Научниците од колеџот Тринити во Даблин веруваат дека нашиот мозок можеби работи со квантни пресметки. Нивното откритие доаѓа откако тие ја адаптирале идејата развиена за да го докаже постоењето на квантната гравитација за истражување на човечкиот мозок и неговата работа.
Мозочните функции што биле мерени биле разглeдувани во корелација со перформансите на краткорочната меморија и свесноста, што сугерира дека квантните процеси се исто така дел од когнитивните и свесните функции на мозокот.
Ако резултатите на тимот бидат потврдени, за што сосема веројатно ќе биде потребен напреден мултидисциплинарн пристап, тие би го подобриле нашето општо разбирање за начинот на којшто функционира мозокот и потенцијално за тоа како тој може да се одржува па дури и да се лекува. Резултатите, исто така, би можеле да помогнат во изнаоѓање на иновативни технологии за градба на уште понапредни квантни компјутери.
Д-р Кристијан Керскенс, водечки физичар на Институтот за невронаука при Тринити колеџот (TCIN), е коавтор на трудот за ова истражување што беше објавен во Journal of Physics Communications. Објаснувајќи го начинот на којшто тие ја адаптирале идејата развиена за експерименти за докажување на постоењето на квантната гравитација, каде се набљудуваат познати квантни системи, кои комуницираат со непознат систем тој вели: “Ако кај познатите системи има квантно сплотување, тогаш и непознатиот мора да е квантен систем. Процедурата ги заобиколува потешкотиите за изнаоѓање мерни уреди за нешто за кое ништо не знаеме.”
Во експериментите научниците ги користеле протонските спинови на „мозочната вода“ како познат систем. „Мозочната вода“ природно се акумулира како течност во нашиот мозок а протонските спинови може да се измерат со помош на магнетна резонанца (MRI). Потоа, со користење на специфичен дизајн на MRI за пронаоѓање на сплотените спинови, тие откриле MRI сигнали што биле налик на потенцијали предизвикани од отчукувањето на срцето, форма на EEG сигнали. EEG апаратот инаку ги мери електричните мозочни струи.
Електрофизиолошките потенцијали како потенцијалите предизвикани од отчукување на срцето вообичаено не се откриваат со магнетна резонанца и научниците веруваат дека тие можеле да ги набљудуваат само затоа што спинот на нуклеарните протони во мозокот биле сплотен.
„Ако квантната сплотеност е единственото можно објаснување за настанот, тогаш тоа би значело дека мозочните процеси мора да имаат интеракција со нуклеарните спинови, посредувајќи во квантното сплотување што настанува помеѓу нуклеарните спинови. Како резултат на тоа, можеме да заклучиме дека тие мозочни функции мора да се квантни”, – вели д-р Кристијан Керскенс. Со оглед на тоа што овие мозочни функции биле, исто така, поврзани со перформансите на краткорочната меморија и свесниот мисловен процес, сосема веројатно е дека тие квантни процеси се важен дел од нашите когнитивни и свесни функции на мозокот, сметаат истражувачите.
Квантните процеси на мозокот би можеле да објаснат зошто сè уште размислуваме побрзо и поспремно од суперкомпјутерите кога станува збор за непредвидени околности, донесување одлуки или учење нешто ново. Овие експерименти, изведени на само 50 метри оддалеченост од аулата во којашто Шредингер ги презентирал своите познати мисли за животот, може да фрли светлина врз мистериите на биологијата и на свеста.