Рубрика: Хемија
Биосензор што ви кажува кога храната се расипала
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.12.2022 - 11:45

Досега имало повеќе обиди за изработка на “паметни етикети” што откриваат дали храната е погодна за јадење или не. Имено, паметната ознака вклопена во дизајнот на пакувањето/етикетата би требало да покаже ако производот започнал да се расипува. Ова е последното од овие решенија и е најнапред наменето за употреба во месната индустрија.

Благодарение на технологијата, сензорот со ниска цена на чинење би можел да го замени не само втиснувањето на датуми за рокот на траење на производите, туку и нашите “детективски” чинови на шмркање и ѕиркање во храната, со цел да откриеме дали е сè уште безбедно таа да се јаде. Истражувањето кое ќе ни го овозможи ова доаѓа од Катедрата за хемија и биомолекуларни науки на Универзитетот Кларксон. Во него се разгледува како овие сензори функционираат и кои се нивните потенцијални идни апликации на технологијата во реалниот свет.

Истражувачите сакале да направат уред што секој може да го користи, кој е за еднократна употреба и кој не содржи никакви токсични материјали. Па така дошле до едноставен тест за откривање токсини со помош на синтетички биосензор, кој може да овозможи евтина и сигурна идентификација на храната што не може да се корист, како расипаното говедско месо, на пример. Биосензорот што се заснова на синтетичка хартија го детектира присуството на путресцин, кој е одговорен за ужасниот мирис што произлегува од расипаното месо. Во доволно големи количини, путресцинот предизвикува симптоми слични на оние на труење со храна, како што се повраќање, пролив и гадење.

Сензорот користи стабилни неоргански честички кои се редокс активни, односно го сигнализираат  процесот на редукција-оксидација. Кога овие честички се во интеракција со супстанциите што сакаме да ги откриеме, тие ја менуваат бојата, а интензитетот на промената ни ја покажува концентрацијата на супстанцијата што се мери.

Иако е малку веројатно дека наскоро ќе видиме ваков сензор во нашите домови, за почеток тој има потенцијал да ја направи месната индустрија многу побезбедна.  Оваа технологија, може да послужи не само за да го сигнализира дефинитивниот момент кога треба да се фрли храна, туку и кога некој козметички производ е во лоша состојба, потоа за проверка на автентичноста на чаевите и вината, за нивната содржина на антиоксиданси или за откривање на присуство на салмонела и E.coli во храната со што би се спречило труење.

Но, според истражувачите, сензорот би можел да се примени и во други области – при земање примероци од животната средина за испитување на загадување на воздухот и почвата со тешки метали или, дури и при дијагностика на рак и други болести.

Резултатите од истражувањето се објавени во ACS Applied Bio Materials.

Клучни зборови: