Па добро, не баш сега и веднаш, но... За отприлика неколку стотина милиони години, Источноафриканскиот расцеп (односно тектонскиот расед) конечно ќе се подели. Притоа во настанатата празнина ќе се изнедри нов океан што ефективно ќе ја подели Африка на два дела – сомалиската плоча од едната страна на океанот и нубиската од другата страна на океанот. По оваа поделба, моментално континенталните држави, како Замбија или Уганда, ќе станат крајбрежни, а сомалиската плоча ќе се издвои целосно како остров.
Како што веројатно се сеќавате од часовите по географија, земјината кора е поделена на низа нестабилни тектонски плочи, при што тие се движат со различни брзини. Понекогаш, поради притисокот што се создава на границите на овие плочи, тие се кршат, создавајќи нови. Така настанале сомалиската и нубиската плоча, поделени со источноафриканскиот расцеп кој се протега во правец север – југ во должина од илјадници километри, низ неколку африкански држави.
Расцепот помеѓу овие две плочи се шири со брзина од околу 6 до 7 mm годишно. Па така, потребни биле 30 милиони години за дебелината на континенталната кора околу пукнатината да се намали за 5 km, од 40 на 35 km. Но, ништо не е сосема сигурно, бидејќи како што истакнуваат научниците, процесот на формирање на тектонски долини честопати ‘замрзнува’ во една точка. Такво нешто, на пример, се случи во Ваџир, Кенија, каде сега пукнатината е покриена со седименти. Затоа, можеби ќе треба да се изначекаме пред да го видиме подемот на новиот африкански океан – дури цели 210 милиони години.
Колку и да ни се чини неверојатен и редок геолошкиот пресврт на цели континенти, се работи за прилично нормален и предвидлив настан во долгата историја на планетата. Имено, површината на земјата е во континуирана еволуција – помислете само дека делбата помеѓу Африка и Јужна Америка се случила пред “само” 138 милиони години.
Поделбата на Источна Африка ќе претставува уште една страница во долгата геолошка историја на светот, а мошне извесно човеок веројатно нема да има привилегија да го посведочи овој настан.