Опремен со ултразвучен длабиномер (сонар) и батиметриска мапа, со чамец тргнав преку Преспанското Езеро. Цел –да се лоцира точката во македонскиот дел со најголема длабочина. Патеката водеше од Асамати, на североисточниот брег од езерото, кон Коњско, на југоисточниот брег, при што на секој изминат метар “дневникот на патувањето” се ажурираше со прецизни записи од мерењата на длабочините и со координатите каде тие биле направени. Па, еве ги резултатите од оваа септемвриска научна авантура ...
Одлучив да ја лоцирам точката со најголема длабочина во македонскиот дел од Преспанско Езеро – 28,4 m. За таа цел со чамец се упатив од Асамати, на североисточниот брег од езерото, кон Коњско, на југоисточниот брег, поточно кон точката кадешто според една батиметриска мапа што ја најдов би требало да се наоѓа најдлабокото место (види слика 1, 2 и 3). Приближно на секој километар ги снимав координатите и ги мерев длабочините со ултразвучен длабиномер – сонар.
Слика 1: Батиметриската мапа според којашто се раководев при ова мерење
На почетокот од трасата, на само еден километар од Асамати беше регистрирана прилично голема длабочина од 20 метри, во познатата Асаматска потонатина – ров (на четвртата слика). Со оддалечување кон југозапад, длабочината наместо да се зголемува, започна да се намалува, така што на поголемиот дел од трасата длабочината изнесуваше помеѓу 11 и 12 метри, што е прилично разочарувачки. Врз основа на мапите, најголемиот дел од дното од езерото, можеби 80% е рамен како тепсија, така што не верувам дека просечната длабочина моментално надминува 13 метри. Впрочем и на оваа траса тоа добро се гледа. Големите длабочини се повеќе исклучок, отколку правило, бидејќи намерно се движев кон нив.
Слика 2 (лево): Трасата на мерењето на длабочината со 10 мерни точки. Слика 3 (десно): Точката Т2 на најголема длабочина се наоѓа на само 630 метри источно (на азимут 80 степени) од `ртот Коњско. Најголемата измерена длабочина изнесува 28,4 m, при кота на површината на Преспанско Езеро 842,16 m, на ден 9.9.2022 година
После 7,5 km од Асамати, односно околу 1,5 km од Коњско, длабочината започна нагло да се зголемува. Со приближувањето кон бараната точка (Т1) од мапите, практично како да се отвори амбис, односно јама. Беше многу возбудливо.
Интересно е што најголемата длабочина не беше според провизорно определаната позиција Т1 од мојата батиметриска мапа, туку малку пред неа. Затоа се вратив малку наназад кон северозапад, кон претходниот максимум на длабочината, пред длабочината да започне одново да опаѓа. Тогаш се завртив за 90 степени и продолжив кон југоисток (на петтата слика). Бидејќи длабочината во таа насока започна да опаѓа, се завртив за 180 степени, кон северозапад. Веслајќи и мерејќи во таа насока најдов нов максимум. Со неколку повторени маневри, според методата „проба и грешка“ од математиката, барајќи локални максимуми приближно ја определив областа на дното на јамата. Географските коорднатите се: 40°54'49.8"N 21°00'06.6"E (40.913829, 21.001825). Таа не беше многу голема по површина, можеби сé на сé околу 3-4 ари, односно круг со дијаметар од дваесетина метри. Самата јама, пак, има површина од неколку хектари.
Слика 4: Попречен профил на Преспанско Езеро од Асамати до `ртот Коњско. Најголемата длабочина е измерена на само 630 метри од `ртот.
На третата слика се гледа релативната положба на точката Т2, местото на најголема длабочина, во однос на `ртот Коњско (односно „ротот“, по преспански). Оваа точка се наоѓа на околу 630 метри источно (поточно на азимут 80 степени) од врвот на `ртот. Максималното покажување според сонарот изнесуваше 28,2 m, односно земајќи ја предвид длабочината на сондата од 0,2 m, се добива дека најголемата длабочина изнесува околу 28,4 m. Ова важи при кота на површината на Преспанско Езеро од 842,16 m, на ден 9.9.2022 година. Бидејќи нивото на езерото е намалено за околу 11 метри во однос на максимумот во 1962 година, можеме да заклучиме дека тогаш длабочината изнесувала околу 40 m.
За појаснување, најголемата длабочина на езерото не се наоѓа во македонската акваторија, туку во акваторијата на Грција, во месноста Глубина, на влезот од Нивичкиот залив. Таму длабочината веројатно моментално изнесува околу 44 m.
Интересно е што при едно од мерењата во зоната на „јамата“, сонарот даде сигнал за јато риби на длабочина од дваесетина метри, како и карпи на дното. Сигнал за треви на дното немаше. Ова беше прв пат да добијам сигнал за карпи, бидејќи целото езеро има меко дно, односно покриено е со тиња. Што може ова да значи? Дали можеби токму тука езерото истекува, односно понира под Галичица, така што ја плакне тињата и ги соголува карпите?
Следната година планирам да се вратам на местото и да спушам ендоскопска сонда со телевизиска камера и осветлување, па работите можеби ќе станат појасни. Би било добро доколку во јамата се спуштат и нуркачи, но поврзани со јаже за чамецот, за да не бидат „вшмукани“ од подводната струја, доколку ја има. На длабочина од триесетина метри хидростатичкиот притисок изнесува околу 3 бари, така што доколку има отвор, тој се однесува како млазница, откаде водата МОЖЕБИ истекува со голема брзина. На површната нема никаква манифестација на истекување.
Слика 5: Ова што изгледа како чкртаници, всушност е одографот на чамецот во потрага на точката со најголема длабочина
Речиси е нестварно што точката Т2 на најголема длабочина се наоѓа толку блиску до брегот. На вода сите растојанија изгледаат пократки отколку на копно, така што `ртот Коњско изгледаше како на дофат на рака. Тоа е лоша вест и за потенцијалното истекување од езерото, бидејќи планината Галичица, кадешто доминира варовникот, се наоѓа толку блиску до толку длабока точка, каде што притисокот на водата е голем.
Доколку езерото продолжи да губи вода со ова темпо (нивото е намалено за 11 m за 60 години), после само 70 години би можело да излезе сегашното дно на езерото, во централниот дел како голем остров во средината на ова што би останало од езерото. Впрочем, постојат докази дека во минатото денешното Големо Преспанско Езеро било поделено на две помали езера – западно и источно. Во контекст на глобалното затоплување во овој век, ваквото неповолно сценарио не треба да се отфрли.
Инаку, освен оваа точка, во близина на Галичица има уште една точка со голема длабочина, во насока кон Стење, но таму длабочината е помала отколку кај Коњско.
На крајот би сакал со задоволство да заклучам дека најдлабоката точка прилично добро се поклопува со местото од мапата, со отстапување од околу 180 m кон североисток. Мерењето на длабочината по апсолутна вредност не мора да значи дека е најточно, но позицијата на точката е прилично добро определена.
Слика 3: Точката Т2 на најголема длабочина се наоѓа на само 630 метри источно (на азимут 80 степени) од `ртот Коњско. Најголемата измерена длабочина изнесува 28,4 m, при кота на површината на Преспанско Езеро 842,16 m, на ден 9.9.2022 година.