Еден патоген на шеќерната трска го произведува најмоќниот антибиотик за супербактерии детектиран во последните децении и мошне корисно ќе биде да разбереме како тој функционира. Во оваа насока размислувале и научниците, па растителниот токсин со ветувачки антибиотски својства сега може да го развие својот целосен потенцијал, благодарение на студијата која подетално го проучила неговото делување.
Албицидинот е молекула произведена од патогенот на шеќерна трска Xanthomonas albilineans, одговорен за болеста позната како изгореница на листовите. Одамна е познато дека е мошне ефикасен против најопасните супербактерии како што се Escherichia coli и Staphylococcus aureus, кои исто така стануваат отпорни дури и на оној тип антибиотици што се користат кога ниту еден друг третман не функционира.
Експертите веруваат дека албицидинот е еден од најмоќните кандидати за нов антибиотик во последниве десетина години. Сепак, обидите за негова репродукција за фармаколошка намена досега паѓаа во вода поради тоа што не беше јасно како супстанцијата комуницира со нејзината „цел“, ензимот гираза, којшто е суштински во процесот на удвојување на ДНК кај бактериите. Една од многуте задачи на гиразата е, на пример, олеснување на одмотувањето на двојната спирала на ДНК, процес неопходен за започнување на различните реакции кои водат до репликација на генетскиот код.
Меѓународниот научен тим на користел крио-електронска микроскопија за да го фотографира процесот на врзување на албицидинот за гиразата. Оваа техника на снимање со микроскоп, наградена со Нобеловата награда за хемија во 2017 година, овозможува одблиску да се видат структурите на протеините со ниво на прецизност што беше незамисливо до пред неколку години. Техниката овозможи научниците да забележат дека албицидинот формира структура налик на „L“ којашто спречува гиразата да се спои со двата краја на ДНК и да ја заврши својата работа. Како што објаснуваат истражувачите, тој делува слично на француски клуч заглавен помеѓу две нагодувања.
Важен момент е тоа што овој механизам на дејство е доволно различен од оној што го користат сите други постоечки антибиотици, па тој влева надеж дека синтетичките и подобрените верзии на албицидин ќе бидат ефективни против повеќето супербактерии. Понатаму, поради природата на интеракцијата на албицидинот со ензимот гираза, се чини малку веројатно дека бактериите би можеле да развијат отпорност против него.
Научниот тим веќе ги искористи своите наоди за синтетизирање на вештачки реплики на албицидин кои се покажале како ефикасни, дури и во мали дози, против болничките супербактерии како што се Escherichia coli, Klebsiella pneumoniae, Pseudomonas aeruginosa и Salmonella typhimurium во лабораториските тестови.
Следниот чекор би бил формирање на академски и индустриски конекции како и изнајдување средства за да се започнат испитувања на луѓе.