиот фотограф и уметник Борис Елдагсен кој користел технологија наречена Stable diffusion (Стабилна дифузија), којашто создава слики со помош на вештачка интелигенција, стартувајќи со команда напишана од човечко суштество. Еве како работи еден од водечките германски уметници и што имаше да каже за неговите „фотографии“, и како предлага да се наречат овие дела.
Фотографијата PSEUDOMNESIA | The Electrician (ПСЕВДОМНЕЗИЈА | Електричарот) е дел од серијата фотографии на германскиот уметник, сите генерирани со вештачка интелигенција.
Борис Елдагсен, роден 1970 година, првично не нагласил дека ја користел оваа технологија. Имено, за учество во категоријата „Креативна фотографија“, конкурирале фотографии направени „со кој било уред“и барањата за прием за учество во натпреварот не прецизираат дали сликите може да се генерираат со помош на вештачка интелигенција или не.
Откако од селекторите на натпреварот беше прогласен за победник, Елдагсен го откри потеклото на неговата работа, по што жирито сепак одлучи да му ја додели наградата, но тој ја одби.
Елдагсен со години експериментира со употребата на вештачка интелигенција во своите дела. Поточно, тој создал цела серија наречена Pseudoamnesia, односно „лажна меморија“на латински, воо смисол повеќе како лажно сеќавање за настани што никогаш не се случиле, а не како неточно сеќавање за настани што се случиле во минатото.
Делата PSEUDOMNESIA – THE ILLUSION (ПСЕВДОМНЕЗИЈА | Илузија) – лево и PSEUDOMNESIA – LOVE (ПСЕВДОМНЕЗИЈА | Љубов) – десно, се дел од истата серија
Сликите на претставени подолу во галеријата припаѓаат на оваа серија и се преработени 20 до 40 пати со употреба на генератори на слики со вештачка интелигенција. „Како што фотографијата го замени сликањето во репродукцијата на реалноста, вештачката интелигенција ќе ја замени фотографијата“, вели Борис Елдагсен. „Не плашете се од иднината”, – додава тој.
Со оглед на тоа дека неговите дела не претставуваат вистински фотографии, Борис Елдагсен вели дека можеби веќе нашол соодветен збор за ваквите дела. „Еден член на мојата Фејсбук заедница, перуанецот Кристијан Винс, ми предложи нов збор кој добро го опишува процесот со кој вештачката интелигенција генерира слики: ПРОМПТОГРАФИЈА [од prompt – што во компјутерската наука е симбол што се појавува на екранот за да сигнализира дека компјутерот е подготвен да ја прими следната команда]. Ми се чини како добар термин што може да помогне да се разликуваат сликите направени со вештачка интелигенција од фотографијата.”
Борис Елдагсен и неговотo дело PSEUDOMNESIA | The Electrician (ПСЕВДОМНЕЗИЈА | Електричарот) со коешто тој победи во категоријата креативни фотографии на натпреварот Sony World Photography Awards. Фотографот ја одби наградата.