Рубрика: Телекомуникации
Светски ден на радиото – 12-то издание
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 13.02.2023 - 14:00

„... бидејќи војните започнуваат во главите на луѓето, во главите на луѓето мора да се изгради и одбраната на мирот“.

Токму ова е причината зошто поддршката на независното радио треба да се гледа како составен дел на мирот и стабилноста. На Светскиот ден на радиото во 2023 година, УНЕСКО го истакнува независното радио како столб во спречувањето конфликти и изградбата на мир.

Радиото е моќен медиум за славење на човештвото во целата своја разновидност и претставува платформа за демократски погледи. На глобално ниво, радиото останува најшироко конзумиран медиум. Оваа единствена можност да се допре до најшироката публика значи дека радиото може да го обликува искуството на различноста на општеството, да застане како арена за сите гласови да бидат претставени и слушнати. Радиостаниците треба да им служат на различните заедници, нудејќи широк спектар на програми, гледишта и содржини, и да ја рефлектираат разновидноста на публиката во нивните организации и активности.

Темата за 12-тото издание на Светскиот ден на радиото што се слави денес, 13 февруари 2023 година, е „Радио и мир“.

Војната, како сушта спротивност на мирот, означува вооружен конфликт помеѓу земји или групи/фракции во рамките на една земја, но може да се претвори и во конфликт на медиумски наративи. Наративот може да ги зголеми тензиите или да одржува услови за мир во даден контекст – на пример, да влијае за грубо или непречено спроведување на изборите, за отфрлање или интеграцијата на повратниците, за порастот или осудата на национализмот итн. При известувањето и информирањето на широката јавност, радиостаниците го обликуваат јавното мислење и врамуваат наратив кој може да влијае на домашните и на меѓународните ситуации и процесите на одлучување.

Радиото навистина може да поттикне конфликт, но во реалноста, професионалното радио ги ублажува конфликтите и/или тензиите, спречувајќи нивна ескалација или доведува до разговори за помирување и за реконструкција. Во контекст на далечна или на непосредна напната состојба, релевантните програми и независното новинско известување обезбедуваат основа за одржлива демократија и добро владеење преку собирање докази за тоа што се случува, со информирање на граѓаните за случувањата на непристрасен начин, заснован на факти, давање рално објаснување за висината на влоговите и овозможување дијалог помеѓу различните групи во општеството.

Радиото е важен играч и суштински дел од одржувањето и транзицијата кон мир. Тоа е дел од неговата функција за поставување агенда и обезбедување на суштински услуги за да се изнесат прашања од интерес, да се означуваат прашања кои бараат внимание од властите и граѓаните и да им се даде важност.

   

Изложба на стари радија во Загреб и наша иницијатива

По повод Светскиот ден на радиото и 100 години од основањето на првото приватно радио во Франција "Радиола" што потоа ќе прерасне во Радио Париз, Францускиот институт центар во Загреб (Хрватска) организира изложба на стари радиоприемници. Изложбата се одржува под мотото "Не фрлајте го радиото од пенџере" и треба да започне денес 13.2, со свечено отварање на 16 февруари, и да трае целе месец, до 12 март. Ако патот ве носи покрај адресата наведена на плакатот подолу, секако поминете и пишете ни и споделете го вашето искуство со другите читатели на ЕМИТЕР.
Со оглед на тоа што на страницата на Францускиот институт (Францускиот културен центар) во Скопје нема најави дека оваа изложба можеби ќе допатува и кај нас, Емитер излегува со иницијатива да направиме наша, македонска виртуелна изложба на фотографии од стари радиоприемници на наши читатели за одбележување на Светскиот ден на радиото. Доколку имате интересен примерок на постар радиоприемник, испратете неколку фотографии од него на нашата адреса redakcija@emiter.com.mk, а ние ќе ги објавиме во посебна статија на веб-порталот на ЕМИТЕР, како и на фејсбук фан-страницата на списанието ЕМИТЕР. Заедно со фотoграфиите дајте ни и податоци за моделот, годината на производство, брановите подрачја и некои занимливости во врска со вашиот радиоприемник.
Се надеваме дека на овој начин ќе добиеме убав пресек на развојот на радио културата во Македонија.

   

За историјата на одбележување на Светскиот ден на радиото

По барањето на Шпанската радио академија на 20 септември 2010 година Извршниот одбор на УНЕСКО вклучил точка на дневниот ред за прогласување на Светски ден на радиото (World Radio Day – WRD). Одлуката за денот на којшто тој ќе се одбележува паднала за време на својата 36-та конференција на УНЕСКО на 3 ноември 2011 година. Тогаш било решено Светскиот ден на радиото да биде потсетник на денот кога ООН го основала радиото на Обединетите нации – 13 февруари 1946 година. Одборот понатаму побарал генералниот директор на УНЕСКО да ја поднесе резолуцијата пред Генералниот секретар на Обединетите нации, за Светскиот ден на радиото да биде одобрен од Генералното собрание и да биде прифатен од целиот систем. Светскиот ден на радиото бил едногласно прогласен од сите земји-членки на УНЕСКО, а за прв пат бил прославен на 13 февруари 2012 година.

Клучни зборови: