Секоја година во деновите пред преминот од летно на зимско сметање на времето стануваат актуелни дискусиите за нашата временска зона. Во земјите-членки на ЕУ и кај нас и годинава остана во сила старата одлука за летно и зимско сметање на времето, но интересно е што кај нас некои започнаа да се залагаат за останување на летното сметање на времето, односно за премин од средноевропско време (CET или GMT+1) на источоевропско време (GMT+2). Од астрономска гледна точка за таков чекор нема никакво оправдување, како што ќе видиме подолу.
Целиот свет е поделен на 24 временски, односно часовни зони. Бидејќи Земјината топка врши една целосна ротација од 360 степени за 24 часа, една временска зона има ширина од 15 степени географска должина. Како репер е земен Гриничкиот меридијан, а неговата временска зона (GMT – Greenwich Mean Timeили или UTC – Universal Time Coordinated) се протега од 7,5 степени западна до 7,5 степени источна географска должина. Одејќи кон исток, следна е средноевропската временска зона (GMT+1), која е центрирана околу 15-тиот меридијан источно од Гринич, ± 7,5 степени, односно од 7,5 до 22,5 степени источна географска должина.
Распределба на часовните зони во светот
Најголемиот дел од Македонија лежи во овој временски појас, односно позападно од 22,5 степени источна географска должина, како што се гледа на мапата. Се разбира, во мали земји како Македонија нема смисла да се воведуваат две временски зони. Дури и во многу поголемите земји границите на временските зони ретко се совпаѓаат со географските меридијани, туку се поставени според разни административни граници.
Кина е исклучок, па целата земја го следи времето на Пекинг, односно GMT+8, иако теоретски во разни делови од земјата временските зони би можеле да бидат од GMT+5 до GMT+9. Ова може да изгледа прилично непрактично, затоа што на крајниот запад, во Урумчи часовникот покажува 6 часот наутро, додека астрономски времето би требало да изнесува 3 часот наутро. Сепак, тие стануваат во црна темница, заедно со жителите на Пекинг и оние уште поисточно.
Во Европа е интересен случајот со Шпанија, Франција и земјите на Бенелукс. Тие се одлучиле за средноевропското време, најверојатно поради соработката со ЕУ, иако теоретски (астрономски) би требало да го усвојат Гриничкото време, како и во Велика Британија. За Шпанија има и друга можна причина – економските резултати од туризмот. Имено, со оглед на потоплата клима и долгиот брег со Средоземното море и Атлантискиот океан, добро е туристите да имаат подолг дел од денот исполнет со сонце – со оваа „погрешна“ временска зона туристите добиваат уште еден час сонце повеќе во делот од денот што најмногу им одговара (попладне).
Многу сличен е и примерот со Португалија – астрономски таа би требала да биде во временската зона UTC-1, но сепак е во зоната со Велика Британија.
Распределба на временските зони во Европа според астрономските фактори
Грција заради развлеченоста исток-запад можела да бира, но сепак се одлучила за источноевропското време GMT+2) најверојатно поради Атина која лежи источно од 22,5 степени источна географска должина, но исто така и заради придобивките од туризмот – слично како во Шпанија.
Ова покажува дека временските зони најчесто се усвојуваат според политички и економски, а не исклучиво според астрономски и здраворазумски критериуми – да биде пладне, 12 часот (или тука некаде), кога Сонцето е највисоко на небото.
Часовните зони, сепак, во реалноста се прилагодени на државните граници и регулирани со декрет во зависност од социоекономските поврзаности со други делови од континентот.
Во нашиот случај, само поради градовите Гевгелија, Струмица, Делчево, Берово и Пехчево нема логика да преминуваме во источноевропската временска зона, дотолку повеќе што Скопје и најголемиот број на жителите живеат во рамките на појасот од 7,5 до 22,5 степени источна географска должина. Освен астрономската, нема ни политичка ни економска логика. Ние сме ориентирани на соработка со централна и западна Европа, а таа припаѓа на зоната GMT+1, односно нашата сегашна временска зона (според зимското сметање на времето). Освен тоа, разликата во астрономското време од Берово и Пехчево до Струга и ДЕбар изнесува само околу 8-9 минути. За толку минути Сонцето во Пехчево изгрева и заоѓа порано отколку во Дебар.
Со поместување на стрелките еден час понапред станувањето и одењето на спиење би се поместиле еден час понапред, односно цела година би живееле како сега, со летно сметање на времето. Во зима тоа би значело станување по студот и поголема потрошувачка на електрична енергија, бидејќи навечер (заради малку повисоките температури) потрошувачката е, сепак, нешто помала.