На денешен ден, во 1925 година во Париз, се формирала Интернационалната унија на радиоаматерите (IARU – International Amateur Radio Union), па затоа секој 18 април, радиоаматерите ширум светот го прослават како Светски ден на радиоаматерството.
Радиоаматерството е хоби со кое се занимаваат милиони луѓе од сите возрасти низ целиот свет. Радиоаматерите се љубители на радиотехниката, електрониката и телекомуникациите, а со своето експериментирање, користејќи радиоуреди од сопствена изработка, биле првите кои откриле дека преку радиобрановите од краткобрановото подрачје може да се комуницира со целиот свет. Подоцна, комерцијалната употреба на кратките бранови ги ограничиле радиоаматерските комуникации само на неколку краткобранови фреквенциски опсези, кои и денес постојат и се употребуваат од радиоаматерите на целата Земјина топка.
Оној што како мал се заинтересирал за радиоаматерството, тој е радиоаматер во текот на целиот свој живот, па така воопшто не треба да нѐ чуди тоа што бројот на лиценцирани радиоаматери во светот е поголем од три милиони.
Ова интересно и мошне корисно хоби има повеќе дисциплини – некои ги интересира проучувањето на радиобрановите и нивното простирање во ‘етерот’, други имаат желба да комуницираат, разговараат, разменуваат искуства и стекнуваат пријателства со радиоаматери од целиот свет, додека трети пак, се интересират за електрониката и самоградба на разни електронски уреди, антени и слично. Има една група на радиоаматери кои се вљубени во една многу интересна спортско-техничка дисциплина наречена аматерска радиогониометрија или скратено АРГ. Во оваа натпреварувачка дисциплина се лоцираат претходно скриени радиостаници, а целта е да се откријат определен број на такви радиостаници, за што пократко време. Притоа, на еден интересен начин се спојуваат повеќе корисни работи – стекнување на техничко знаење и спортување надвор, во природа, на чист воздух...
Во Македонија има многу љубители на радиотехниката. Од најмала, па до најстара возраст. Постојат повеќе радио клубови во многу градови каде радиоаматерите се организираат, се дружат, спроведуваат обука на млади членови, разменуваат искуства и слично. Радиоаматерскиот сојуз на Македонија е наш национален претставник на радиоаматерите во Меѓународната радиоаматерска унија (IARU).
Кај нас зборот аматер, за жал, има несоодветно, дури и малку потценувачко значење и се употребува за некој кој е помалку вешт од професионалец. Всушност, терминот аматер значи љубител, а радиоаматерите се љубители на радиотехниката, електрониката и телекомуникациите. Меѓу радиоаматерите има врвни познавачи на радиотехниката и вистински професионалци за електроника и телекомуникации. Од ученици и студенти до инженери, магистри и доктори на науки, а има и радиоаматери – претседатели на држави, познати филмски ѕвезди, пејачи и други.
Ова интересно хоби, на многумина им помогнало да станат инженери, магистри и доктори на технички науки.