НАСА објави две нови слики од податоците собрани од вселенскиот телескоп Џејмс Веб кои откриваат неверојатни детали за најголемата планета во Сончевиот систем. Податоците користени за обработка на сликите биле снимени кон крајот на јули со помош на блиско-инфрацрвената камера на телескопот, која ја набљудува во светлинското подрачје на нешто подолги бранови должини од оние на црвениот крај од видливиот спектар. Набљудувајќи го Јупитер на овие бранови должини надвор од подрачјето на видливата светлина, моќниот вселенски телескоп беше во состојба да открие детали што претходно не биле забележани.
На една од фотографиите јасно е забележлива поларната светлина од обата пола којашто се должи на моќното магнетно поле на Јупитер. Боите на овие слики се “лажни”. имено инфрацрвената светлина е невидлива за човечкото око, па за потребите на оваа фотографија детектираната светлина е мапирана во видливото спектрално подрачје. Сјајот на аурорите е “фатен” со филтер кој ги мапира боите блиски до поцрвениот дел од спектарот, поради емисиите од јонизиран водород што потекнуваат од нив.
Големата црвена дамка на Јупитер, исто така, се издвојува на новите снимки, но за разлика од снимките направени во видливиот дел од спектарот таа на снимките од Веб изгледа бела наместо црвеникава. Оваа бела боја се должи на рефлективноста на врвовите од облаците во горните делови од атмосферата на Јупитер. Втората слика дава поширок поглед на јупитероовиот систем и на неа се видливи тенките прстени на планетата, две од помалите месечини и вистинскиот досег на сјајот од поларната светлина на планетата. Јупитеровите прстените се исклучително тешки за набљудување оддалеку, бидејќи се 1 милион пати побледи од планетата. Во задината на фотографијата се видливи и далечни галаксии.
Зошто е потребно толку многу време за научниците да се обработат овие слики? Едноставниот одговор е дека вселенскиот телескоп Џејмс Веб не прави директни фотографии што едноставно можат да се пренесат назад на Земјата, како што тоа е случај со Хабл, на пример. Наместо тоа, детекторите на Веб испраќаат необработени податоци за интензитетот на светлината “фатен” од детекторите на Веб до Научниот институт на вселенскиот телескоп во Балтимор, Мериленд. Потоа, научниците, вклучително и истражувачите на НАСА, ги преведуваат тие податоци во слики, а најдобрите од нив ги објавуваат јавно.
Податоците од Веб се јавно достапни па и дури и “куќните” научници можат да ги користат овие податоци за обработка на слики. Па така овие нови слики на Јупитер, ги обработи Џуди Шмит од Модесто, Калифорнија. За фотографијата на која се видливи помалите сателити, таа соработувала со Рикардо Хуесо од Универзитетот во Баскија во Шпанија, кој ги проучува планетарните атмосфери.