Рубрика: Медицина
Ласерска терапија за подобрување на краткотрајната меморија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.12.2022 - 23:00

Дали некогаш сте се нашле сред соба, подзинати, очајно обидувајќи се да се сетите зошто влеговте... или сте заборавиле нечие име веднаш штом ви го кажале? Научниците можеби наскоро ќе можат да ви помогнат со овој проблем.

Краткорочната или работната меморија, или мозочниот RAM ако милувате технички да се изразите, обично вклучува истовремено помнење и обработка на информациите и краткорочно задржување мали делови од информации – вообичаено на околу 10 до 60 секунди.

Соработката на група истражувачи од Кина и Велика Британија покажала дека примената на одредени бранови должини од ласерска светлина врз делови од мозокот може да резултира со подобрување на работната меморија за дури 25%.

Истражувачите ја примениле техниката наречена транскранијална фотобиомодулација (tPBM) на човечки субјекти, во траење од 12 минути, врз десниот префронтален кортекс – област за која се знае дека е важна за функционирање на когнитивната и на работната меморија на повисоко ниво. Биле применети повеже третмани кои се разликувале по енергијата на ласерот и според локацијата врз која тој бил насочен.

Од 90 учесници на возраст од 18 до 25 години, оние кои примиле ласерска светлина на бранови должини од 1064 nm цо пределот на десниот префронтален кортекс можеле да се сетат на бојата или на ориентацијата на четири до пет предмети од одредена група објекти што им била прикажана. Оние кои примале третман на пократки (енергетски поголеми) бранови должини, или во пределот на левиот префронтален кортекс или во други области од мозокот, или пак се наоѓаче во контролната плацебо група на која бил применет неактивен tPBM, можеле да запомнат само три до четири предмети од истиот сет објекти. Ефектите од терапијата биле поткрепени со резултати од ЕЕГ, кои покажале мозочна активност што оди во прилог на подобрување на меморијата.

Неколку претходни истражувања веќе покажаа дека третманот со ласерска светлина може да ја подобри работната меморија кај глувците, додека tPBM третманот кај луѓето покажал подобрувања во точноста, времето на реакција, вниманието и модулацијата на емоциите.

Иако истражувачите признаваат дека сè уште во целост не разбираат што точно се случува (ниту пак знаат колку долго ќе траат ефектите од третманот), сепак тие се надеваат дека тој би можел да обезбеди олеснување за луѓето кои страдаат од одредени  состојби како АДХД (нарушување на хиперактивност со дефицит на внимание) или други состојби поврзани со вниманието, на пример. Ова е особено важно бидејќи се работи за безбеден, едноставен и неинвазивен третман, без несакани ефекти.

Клучни зборови: