Германскиот производител на автомобилски делови MAHLE, со седиште во Штутгарт, разви високоефикасен индукциски мотор без магнети чиешто производство е еколошки поодржливо, а истовремено и поевтино споредено со другите мотори од тој тип. И, како бонус, моторот не бара одржување. Компанијата вели дека ги комбинирала силните страни на различни концепти за електрични мотори во еден производ, овозможувајќи ефикасност од „преку 95% на речиси сите работни точки“ –ниво досега постигнато само кај спортските автомобили во Формула Е.
Новиот мотор на MAHLE всушност е стариот индукциски мотор, но со подобрено ладење што овозможува повисока ефикасност, со што се приближува до моторите со перманентни магенти – тоа е неговата предност пред класичните индукциски мотори. Новиот мотор има фино нагоден дизајн којшто овозможува генерирање на вртежен момент со безконтактен пренос на енергија, што значи дека нема абење, а истовремено е и многу ефикасен при големи брзини. Кога се користи, безжичниот предавател испраќа наизменична електрична струја во роторот. Ова индуцира струја во приемната електрода, која пак ги полни бакарните магнетни намотки за да произведе електромагнетно поле што ги врти намотките и генерира вртежен момент.
Овие магнетни намотки ги заменуваат постојаните магнети, што вообичаено се изработени од неодиум-бор-железо, самариум-кобалт или ферит, кај традиционалните ЕВ мотори. На местото каде што тие вообичаено се сместени во ЕВ моторот, MAHLE и другите дизајнери кај асинхроните мотори оставаат воздушен јаз за да го спречат абењето. Од MAHLE истакнуваат и дека нивниот дизајн е лесно приспособлив и може да се вгради во речиси сите возила – од субкомпактни до комерцијални товарни возила. Некористењето на магнети, а со тоа и на ретки елементи од природата, нуди голем потенцијал не само од геополитичка перспектива, туку и во однос на одговорното користење на природата и ресурсите. И ова е клучна предност на сите индукциски мотори (вклучувајќи го и новиот мотор на MAHLE) во однос на моторите со перманентни магнети – не се користат и трошат природните ресурси потребни за изработка на перманентните магнети.
Од MAHLE велат дека при креирањето на новиот дизајн користеле најсовремен процес на симулација што им овозможил постепено да ги приспособуваат и комбинираат параметрите на различни дизајни од мотори, со цел да се најде најоптималното решение.
Неодамнешниот бум во производството на електрични возила ги натера производителите на автомобили стационирани надвор од Кина, да работат напорно на развојот на електрични мотори што не користат постојани магнети. Ова се должи на тоа што овие магнети користат ретки метали, чиешто ископување е најчесто штетно за животната средина. Но, исто така, материјалите во голема мера се ископуваат и се обработуваат во Кина. Имено, над 90% од светските ретки елементи во моментов се користат во индустријата потекнуваат од Кина. Ова за кинеските производители на електрични возила значи дека тие имаат одредена стартна предност при производството на традиционални ЕВ мотори, нешто што другите производители, межу кои и MAHLE, се обидуваат да го надминат.