За потсетување, мисијата Ред Бул Стратос докажа дека човекот може да ја помине брзината на звукот при слободен пад. Емитер, секако, на своите читатели им ја пренесе сторијата во детали во написот “Скокови од работ на вселената” објавен во ЕМИТЕР 11/2012. Сега, 10 години подоцна, спонзорот на овој историски настан, Ред Бул, нè почести систе со документарец што открива нови детали за подготовките и изведбата на скокот...
На 16 август 1960 година, капетанот на воздухопловните сили Џо Китингер Џуниор скокнал од гондола врзана со балон со хелиум, која била нешто повеќе од 31000 метри над површината на Земјата. Неговиот слободен пад траеше четири минути и 36 секунди, при што тој достигна максимална брзина од 966 km/h, по што на висина од околу 4200 метри тој го отвори падобранот по што безбедно слета . Педесет и две години подоцна, на 14 октомври 2012 година, австрискиот падобранец и авантурист Феликс Баумгартнер, во мисијата наречена Ред Бул Стратос, се упати со капсула носена од балон со хелиум до работ на вселената, на висина од 38 969 m над Земјата. Тој помина во слободен пад рекордни 36 403 метри, соборувајќи го рекордот на Китингер и при тоа пробивајќи ја и звучната бариера, постигнувајќи брзина од 1,25 мах. Милиони луѓе кои го следеа настанот во живо, видеа како неговиот падобран се отвори на висина од 2560 m по што тој безбедно се спушти на земјата. Сега, десет години подоцна, за да го одбележи јубилејот Ред Бул објави пригоден документарен филм – “Скок од вселената: Како Ред Бул Стратос го привлече вниманието на светот”, со досега невидени слики и перспективи, славејќи ја цврстината и наследството на мисијата на еден човек.
Филмот открива дека подготовките за скокот, коишто се очекувало да траат само 24 месеци, траеле неколку години. „Мислевме дека ќе ја изградиме капсулата, ќе го изработиме костимот под притисок, ќе вежбаме некое време, а потоа ќе одиме до стратосферата и ќе се вратиме на Земјата со суперсонична брзина“, изјавил Баумгартнер за CNN.
Скокот, иако во основа се чинеше како обичен авантуристички хир, во голема мера влијаеше на светот и на научните истражувања, понуди „значајни увиди за програмите за развој на воздухопловството и на вселенската технологија“, се вели во соопштението за печат на Ред Бул. „Ефектот што тој го имаше на глобално ниво врз образованието и врз следната генерација на воздухопловни или вселенски инженери беше огромен“, рече во изјавата Арт Томпсон, технички директор на проектот. „Дополнително, за системот за обезбедување животни услови што го дизајниравме на капсулата, ја користевме таа технологија и податоци за да ја промениме конфигурацијата на системите за обезбедување животни услови кај [млазните авиони што летаат на големи височини, тука вклучувајќи го и авионот ] U-2.”
Во интервјуто за Форбс, Баумгартнер рече: „Интересно ми е што по десет години сè уште има толку многу ентузијазам и почит за она што го постигнавме. Тоа значи дека направивме нешто како што треба“. Запрашан од новинарот на Форбс, каков е погледот од работ на вселената, Баумгартнер одговорил: „Небото станува навистина црно. Ја оставивте атмосферата зад себе и сте во стратосферата. Тоа е мошне сурово, непријателско опкружување. Ќе влезеш ли во ковит? Ќе можеш ли да излезеш? Што ќе се случи кога ќе ја постигнеш брзината на звукот? Погледот е едно, а сите неодговорени прашања нешто сосема друго. Така што кога ќе тргнете, ќе забрзате како луд во непознатото и ќе видите што ќе се случи“.
Иако нам на екраните ни изгледаше лесно, за Баумгартнер сите работи не течеле како подмачкани. Неколку моменти откако Баумгартнер поминал во слободен пад, додека забрзувал до брзината на звукот, падобранецот продолжил неконтролирано брзо да се врти хоризонтално. Таквото вртење може да доведе до губење на свеста, што може да значи дека падобранецот нема да биде способен да го повлече падобранот. Но, Баумгартнер претходно направил повеќе скокови на помали височини и веќе бил искусен. Тој се освестил на време, излегол од хоризонталната ‘центрифуга’ и со време го активирал падобранот, слетувајќи безбедно.
По мисијата, Баумгартнер пилотираше со акробатски хеликоптер на повеќе аеромитинзи. Тој, исто така, продолжува да ги изведува своите акробации со бејс-џампинг. Денес, тој е еден од само неколкуте пилоти на акробатски хеликоптери ширум светот.