Запознајте го Златното момче – богатиот египетски тинејџер кој чекаше долго време за неговата прва рентгенска снимка направена со компјутерска томографија. Всушност, момчето го дочека “неговиот термин” по повеќе од два милениуми...
Љубопитните египетски научници го пуштиле балсамираното и завитканото во ткаенина тело-мумија од адолецентот, најдено во украсен саркофаг, да помине низ уред за компјутерска томографија со цел да откријат што точно било оставено со него при погребниот ритуал. Дрвениот ковчег, за првпат откриен пред повеќе од еден век на гробишта јужно од Каиро, притоа останал затворен за да не дојде до оштетувања на чувствителниот материјал од мумијата. А анализата на снимките открила дека оваа мумија навистина заслужeно го носи прекарот Златно момче и дека неговото семејство очигледно имало мошне висока функција во древното египетско општество во доцниот птоломејски период.
Компјутерската томографија била искористена за виртуелно 'соголување' на мумијата
Мумијата била украсена со десетици амајлии, воглавно изработени од злато, што биле мошне внимателно поставени врз или во внатрешноста од телото. Во градната шуплина била поставена златна скарабејна амајлија до срцето, а во устата мумијата имала златен јазик. Деталите од снимките откриле и двопрста амајлија, наменета исклучиво за починатите Египќани, поставена покрај неговиот необрежан пенис.
Амајлијата во форма на скарабеј – поставена крај срцето со цел да го смири при судењето во задгробниот живот
Според египтолозите оваа мумијата открива важни детали од погребните ритуали на древните Египќани. Целото тело било богато украсено со вкупно 49 извонредно стилизирани амајлии, распоредени во три колони и поставени помеѓу наборите на текстилните обвивките и во внатрешноста од телесната празнина. Со амајлиите биле претставени Окото на Хорус, скарабејот, плацентата, Јазолот на Изида, имало акет амајлија на хоризонтот, како и повеќе други објекти од староегипетската митологија. Добар дел од амајлиите биле изработени од злато, а дел биле направени од полускапоцени камења, печена глина или од фајанс (тип керамика). Нивната намена била да го заштитат телото и да му дадат виталност во задгробниот живот на Златното момче, чијшто живот згаснал на возраст од 14-15 години.
Поставеноста на амајлиите на и во телото
Освен со богатството скриено во самата мумија, Златното момче било погребано со златна маска на лицето и со бели сандали, кои веројатно требало да му овозможат на момчето да излезе од ковчегот, по влегувањето во задгробниот живот.
Иако срцето на Златното момче останало во телото, повеќето други внатрешни органи биле отстранети. Имено, срцето било заштитено онака како што е опишано во египетската Книга на мртвите – со скарабеј, кој има за цел да го смири срцето на Египќанецот кога ќе му било судено. Истражувачите велат дека ова откритие покажува дека древните Египќани ги ценеле своите деца и се обидувале да ги заштитат и при нивниот премин во задгробниот живот.
По оваа ‘истрага’ Златното момче ќе стане дел од постојаната изложба на музејот во Каиро.