Рубрика: Автомобилска техника
Првиот сериски автомобил со автоматски менувач
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 13.01.2023 - 13:15

Самото управување на автомобилот отсекогаш било проблем за сите оние кои немаат слух и чувство за механика. Така, еден од поголемите проблеми во управувањето со автомобилот е да се почувствува моментот кога треба да се смени брзина доколку менувачот на автомобилот е мануелен. За новајлија и за сите оние кои немаат чувство за механика ова е голем проблем. Од друга страна, и за останатите, самиот процес на промена на брзината е досадна рутинска работа која одзема време и внимание. Доколку пак автомобилот се вози во големите градски гужви согласно режимот “тргни-застани-тргни...“ проблемите со бесвест се усложнуваат. Има решение и тоа е вградување на целосно автоматски менувач потпомогнат со хидродинамичка спојка. За нив имаме повеќе пишувано во ЕМИТЕР и тие написи можат да се најдат на следниве линкови тука и тука .

Но, во оваа прилика ќе пишуваме за првиот сериски произведен автомобил кој беше опремен со целосно автоматски менувач. Тоа е автомобилот Олдсмобил Хидра-Матик на Генерал Моторс во САД претставен во далечната 1940 година. На самото претставување нагласено беше дека оваа иновација (целосно автоматскиот менувач) е најголемата иновација по електростартерот на автомобилот. За потсетување, електростартерот е уред кој овозможува елегантно стартување на моторот на автомобилот, без физички напор, што резултирало со огромно поедноставување во експлоатацијата на автомобилот и е една од иновациите кои најмногу ги “измачи“ иноваторите.

Менувачот имал четири брзини за напред и една за назад. Исто така бил опремен со хидродинамичка спојка со што управувањето на автомобилот се сведувало само на притискање на педалот за гас (акцелераторот) и, по потреба, кочење. Сè останато го преземаше автоматскиот менувач. Ова јасно се гледа на првата слика.

Во тоа време оваа иновација била вистинско чудо. Конечно управувањето на автомобилот максимално се поедноставило. Овај менувач фактички е основната структура на сите автоматски менувачи која се задржала до денешни денови, се разбира, модифицирана и усовршена до максимум благодарение на новата технологија и дострелите на инженерите кои се неопходен услов за усовршување на кој било производ. Автоматскиот менувач во овој модел доаѓал со доплата од 37 долари. Не бил даден во понуда како стандардна варијанта/опција.

Се разбира, промените на брзините биле остри, непрецизни во однос на навремена промена на брзината и, заради отсуството на претворач на моментот во хидродинамичката спојка, имало 4 брзини за напред наместо 3. Со тек на времето автоматските менувачи се усовршувале, така што денес тие претставуваат бисер од техниката и технологијата и, во некои случаи, се подобри и поекономични од мануелните менувачи.

Во почетокот (втората половина од минатиот век и првата деценија од овој век) автоматските менувачи не биле прифатени од европскиот пазар. Причини има повеќе, меѓу кои најинтересни се следниве:

1. Автоматскиот менувач имплицира голем мотор, т.е. голема зафатнина на погонскиот агрегат што е карактеристика на американските автомобилски мотори кои не се многу загрижени за енормната потрошувачка на гориво на моторот. Во Европа, случајот е сосема спротивен.

2. Хидродинамичката спојка е потрошувач на енергија доколку паралелно не е намонтирана фрикциона ламеласта сува спојка што е најчест случај во пракса, т.е. оваа спојка да отсуствува заради едноставна и надежна механичка конструкција. Имено, никогаш преносниот однос на хидродинамичката спојка не е 1:1 и таа перманентно работи со пролизгување, што е извор на загуба на енергија што во Европа исто така е недозволено. Самото пролизгување е услов за нејзино функционирање!

3. Самиот момент на промена на степените на пренос е со голема загуба на енергија од два аспекта. Првиот е дека е потребна дополнителна сила за ламеластите мокри спојки во менувачот како и за лентестите кочници со кои се управува планетарниот слог во смисла на промена на преносните односи. Второ е дека самиот момент на промена на брзината не е оној оптималниот, т.е. промената на степенот на пренос е или преурането или задоцнето што се одразува на зголемената потрошувачка на енергија на моторот што исто така во Европа е недозволено.

Но, со новата современа технологија, потпомогната од информатиката и компјутерите, овие недостатоци денес значително се ублажени и речиси надминати.

Клучни зборови: