Издавачката куќа „Слово“ од Скопје ја промовира книгата „Биографија на аналогниот магнетофон“ од Вангел Башевски – Барми, оценета од Министерството за култура како проект од национален интерес. Се работи за научно-популарно издание, прво од таков вид во регионот, кое главно се занимава со историјата на аудиотехнологијата и музиката.
Книгата стана хит дури и пред нејзиното објавување и беше мета на пиратство – нејзини дефектни примероци беа украдени и беа илегално продавани како bootleg (што во аудиофилскиот речник значи неофицијално, недоработено и украдено музичко „издание“ на некоја рок-ѕвезда).
Легитимниот тираж на книгата е печатен во странство, а се познава и по т.н. QR-код, кој смартфоните на читателите ги води до веб-страната на авторот. Вангел Башевски – Барми е дипломец во областа на звучниот инженеринг и афирмиран блогер, фриленс новинар, издавач, радиоводител и рок-музичар.
Стручната редакција е на Слободан Таневски, професор во областа на тонската техника и науката за звукот – акустиката, иницијатор за првото независно радио кај нас и на нашето најреномирано техничко списание.
Рецензенти на книгата се неговите колеги-професори: Братислав Зафировски-Брацо (познат како тон-мајстор на Леб и сол и други имиња од земјава и од ex-YU просторите, како и по својата работа со филмскиот тон) и Валентино Скендеровски (познат по групата Меморија и како продуцент на дела на Тоше Проески, Каролина Гочева и други ѕвезди).
Книгата изобилува со графички материјали, а автор на некои од нив е Екатерина Змиевскаја, афирмирана дизајнерка родум од Украина, инаку сопруга на Башевски.
Овој интердисциплинарен научен труд на Башевски содржи елементи од акустиката, електротехниката, аудио-визуелните уметности и други сфери. Поконкретно, тој се бави со развојот и примената на аналогниот магнетофон, највлијателниот изум за звучно снимање.
Медиум за таа намена некогаш била магнетофонската лента, на која биле зачувани најбитните дела на музичката уметност, како оние на Синатра, Елвис, Битлси и безброј други странски и домашни имиња.
Книгата веќе може да се најде во некои од книжарниците во Македонија (на пр. во скопските „Или-или“, „Буква“ и др.), а наскоро ќе може да ја набавите и од е-продавницата на ЕМИТЕР. Содржините од книгата се од особен интерес за музичарите, аудиофилите, филмофилите, електротехничарите и оние кои студираат во тие сфери, како и оние кои го следат т.н. ретро-тренд, кој е доста застапен низ светот.
Доколку некој ја купил книгава пред оваа промоција, голема е веројатноста дека бил измамен со bootleg. Авторот апелира да не се поддржуваат „пиратите“, кои паразитираат на туѓиот труд, туку авторите, особено ако се тоа едукативни изданија, кои не се мотивирани од профитот. Такви примероци можеби залутале и во некои библиотеки, но тоа е на пат да се реши.
Авторот моли да биде известен ако некому в рака паднал таков bootleg, а неколкумина читатели ќе можат да го заменат за легитимен примерок со разумна доплата, чија смисла е да се обесхрабрат „пиратите“.
Изработката на овој проект траеше шест години, при што авторот се судирал со низа предизвици, за чие надминување морал да вложи големи напори и лични средства, па тој благодари за вниманието и апелира за поддршка (него можете да го исконтактирате преку негогата FB страница VBB.mk Порталот на ВББ
За дополнителни информации кликнете тука.