Рубрика: Екологија
Делтата на Нил се соочува со егзистенцијални закани
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.03.2023 - 13:00

Големото загадување со тешки метали, ерозијата на крајбрежјето и навлегувањето на морската вода претставуваат егзистенцијална закана за делтата на реката Нил и изложуваат на опасност 60 милиони луѓе во Египет кои зависат од неговите ресурси за секој аспект од животот – откриваат резултатите од новото истражување спроведено од Витерби Факултетот за инженерство при Универзитетот на Јужна Калифорнија (УСЦ). Исто така, за птиците кои мигрираат делтата на реката Нил е критична попатна станица на нивното патување по источноафриканската рута.

Студијата, предводена од Есам Хеги од Центарот за иновации на УСЦ Витерби, беше објавена во вторникот, 7 март, во научното списание Earth's Future.

Влијанието на загадувањето е особено изразено во Египет, најнаселената и најсушна земја низводно од Нил, која целосно зависи од реката како единствен извор на вода за пиење и за наводнување на земјоделските култури. Земјата во моментов се соочува со еден од наголемите недостатоци на вода во Африка, по децении компензирање на намалените резерви на вода со интензивна широка ре-употреба на отпадните води, иако последиците од оваа практика сè досега беа недоволно проучени.

Карта на делтата на Нил на која се прикажани крајбрежните езера, двете главни гранки (Розета и Дамиета) на Нил, интензивните канали и одводи за наводнување, главните баражи, некои индустриски зони и локацијата на анализираните станици.

Истражувачите од САД и Египет ја анализирале големината на зрната и нивоата на загадување со осум тешки метали во примероците собрани од седиментот на дното од две гранки на делтата на реката Нил. Главните наоди велат дека:

Седиментот на дното на реката Нил е многу загаден со тешки метали како кадмиум, никел, хром, бакар, олово и цинк.

Загадувачите првенствено доаѓаат од нетретирана земјоделска дренажа и комунални и индустриски отпадни води. Без соодветен третман на рециклираната вода, концентрациите на тешки метали се зголемуваат и остануваат трајно во речното корито, за разлика од органските загадувачи кои природно се разградуваат со текот на времето.

Концентрациите на тешки метали би можеле да се влошат со зголемувањето на бројот на брани по течението на Нил. Мегабраните изградени спротиводно го нарушуваат природниот тек на реката и протокот на седименти и на тој начин влијаат негативно на нејзината способност да ги исфрла загадувачите во Средоземното Море, оставајќи токсините да се наталожат во седиментот на дното, со текот на времето.

Голем дел од контаминацијата со тешки метали е трајна, велат истражувачите, но студијата предлага примена низа научно засновани мерки за конзервација со кои би можела да се забави деградацијата на животната средина и евентуално ќе овозможи заздравување на екосистемот во делтата на реката Нил.

Студијата ја нагласува потребата од повеќе истражувања за влијанието што реупотребата на нетретираната вода го има врз животната средина и промената во заматеноста што настанува како последица на сѐ поголемиот број брани што или се градат или се планираат спротиводно на Нил. Научниците се надеваат дека континуираното истражување за последиците од досегашните практики би можело да ги поттикне  нациите од сливот на реката Нил на соработка и донесување на информирани одлуки за иднината на Нил, со оглед на тоа што сите тие имаат заеднички интерес за одржување на здрав речен систем.

Клучни зборови:

Нил е најдолгата река во светот и погледот од вселената кон нејзината делта е неверојатен. (Слика/НАСА). Кредит: НАСА

Карта на делтата на Нил на која се прикажани крајбрежните езера, двете главни гранки (Розета и Дамиета) на Нил, интензивните канали и одводи за наводнување, главните баражи, некои индустриски зони и локацијата на анализираните станици.

Карта на делтата на Нил на која се прикажани крајбрежните езера, двете главни гранки (Розета и Дамиета) на Нил, интензивните канали и одводи за наводнување, главните баражи, некои индустриски зони и локацијата на анализираните станици. (фото: принтскрин wiley onlinelibrary)