10 февруари 1962 година, 8 часот и 44 минути. Двајца мажи се среќаваат на мостот Глинике (Glienicke Brücke), кој преку реката Хавел ги поврзува Потсдам и Западен Берлин. Едниот е американскиот пилот Гери Пауерс, другиот агентот на КГБ Рудолф Абел. Тивкиот конфликт помеѓу источниот и западниот блок е во полн ек и ова е една од најпознатите размени на тајни агенти во историјата. По неа овој мост ќе влезе во историјата со ново име-прекар – “Мостот на шпионите”.
Во април 1945 година, мостот Глинике бил место каде се водела една од последните битки од Втората светска војна помеѓу нацистичката армија и Црвената армија. Војниците на Рајхот, чекајќи го преминот на непријателите од источната страна, поставиле експлозив на столбовите на мостот, но биле изненадени од руските војници кои, пристигнувајќи од спротивната страна, мостот го гранатирале и делумно го уништиле.
Мостот на шпионите во 1962 година ја означува границата помеѓу источниот и западниот дел на Берлин. Во тоа време мостот бил и место за размена на пораки меѓу граѓаните на двата дела.
По завршувањето на реставрацијата во декември 1949 година, мостот Глинике (Glienicke Brücke) добил фундаментално историско значење. Тој, всушност, станал стана дел од границата помеѓу американскиот сектор на Западен Берлин и Германската Демократска Република, ефективно под контрола на СССР. По линијата на границата, на половина пат преку мостот, бил поставен граничен премин, кој бил затворен за сообраќај само три години подоцна – контролните пунктови можеле да ги минуваат само дипломатски персонал и граѓани со посебна дозвола. По изградбата на Берлинскиот ѕид, во 1961 година, мостот се користел како место за размена на затвореници помеѓу западниот и источниот блок, па весниците го преименувале во „Мостот на шпионите“. Местото стана еден од симболите на Студената војна сè до падот на Берлинскиот ѕид на 9-10 ноември 1989 година, кога мостот беше повторно отворен за граѓаните.
Но, да се вратиме на легендарната размена што се случила на денешен ден и приказната зад неа. На 21 јуни 1957 година, советскиот агент Вилјам Генрихович Фишер, кој живеел како уметник во Бруклин под името Рудолф Иванович Абел, бил уапсен од ФБИ, и бил обвинет дека им предал нуклеарни тајни на Русите, благодарение на дојавата од неговиот колега Рајно Хејхенен. Три години подоцна, на 1 мај 1960 година, американски шпионски авион од типот U-2 бил соборен при неговиот таен лет над СССР, поточно над Сибирската област. Пилотот, капетанот Френсис Гери Пауерс, бил фатен и осуден на 10 години затвор и тешка робија. Во април следната година, односите помеѓу суперсилите, што веќе беа напнати, дополнително се затегнаа по американската неуспешна инвазија во Заливот на свињите, со која САД неуспешно се обидоа да ја освојат Куба.
Мостот Глинике денес
Во вакви услови њујоршкиот адвокат Џејмс Донован, кој го бранел Абел на судењето и успеал да издејствува избегнување на смртна казна, бил испратен од американската влада да преговара со Советите за ослободување на Пауерс во замена за Абел. На 10 февруари 1962 година, размената на затвореници се случи на мостот Глиенике Бруке. Ако сакате да ја гледате оваа историска случка низ призмата на поп-културата, ви го препоралувам филмот на режисерот Стивен Спилберг „Мостот на шпионите“ од 2015 година, инспириран од овој настан, каде Том Хенкс го глуми адвокатот Донован.