Употребата на дронови е сè поголема и распространета е во сè повеќе сфери од секојдневното живеење. Неодамна и јас имав прилика да летнам со дрон на пријател – моделар од Скопје, и ја сфатив убавината на оваа направа. Едноставна, сигурна за летање, подобра и од радиоуправувани модели. Но, во овој текст ќе се осврнам за употребата на дроновите во земјоделието, поточно на еден дрон специјализиран за оваа намена.
Рекон претставува мултикоптерско летало за еден патник/пилот, а е производ на американската компаниаја Ryse Aerotech. Својот прв тест со пилот леталото го имаше во месец јуни оваа година. Ова електрично летало со можност за вертикално полетување и слетување (еVTOL – electric vertical take-off and landing) не е дизајнирано за урбани средини или патувања, туку е наменето за фармерите и за сточарите.
Рекон се претставува како ултралесен авион (дрон) за чијашто набавка и оперирање нема потреба да се поседува пилотска дозвола, па оваа летечка “справа” на овој начин станува, барем условно, достапна за сите.
Ryse Aerotech се надева дека Рекон ќе се покаже како практично решение за земјоделците и сточарите да ги обиколуваат нивните големи поседи. Со негова помош тие ќе можат релативно лесно да пристапат до тешко достапни области кои инаку претставуваат предизвик за пристап по земски пат. Помислете на помошта што Рекон може да им ја понуди на фармерите кои трагаат по некое грло изгубен добиток, со овој дрот тие ќе можат да покријат големи растојанија и територија во обид лоцираат и вратат заскитаното добитче на нивниот имот.
Рекон има форма на мултикоптер, во стил на дрон. Погонуван е од шест мотори, и има само едно седиште во средината на воздухопловот, односно дронот. Мултикоптерот може да врши полетување и на вода и на копно, и поради вертикалното полетување/слетување нема потреба од писта.
еVTOL-от е изработен од алуминиумска рамка, тешка околу 130 kg и може да носи товар до 90 kg. Батеријата на Recon напојува лет од 25 минути, при што тоа може да покрие радиус од приближно 40 километри, во зависност од умешноста на пилотот и од временските услови. Иако производителот тврди дека батериите се евтини, ова е малку дискутабилно. Но, она што е погодно е што тие се заменливи – како и кај електричните алати, корисниците можат да поседуваат резервен комплет што на лице место ќе го монтираат. Максималната брзина којашто ја постигнува воздухопловот е до 93 km/h.
Едноставната кабина е опремена со двоен џојстик, а безбедноста на летот е подобрена со технологија што може да ги почуствува и избегне пречките. Воздухопловот има можноста за ограничвување на максимална височина на летање на околу 210 m над тлото. И покрај овие предности, употребата на Recon, сепак, веројатно ќе биде ограничена за оптимални временски услови, со слаб ветер, што малку ја ограничува неговата полезност.
Дизајнот на Рекон овозможува евтино одржување (за оние што ќе можат да си дозволат да го набават) и лесно управување. Имено, се проценува дека леталото ќе чини околу 150 000 американски долари и ќе стане комерцијално достапно во првиот квартал од 2023 година.
Recon претставува прв производ на компанијата Ryse наменет за употреба во агрономијата, геодетството, земјоделието и другите рурални сектори. Наспроти вселенската воздушна мобилност, овие пазари остануваат релативно неискористени. Во таа насока Recon претставува навистина интересно решение.