На 20-ти Октомври во хотелот Александар Палас беше одржан Autodesk Digital Transformation Day (ADTD). Настанот беше најавен како BIM бесплатна конференција, во живо, и онлајн, на платформата Zoom. BIM (Building Information Modeling) е принцип кој се применува кај проектирањето на градби, и тука ќе застанам. Иако корисник на AutoCAD од 2003, тргнав на конференцијата само со „Што значи кратенката BIM“, дека е првенствено алатка наменета за архитектите, и дека како принцип се имлементира примарно преку Autodesk – апликацијата Revit, и други апликации од истиот производител. Како проектант на електрични инсталации ме интересираше што од архитектонската основа на која се исцртуваат инсталациите ќе треба да менувам, и/или искористам во мојата фаза на проектирање.
Предавањата започнаа со гостите од Хрватска Вeдран Орешиќ и Марина Глишиќ (Tech Data), двајцата искусни архитекти, корисници на Revit. Почетокот прекрасен. Презентација режирана како дијалог помеѓу Ведран и Марина, кежуал гардероба. Марина прашува, Ведран одговара, без застанување и плеткање по слајдови, и станува јасно за што ќе се зборува. Следуваше енергична презентација од страна на Lars Oberwinter (Pladanta) кој ја презентираше примената на BIM технологијата во дигитализацијата на втората најголема болница во Европа. Брзи слајдови со внимателно одбрани симболи, но сепак, многу воопштено.
Подготвени за почеток
Генерално, предaвањата беа повеќе ориентирани кон она „што може да се направи со BIM принципот на проектирање“ , отколку кон тоа „како да се направи“. Зоран Симјановски (CADONIA) начна нешто од принципите на проектирањето со BIM во своето излагање за еволуцијата на BIM. Toj ја спомна предноста на BIM технологијата во справувањето со кошмарот на секој проектант – промените во проектот.
Најблиску до она што би го интересирало еден електроинженер беше излагањето на Трајче Стојанов (Семос Едукација) кој, иако архитект „заорал“ малку подлабоко и даде толкување на .ifc датотеките како начин на пренос на информаациите за објектите во BIM проектите, и поврзаноста со објектите од одредена класа во објектно ориентираното програмирање.
Како најраскошен BIM проект би го извдвоил проектот кој го презентираше Орхидеја Малезан (Generic 5D). Прекрасен 3D проект на некоја машинска хала со детален приказ на инсталацијата за вентилација, преку кој сакаше да покаже како се разрешуваат конфликти во инсталациите кај BIM проектирањено наспроти класичното 2D CAD проектирање.
Никола Стрезовски (Масон Инженеринг) низ бројки и графици ја претастави предноста на BIM проектирањето во однос на традиционалното CAD проектирање во смисла на повторно користење на веќе креираните BIM објекти од претходни проекти. Заштедата на проектантското време е огромна.
Никола Нисев (Нитен Инженеринг) ја презентираше предноста на BIM проектирањето во областа на челичните конструкции. Неговите цртежи не беа толку атрактивни, но, колку шо го разбрав, користи BIM алатки за генерирање на конструкции, а не класично цртање на конструкцијата елемент по елемент, со што се заштедува многу проектантско време и, што е уште поважно, се елиминираат грешки при проектирањето.
Во пауза помеѓу две излагања
Значи, сè на сè фестивал од врвни “пејачи“, но секој со своја нумера. Да бидам искрен, не ја прочитав агендата пред настанот, па очекував врвните пејачи да отпеат по една песничка од „Златно славејче“ со што би ни ја приближиле на нас обичните BIM технологијата, но тоа е тоа. Можеби тоа беше и причината што интеракцијата со публиката беше слаба. Од оние кои се јавија за збор повеќето беа од оние кои ги подржуваат новите технологии, но тоа не беа прашања.
Инаку, организаијата беше одлична. Настанот почна и заврши во милисекунда, чаша за секој учесник, паузи за кафе. Топ.