Новата дигитална платформа Leonardo//thek@ ја дава на увид на јавноста најголемата колекција трудови на Леонардо да Винчи – Codex Atlanticus, достапна за истражување.
Како што споменавме, Codex Atlanticus е најголемата збирка на трудови на Леонардо да Винчи, создадена кон крајот на 16 век од скулпторот Помпео Леони, кој распарчи бројни автографски дела и заедно со безброј посебни листови потоа ги дистрибуираше во два големи албуми: Codex Atlanticus којшто се чува во Veneranda Biblioteca Ambrosiana во Милано (во кој вметнал трудови и фрагменти од трудови од распространет технички и научен интерес) и близнакот албум на Codex Atlanticus – колекцијата на Кралската библиотека во Виндзор, која инкорпорира документи со доминантно фигуративен интерес.
Консултацијата со Codex Atlanticus на Леонардо да Винчи за научниците отсекогаш била речиси невозможна мисија, поради обемот на информациите кои во хаотичен редослед се содржани во преку 1100-те листови (над 2200 страници). Сепак, овие листови ја откриваат генијалноста на Леонардо: научникот запишувал мисли и потсетници, белешки за трошоци, цртежи на машини и технички решенија, размислувања за природни феномени. И, исто така, скици на лица и пејзажи, анатомски цртежи или сеќавања од лична природа.
Конечно, за да се надминат очигледните тешкотии кои досега консултацијата со Codex Atlanticus ја правеа “ноќна мора”, Мултимедијалната лабораторија на Музејот Галилео во Фиренца разви нова ИТ платформа во која е сместена дигитална библиотека од новата генерација: Leonardo//thek@. Проектот е чедо на соработката помеѓу Комисијата на Винчи (Commissione Vinciana), библиотеката Veneranda Biblioteca Ambrosiana од Милано, Кралската библиотека од Виндзор, Леонардовата библиотека (Biblioteca Leonardiana) од Винчи и Ente Collezione Vinciana.
Благодарение на соработката воспоставена со Royal Collection Trust, во напредна фаза на вклучување во Leonardo//thek@ се и дигиталните репродукции на листовите зачувани во Кралската библиотека во Виндзор, како и информациите генерирани за секоја од нив во текот на повеќе од два века истражување. Штом работата ќе биде завршена, дигиталната платформа ќе овозможи и одвоен и интегриран пристап до моменталната состојба на басенот со знаење од импресивните ресурси на Biblioteca Ambrosiana и на Кралската колекција. Понатаму, научниците ќе можат да комуницираат со дигиталната платформа и преку депонирање на набљудувања, коментари, предложени корекции, библиографски ажурирања итн, со што ќе придонесат и за нејзино континуирано ажурирање.
За крај, неизбежна е интеграцијата на две важни нови архиви: во првата се сместени дигиталните слики (со висока дефиниција) на целиот Codex Atlanticus, што ќе овозможи прецизни информации за водените жигови присутни во листовите на Кодексот и за структурата на материјалот од поединечните трудови; втората, од друга страна, ќе овозможи преглед на преку 6000 фотографски плочи направени во период од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, со увид во создавањето на првите печатени факсимили од ракописите на Леонардо.
Во моментов на платформата Leonardo//thek@се достапни: 6195 критички белешки, 4120 предложени датуми, 9494 форми на имиња, 2194 индикации за техники на компилација, 1157 места, 9248 библиографски цитати, 782 тома во библиографија (со пристап до дигитална репродукција на делата), 9830 извештаи од критички белешки до документи, 15 557 индексни записи кои се однесуваат на 20 980 документи